Збогум, Румелијо – добре дојдовме, Македонијо

„Што ни се криви Турците што ние сме биле петстотини години под нивно ропство“, иронизира во својот познат стил мојот кумашин Братислав Димитров, драматург и „познат и признаен“ колумнист, во маалска „берберска“ дебата што ја водевме пред дваесетина години по повод изјава на тогашен министер за информатичко општество – на тема виртуелното продолжување на петвековното турско ропство. Амбициозни (крвожедни) журналисти ја потфатија таквата „несоодветна“ изјава и ја раширија темата до усвитеност. Потврда дека работата е сериозна и допре и во меѓународните односи, за што сведочи и изјавата на тогашниот премиер, кој оваа вербална несмасност ја прогласи за несоодветна и додаде: „Македонија со Турција има одлични пријателски односи. Турција е наш голем поддржувач, генерално и во меѓународните односи и во секаква смисла. Изјавата на тогашниот министер за информатичко општество и администрација беше протолкувана како вадење од контекст, во смисла дека турските серии ќе бидат забранети. „Никогаш не сме помислиле да забрануваме чии било серии и од која било држава да се тие“ итн.
И покрај целата оваа мешаница, која ги допре и меѓународните односи, едно е сигурно, полека созрева свеста за деликатноста и важноста на странската, но и домашната телевизиска и филмска продукција во медиумското живеење, препознавање и доживување. Се отвора тема што подразбира и е во доменот на естетско-визуелните, но и на суштествените идентитетски прашања.
Да се навратиме на темата што ја следи и опсервира програмската понуда во медиумите во Македонија.
Либерализацијата на медиумскиот сектор не беше резултат на осмислена медиумска политика, туку повеќе на хаотично развивање на дејноста. Во практиката тоа значеше не само недостиг од цврсти изградени критериуми за влез на сериозни и професионални конкуренти на пазарот, туку и препуштање на медиумскиот бизнис на моќници и други поединци што поради различни мотиви имаа амбиција само да станат сопственици на медиуми и да ги користат медиумите за влијание или интерес. Преголемата конкуренција на пазарот влијаеше врз континуирано опаѓање на квалитетот на програмите што ги произведуваат и емитуваат домашните телевизии: „Многу радиодифузери и финансиски и политички го злоупотребуваа медиумскиот простор, но и непречено и неконтролирано увезуваа и емитуваа странска програма неадекватни содржини, од турбофолк, преку порнографија, до говор на омраза…
А што се однесува на меѓународните односи, едно мало потсетување. На 14 април 1969 година, со воведувањето на првата информативна емисија на турски јазик на ТВ Скопје, првпат во етерот (редовно) се емитуваа вестите на турски јазик. Некоја година подоцна првпат токму на тогашната Македонска телевизија беше емитувана програма во боја на турски јазик. Така било тоа во минатото, што е можеби уште една од причините зошто македонското гледалиште ги сака турските серии, освен блискиот менталитет, традиција, навики.

Но, да се вратиме на темата. Турците воопшто не се виновни што во македонскиот етер, освен два-три чесни исклучока, долго време нема сопствена играна продукција. Одвреме-навреме ќе се појави понекое репризно емитување на наслови како „Волшебното самарче“, „Наши години“, „Итар Пејо“ или култниот серијал во четири продолженија „Илинден“, колку да нѐ потсети за силата на домашната играна продукција. За снимањето на таа серија се носеа топови од Мостар, коњи и каскадери од Пула, костими од „Јадран филм“ од Загреб, кои се вткаени, видливи и препознатливи во клучните масовни сцени на пресметка со Турците во Илинденското востание, на Мечкин Камен, во Крушево, Битола. Тоа се параметри што познавачите на филмската и телевизиска продукција знаат колку чинат, како и напорот и продукциската кондиција што се потребни за да се произведе. За волја на вистината, и тие филмски битки со Турците главно ги губевме…
Битката за домашна филмска продукција континуирано ја губиме два-триесет години. Најпрвин се мислеше дека тоа е дел од некаков процес на трансформација на големите (вистински) продуценти како „Вардар филм“, Македонската радио-телевизија, раситнување огромни средства на над сто „продуценти“ во некакви докрај неразјаснети околности и конкурси, со резултати што ги знаеме, сите одат до границите на нашата татковина, на понекој фестивал, во придружба на агресивен пиар. А Турците брзо го капираат потенцијалот на телевизиските серијали и продукции. Пред десетина години се враќаат кај нас да сработат и да ни покажат кој пат да го фатиме. Во Битола и во околината неколку години се снимаше ТВ-серијата „Збогум, Румелија“, која ангажираше голем дел од македонските филмски работници. Следно и во Скопје и околината пред некое лето се снимаше и досними турската ТВ-продукција „Балканска приспивна песна“. Им благодариме и за таквиот вид ропство.

Создавањето домашна продукција е прашање за кое не може да ни биде виновна Турција ниту, пак, кој било друг. Ако не се турските серии, ќе бидат некои други. Создавањето домашна продукција е наша домашна работа, наш проблем на кој треба што поскоро да се осврнеме, а не да обвинуваме некој друг за тоа. Проблемот е наш и е решлив. Еден дел од проблемот е дисконтинуитет на искусни оперативни кадри што намерно или ненамерно се исфрлени од строј. Но со активирање две-три продукциски сериозни зафати – голема играна серија, неколку детски играни образовни жанрови, квалитетен ентертејмент, документарна креативна програма – можна е и брза кадровска консолидација во од. Низ продукциските зафати ќе се активираат постари искусни кадри во содејство со млади и образовани профили. Оставањето на овие деликатни задачи на транзициските и рецесиските ветромети и на апетитите на бизнис-целите и медиумскиот волунтаризам е рискантно. И за крај информација, реакција и мислење од компетентен гледач, слушател, читател – во светот има околу 250 милиони Турци. Некои од нив живеат во свои држави, иако не се словат како Турција. Почнувајќи од Азербејџан и така натаму. Постои и друга димензија во врска со 500-годишното турско ропство и изјавата на недокваканиот министер. Може да се нарече и оквалификува како владеење на Османлиската Империја. Ако беше тоа ропство, ниту еден Македонец денес не ќе зборуваше македонски. Пример за тоа се некои азиски и африкански земји далеку поголеми од Македонија, кои во многу пократок период беа асимилирани (се мисли на јазикот) од некои европски земји. Додека ваму за 550 години не се интервенирало ниту на јазикот ниту на црквата на македонскиот народ. За тоа дали тоа било ропство, можевме да муабетиме по гледањето на некои епизоди од турската „Балканска приспивна песна“ што се снимаше и досними во Ушкуп – Скопје, пред некоја година или во некои наредни филмски, телевизиски проекти, како и во некои градежни засилени инфраструктурни активности, силна туристичката, културна поврзаност и економска присутност.

Аљоша Симјановски