Дали студиските програми не ги следат потребите на пазарот на трудот

Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (12)

  • Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Постсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме дванаесеттото, последно продолжение

Дел од студиските програми не ги следат модерните трендови, што ја намалува нивната атрактивност и го прави македонскиот високообразовен систем помалку конкурентен во споредба со земјите од регионот. А тоа го потврдуваат и студентите, кои констатираат дека при изборот на студиска програма, студентите се соочуваат со недостиг од информации за различни опции за студирање поради непостоењето на јавно достапни информации (на пример, онлајн репозиториум) за сите достапни студиски програми, квалификациите што се стекнуваат, вработливоста и, воопшто, повратот од студирањето. При изработка на студиските програми, деловната и општествената заедница не се доволно вклучени, што резултира со недоволна усогласеност на вештините со потребите на пазарот на трудот, како и потежок премин на дипломираните студенти кон работа.
Всушност, недостигот од соработка и координација меѓу универзитетите и стопанството претставува една од клучните слабости на студиските програми, но и на иновацискиот потенцијал во научно-истражувачката дејност. Примената на знаењето преку практична работа има ограничено место во студиските програми, а и кога е предвидена, нејзиното следење и оценување не се реализираат на соодветен начин. Исто така, постои недостиг од иновативни програми (на пример во областа на дигиталните и зелените вештини или вештачката интелигенција), како и на флексибилни форми на образование (кратки стручни програми), кои би одговориле на динамичните промени на глобалното општество и економија. Недостигот од вакви програми дополнително ја ограничува можноста за побрза преквалификација и доживотно учење, што е неопходно за современите пазари на трудот. Затоа, потребно е системско ажурирање на постојните студиски програми и воспоставување механизми за нивна редовна ревизија во консултација со работодавците и професионалните комори. Во планирање и имплементација на високообразовната политика, потребно е улогата на високото образование, односно на студиските програми, да се согледа во поширок контекст, со цел образованието да придонесува кон економски раст и кон градење силен човечки капитал втемелен во концептот на „општество засновано на знаење“.

Што е потребно да се знае во однос на квалитетот на студиските програми

Квалитетот на студиските програми влијае и на квалитетот и соодветноста на работните места на дипломираните студенти. Во 2020 година, само 63,5 отсто од македонските студенти на возраст на 20-34 години биле вработени до три години по дипломирањето, што е далеку пониско од европскиот просек од 83,7 отсто (Еуростат). Постои релативно висока хоризонтална и вертикална неусогласеност на стекнатото образование и работните места на дипломците, а поддршката за полесна транзиција кон пазарот на трудот е слаба. Според спроведена студија на Светската банка (за генерацијата дипломци од 2022/2023), вкупната вработеност на дипломците е 70,1 отсто, но дури 19,3 отсто се наоѓаат во категоријата НЕЕТ 9 и не се ниту вработени, ниту во образование или обука). Истражувањето покажува и дека 22 отсто од дипломците се чувствуваат преобразовани бидејќи работат на позиции за кои не се бара факултетска диплома. Овие наоди укажуваат дека покрај проширувањето на пристапот, суштински е неопходно унапредување на квалитетот и релевантноста на студиските програми за да се обезбеди подобро усогласување со потребите на пазарот на трудот и повисок квалитет на работните места.
Зошто процесите на акредитација и реакредитација на студиските програми во Република Македонија се соочуваат со сериозни предизвици што ги забавуваат развојот и квалитетот на високото образование, кога недостигаат построги критериуми за процена на квалитетот и релевантноста на програмите, особено во однос на капацитетите за нивна имплементација и усогласеност со потребите на пазарот на трудот и современите образовни трендови. Во пракса, процедурите повеќе се фокусираат на формални барања отколку на суштинска евалуација на наставната содржина, методологијата и практичните компоненти-што доведува до непотребна експанзија на бројот на акредитирани програми. Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО) и Одборот за акредитација не располагаат со достапна ажурирана листа на акредитирани студиски програми во земјава и други важни показатели за продлабочени анализи, кои би служеле како основа за формирање на високообразовната политика. Сериозен предизвик е и недоволниот капацитет на телата како АКВО што го спроведуваат процесот. Ова ја намалува способноста на системот да создава и да адаптира нови, иновативни програми и негативно влијае врз конкурентноста на македонските универзитети на европско и меѓународно ниво.

Зошто механизмите за обезбедување квалитет на високото образование се недоволно развиени во високото образование. Дали проблемот е објективен или субјективен?

Постапките за надворешна и внатрешна евалуација, кај македонските универзитети сѐ уште не се во целосна согласност со начелата на Стандардите и насоките за обезбедување квалитет на европскиот простор за високо образование (ЕСГ 2015). Иако во 2020 година беше формирана АКВО (моја констатација со задоцнување од повеќе од две години по донесувањето на Законот за високо образование во мај 2018), сѐ уште не е испочитувана законската обврска за редовно спроведување надворешни евалуации. Како резултат на овие недоследности, агенцијата не е полноправен член на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование (ENQA). Истовремено, внатрешните евалуации на универзитетите не секогаш се спроведуваат како вистински механизам за себеподобрување, туку повеќе како формална обврска. Како што е наведено во извештајот на Европската комисија за 2025 година, главниот предизвик останува подобрување на квалитетот на високото образование преку развој на процесите за акредитација и обезбедување квалитет. Реформската агенда на Република Македонија предвидува дека до крајот на 2027 година најмалку 90 отсто од акредитираните јавни и приватни високообразовни институции ќе треба да имаат функционални системи за обезбедување квалитет (внатрешни и надворешни) и да објавуваат извештај за квалитет, со најмалку 80 отсто усогласеност со ЕСГ 2015.
Што забележува Светската банка во доменот на внатрешната организација на македонските универзитети. Укажува дека на дел од државните универзитети постои недостиг од оперативна и програмска синергија, при што факултетите функционираат како „мали засебни универзитети“, честопати конкурирајќи си еден на друг во привлекувањето студенти. Таквата фрагментираност ја намалува административната и содржинската ефикасност во користење на расположивите финансиски и човечки ресурси и ги прави помалку конкурентни во однос на странските универзитети, кои имаат интегрирани системи што ги зголемуваат нивната видливост и препознатливост. Дополнително, флуктуацијата на кадар и соработката внатре во еден универзитет, како и помеѓу универзитетите во државата, остануваат на ниско ниво, што ја ограничува размената на идеи, знаења и добри практики. (Модерно управување за македонските универзитети: Меѓународни трендови и можности за реформи. Светска банка.)
Недостигот од интегриран национален систем на податоци и евиденција во високото образование претставува една од најзначајните пречки за поефикасно креирање, следење и оценување на јавните политики. Со воспоставување конзистентна и поврзана база на податоци и континуиран мониторинг би се овозможиле подобро планирање, транспарентност и унапредување на квалитетот на целиот систем.
Националната развојна стратегија 2024-2044, како и предлогот на Националната програма за високо образование и други фокусни групи, укажува дека сегашниот модел на финансирање на високото образование и наука е застарен и претставува една од главните пречки за развој, стратешки планирања и за иновативност. Без модерен, предвидлив и резултатски ориентиран модел на финансирање, тешко е да се обезбедат одржлив напредок и модернизација на високото образование. Дополнително, сегашната алокација на средства според минат учинок има ограничувачки карактер и не создава стимул за подобрување на квалитетот и за приспособување кон идните потреби. Во идниот период, неопходно е да се пристапи кон структурна реформа на финансирањето со крајна цел воспоставување нов модел заснован на резултати и реализација на стратешки цели, за чии принципи веќе постојат анализи (Светска банка). Новиот систем треба да се темели врз начелата на транспарентност, ефикасност, стимулирање на квалитетот и интегрирање на социјалната димензија, со цел создавање подинамичен и конкурентен сектор на високо образование и наука и оптимална алокација на ограничените јавни ресурси.
Во делот на инвестициите во науката и развојот (Ар енд ди), Република Македонија останува на многу ниско ниво и значително заостанува зад европскиот просек. Според податоците на Евростат, државата издвојува помалку од 0,4 отсто од БДП за истражување и развој, што е далеку под просекот на ЕУ на околу 2,3 отсто. Во исто време, учеството на приватниот сектор во истражувањето продолжува да биде маргинално. Ова ограничено финансирање од страна на државниот, но и приватниот сектор ја намалува способноста на универзитетите и истражувачките институти да развиваат врвни проекти, да привлечат меѓународни средства и да соработуваат со деловната заедница во развој на иновации (предлог-програма за научно-истражувачка дејност за поширок преглед на предизвиците). Нискиот обем на јавни и приватни инвестиции, во комбинација со отсуство на стимул за истражувачите, доведува и до одлив на истражувачки кадар. Зголемувањето на вложувањата во наука и развој, како и воведување поттикнувачки механизми за универзитетите и компаниите, е клучен предуслов за создавање конкурентна економија базирана на знаење.
И покрај ваквите ограничувања, академскиот кадар во земјата успева да остане релевантен на меѓународната сцена преку учество во европски програми, регионални партнерства и индивидуални научни достигнувања. Сепак, одржливоста и проширувањето на овие резултати остануваат ограничени без системско и значително зголемување на инвестициите во истражување и развој.
Во однос на иновациите, иако се забележуваат одредени подобрувања, иновацискиот капацитет и понатаму значително заостанува под европскиот просек. Земјата сѐ уште е во групата на таканаречени „Иноватори во зародок/ Emerging Inovators“, со индекс на иновации што изнесува само 40 отсто од просекот на ЕУ, и покажува пад во однос на 2024 година (45,1 отсто). Според Европскиот иновациски рејтинг за 2025 година, заостанувањето е особено видливо во домените со деловните инвестиции во истражување и развој, бројот на патенти и комерцијализација на нови технологии. Во исто време, регионалните консултанти како Србија, Албанија и Црна Гора бележат континуиран напредок, со што се продлабочува јазот и се намалува конкурентноста на македонската економија во поширокиот европски контекст.
Карактеристично е тоа што академскиот кадар во Република Македонија речиси и да нема можност да се посвети исклучиво или делумно на истражувачка работа, што произлегува од преоптовареноста со наставни и административни задачи, но е поврзано и со неколку други фактори. Голем предизвик претставува ограничениот пристап до ресурси – како што се научни бази на податоци, опрема и финансиска поддршка – што дополнително го отежнува развојот на квалитетна истражувачка работа. Овие состојби ја ограничуваат научната продуктивност и го намалуваат потенцијалот за развој на иновации и меѓународна соработка. Во многу европски земји е востановена пракса наставниот кадар да има загарантирано време за истражување, што се обезбедува преку посебни договори, намален наставен фонд или преку програми за поддршка на истражувачки проекти. Воведувањето вакви механизми би овозможило поголема рамнотежа меѓу наставата и истражувањето, оптимална алокација на ресурсите, зголемување на квалитетот на научната работа и посилно вклучување на македонските универзитети во европскиот истражувачки простор.
Интернационализацијата на високото образование во Република Македонија се подобрува, но останува ограничена и нерамномерна. Универзитетите учествуваат во европски програми како „Еразмус плус“ (Erasmus+) и „Хоризонт Европа“ (Horizon Europe), а мобилноста на студенти и наставен кадар постепено расте. Сепак, овие активности се концентрирани во неколку поголеми универзитети, додека помалите институти имаат ограничен пристап и капацитет. Во извештаите на Европската комисија се нотира дека земјата е активен учесник во европските образовни процеси, но дека интернационализацијата сѐ уште не е системски интегрирана во политиките и стратегиите на универзитетите.
Дополнително, бројот на заеднички студиски програми со странски институции, двојни дипломи и меѓународни истражувачки проекти е мал, што го намалува потенцијалот за подигање на квалитетот и видливоста на македонските универзитети. Достапните податоци не даваат јасна слика за искористувањето на можностите за мобилност, ниту за бројот на дојдовен и појдовен кадар и студенти, што го отежнува креирањето соодветни политики. Недостигаат и податоци за бројот на студиски програми на странски јазик, заеднички програми и дуални програми. Дополнително, јавните политики не предвидуваат активни мерки за интензивирање на врските со научната дијаспора и за привлекување странски студенти и истражувачи, кои би придонеле кон интернационализација и подигање на квалитетот на високото образование. Со зајакнување и развивање на постојните, како и со создавање нови меѓународни партнерства, и преку доследна имплементација на инструментите за интернационализација на високото образование и науката предвидени во оваа стратегија, може значително да се унапредат квалитетот и конкурентноста на високото образование. Република Македонија е членка на Европскиот простор за високо образование (Болоњски процес) и треба да работи на целосно спроведување на клучните обврски според извештајот за спроведување на Болоњскиот процес од 2024 година, особено во однос на автоматското признавање и обезбедување квалитет (Европска комисија 2025. Извештај за Р Македонија).

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

крај