Го знаеме тоа чувство, браќа Гренланѓани

  • И во случајот со Гренланд и во македонскиот случај се повторува истата матрица: кога си мал, кога немаш економска и воена тежина, твојот глас лесно се релативизира. Големите зборуваат за стабилност, за ред, за интереси, а малите добиваат лекции за трпение и реализам. Правото на самоопределување се признава декларативно, но практично се условува
  • Ова не е спор за тоа дали Гренланд треба да биде американски, дански или независен. Исто како што македонското прашање не беше и не е спор за географија, туку за достоинство. Суштинското прашање е едноставно и непријатно: Дали светот навистина верува во правото на идентитет или тоа право важи само кога не им пречи на моќните?

Американците го сакаат Гренланд. Данците не го даваат Гренланд. Геополитиката е јасна, интересите се големи, мапите се прекројуваат со студена прецизност. Но во целата таа голема игра на моќ, едно прашање упорно останува на маргините: Ги прашал ли некој самите жители на Гренланд што сакаат?
Во јавниот дискурс Гренланд најчесто се појавува како територија, ресурс, стратегиска точка на Арктикот. Ретки се моментите кога се спомнува како дом, дом на народ со свој јазик, култура, историја и чувство на припадност. Инуитите не се фуснота во геополитичките анализи, туку живи луѓе со право да одлучуваат за сопствената иднина. Или барем така би требало да биде во 21 век.
Данска формално зборува во име на Гренланд, повикувајќи се на уставен поредок и историски врски. САД, пак, гледаат економска и воена логика – ретки минерали, безбедносни коридори, глобално позиционирање. Но меѓу тие два гласа, гласот на самите Гренланѓани често се губи. Прашањето не е само со кого ќе бидат, туку и дали имаат право сами да одлучат што сакаат да бидат.
Токму тука оваа приказна станува болно позната и за нас. Македонија со децении е пример како помалите нации стануваат предмет, а не субјект во регионалните и меѓународните односи. Грција и Бугарија, секоја на свој начин, си зедоа за право да го оспоруваат нашиот идентитет, јазик, историја – како тие да се нешто за што треба дозвола од посилен сосед. Прашањето „што сакаат самите Македонци“ предолго беше заменето со „што е прифатливо за другите“.
И во случајот со Гренланд и во македонскиот случај се повторува истата матрица: кога си мал, кога немаш економска и воена тежина, твојот глас лесно се релативизира. Големите зборуваат за стабилност, за ред, за интереси, а малите добиваат лекции за трпение и реализам. Правото на самоопределување се признава декларативно, но практично се условува.
Ова не е спор за тоа дали Гренланд треба да биде американски, дански или независен. Исто како што македонското прашање не беше и не е спор за географија, туку за достоинство. Суштинското прашање е едноставно и непријатно: Дали светот навистина верува во правото на идентитет или тоа право важи само кога не им пречи на моќните?
Ако не ги прашаме Гренланѓаните за нивната судбина, тогаш целата приказна за демократија и слобода станува празна фраза. Ако го игнорираме нивниот глас, утре некој друг ќе биде „премал“ за да биде слушнат. Македонија го знае тоа од прва рака.
Историјата нè учи дека малите народи ретко го добиваат тоа што го заслужуваат, но секогаш скапо плаќаат кога нивниот глас се игнорира. Затоа прашањето за Гренланд не е далечна арктичка приказна. Тоа е огледало во кое и ние добро се гледаме.