Што покажува истражувањето за подготвеноста за реформи во гимназиското образование

Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (6)

Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме шестото продолжение

Бирото за развој на образованието (БРО), во текот на првото полугодие на учебната 2024/2025 година, спровело истражување со цел да се идентификуваат и да се спроведат мислењата на учениците и наставниците во врска со различни аспекти од гимназиското образование за да може да се утврдат нивните преференции за промени што би придонеле за подобрување на гимназиското образование во Македонија.
За потребите на истражувањето била спроведена онлајн анкета со прашања со понудени одговори, при што на повеќето прашања е дадена можност за избор до три одговори. Во анкетата учествувале 80 отсто од наставниците од сите постојни гимназии и гимназиски паралелки во средните училишта во земјата (вкупно 1.772, од кои 74,4 отсто од македонски наставен јазик, 23,3 отсто од албански наставен јазик и 2,3 отсто од турски наставен јазик). Со анкетата биле опфатени 77 отсто од учениците од трета и четврта година од овие училишта (вкупно 7.110, од кои 72,2 отсто од македонски наставен јазик, 25 отсто од албански наставен јазик и 2,8 отсто од турски наставен јазик). Високиот процент на застапеност на наставниците и учениците во истражувањето овозможува добиените резултати да се третираат како податоци што го отсликуваат мислењето на две популации. Резултатите се:
• Наставниците (93,1 проценти) и учениците (93,4 отсто) се согласни околу потребата да се воведат промени во гимназиското образование. И за едните (наставниците) и за другите (учениците) најприоритетни се промените во тоа колку и кои предмети се учат (54,1 од наставниците и 62,1 отсто од учениците), при што учениците го стават акцентот на намалување на вкупниот број предмети, а наставниците на зголемување на бројот на изборните на сметка на задолжителните предмети.
• Во споредба со другите сфери на можни интервенции, промените во застапеноста на подрачјата на гимназиското образование не се смета за приоритет иако повеќето наставници (56,5 отсто) и ученици (65,1 отсто) сметаат дека подрачја не треба да има, со тоа што насочувањето треба самите гимназијалци да го прават преку избор или од понудени предмети на напредно ниво, или од понудени предмети од определена насока.
• Од исклучителна важност за наставниците е промените да обрнат внимание на тоа што ќе се учи во рамките на наставните предмети (54,7 проценти). Во врска со тоа, наставниците (49,1 отсто) очекуваат, преку изучувањето на предметите учениците да се оспособат да размислуваат и самите да изведуваат заклучоци (да се поттикне развојот на критичкото размислување). Додека за учениците (51,8 процент) е најприоритетно да им се овозможи да учат работи што се корисни во секојдневниот живот, за наставниците (42 проценти) е поважно во гимназијата да се учат работи што се корисни за натамошното образование.
• Учениците, независно во кое подрачје на гимназиското образование учат и на кој наставен јазик учат (42,4 отсто), препорачуваат, Психологија да прерасне во задолжителен предмет за сите гимназијалци. Помал дел од нив како корисни предмети ги сметаат и Логика и Менаџмент, а со оглед на тоа дека во иста категорија дел од учениците го сместуваат и предметот Економија, очигледно е дека се свесни за потребата гимназиското образование да ги подготви за економските предизвици со кои ќе се среќаваат во секојдневниот живот. Од друга страна за предметите Социологија и Филозофија, Ликовна и Музичка уметност, како и Физика и Хемија, кои сега го имаат статусот на задолжителни предмети во прва и втора година, учениците што учат во подрачјата на кои не им припаѓаат овие предмети препорачуваат да се исклучат или да останат само во подрачјето на кое му припаѓаат.
• За учениците многу е важно да се воведат промени во начинот на кој се одвива наставата (46 отсто) и како се оценува (41,4 отсто). Наставниците се согласуваат со нив дека е исклучително битно во наставата да се вклучат повеќе практични активности за да се олесни учењето (52,1 проценти од наставниците и 60 проценти од учениците), но се разликува мислењето околу наставните методи – додека за учениците е побитно да се учи преку истражувања и проекти (50,1%) за наставниците е поефикасно учениците преку дискусија за време на часовите самите да извлекуваат заклучоци (55,9 отсто).
• Во врска со оценувањето постои согласност (меѓу наставниците и учениците) дека е важно оценката да го земе предвид целокупниот ангажман на учениците на часовите (82,7 отсто од наставниците и 69,7 од учениците), наспроти тоа да се базира само на поените што се добиваат од тестовите/писмените работи. Исто така, за учениците (50,2 отсто) многу повеќе отколку за наставниците е важно однапред да им се каже што ќе се бара за да знаат и на кој начин ќе се оценува тоа.
• Промените во материјалите за учење не се сметаат за приоритет, иако изгледа им се поважни на наставниците отколку на учениците. Достапноста до печатени учебници за сите предмети е важна и за наставниците (71,7 отсто) и за учениците (54,85 отсто), но е поголем приоритет за наставниците. Дополнително, наставниците (56,5 отсто) особено инсистираат и на достапност на други материјали за учење, но не се знае дали се подготвени самите да ги креираат или очекуваат да им бидат на располагање како однапред подготвени.
• И наставниците (53,3 отсто) и учениците (59,3 отсто) би сакале училиштето да им нуди на учениците воннаставни активности што ќе бидат корисни и интересни. Наставниците (50,2 отсто) очекуваат од училиштето да им овозможи на учениците учество во општествено корисна работа.
Од горенаведеното истражување за нацртот на концепцијата и реформите во гимназиското образование искажано од страна на наставниците и учениците, може да се каже дека нивните согледувања се за респект, но останува потреба за натамошна јавна дебата и мислење и согледувања на повеќе чинители, како од самите практичари наставници, педагошките и наставничките факултети во Република Македонија, надворешни и домашни експерти и нивни искуства, невладини организации, родители и слично. А со тоа се дава можност за темелно образовно согледување и анализирање. Дали има расчекор на концепцијата за образованието помеѓу теоријата и практиката? Очекувам јавна и отворена дебата од сите чинители за доброто и просперитетот на образованието. И сѐ во најдобриот интерес на детето – учениците!
Што констатираaт понатаму во нацртот (НСО-2026-2032):
• Дека инфраструктурата и опременоста во гимназиските и уметничките училишта се недоволни, застарени и неусогласени со современи потреби за практична уметничка и лабораториска работа, односно како што се наведува, училиштата немаат современи лаборатории, уметнички студија, практични кабинети, ниту соодветна дигитална опрема. Условите значително варираат меѓу училиштата, што создава нееднаквост во пристапот до квалитетно образование. („Според онлајн консултациите за НС (август 2025), над 50 отсто од испитаниците сметаат дека училиштата имаат пристап до дигитални платформи и ресурси, но само 33 отсто потврдиле дека наставниците секојдневно користат дигитални алатки, а 16 отсто поретко од еднаш неделно“). Дополнително е предвидено преминување кон едносменска организација на наставата, со цел подобрување на квалитетот на наставата и рационализација на ресурсите.
• Инклузијата е ограничена поради недостиг од ресурси, кадар и поддржувачки услуги во средните училишта. Па така, според консултациите (за НСО-2026-2032 август 2025), 70 проценти од испитаниците сметаат дека училиштата обезбедуваат делумна и недоволна психосоцијална и кариерна поддршка. Потребна е подготовка на програми за добросостојба и ментално здравје на учениците, кои ќе обезбедат психо-социјална поддршка и превенција на стрес, со цел подобрување на нивната мотивација и училишна клима.

• Системот за оценување е недоволно усогласен, со ограничена примена на формативно оценување и недостиг од јасни стандарди без континуирано следење на напредокот и на повратната информација.
• Недоволна финансиска поддршка за реализирање на законски утврдените обуки за наставниците. Иако во Законот за наставници и стручни соработници се пропишува обврска за континуиран професионален развој од 60 часа во текот на три години – од кои 40 часа преку акредитирани програми и 20 часа преку приоритетни обуки, расположливите финансиски средства не овозможуваат целосна реализација на ова законска обврска…
• Квалитетот на учењето и постигањата на учениците не се следат системски и недостигаат унифицирани индикатори. Во гимназиското и уметничкото образование нема конзистентен национален механизам за редовно следење на квалитетот на учењето и напредокот на учениците…. потребно е создавање унифициран национален систем на индикатори за квалитет, кој ќе овозможи редовно следење на учењето и напредокот на учениците низ целиот циклус на средното образование.
• Резултатите од ПИСА (2022) укажуваат на сериозна криза во учењето и системски слабости што средното образование не успева да ги надомести. Според ПИСА, над две третини од учениците имаат резултати под основното ниво: 75 отсто по читање и 66 отсто по математика и природни науки. Иако ПИСА ги мери резултатите на учениците, кои само што влегле во средно образование, податоците покажуваат дека системот не успева да ги компензира недостатоците од основното образование. Дополнително, учениците во Македонија имаат приближно 900 часа помалку формално организирано учење до 15-годишна возраст во споредба со просекот ОЕЦД, што е идентификувано како значаен фактор што ја продлабочува кризата во учењето.
• Резултатите од државната матура покажуваат опаѓање на предметните знаења, особено во јазичната писменост и математичката функционална примена. Анализите по мајчин јазик и литература покажуваат значаен пад во 2024 година во сите јазични подрачја, со најниски резултати во последните пет години. Читањето со разбирање опаднало од 79 отсто (2019) на 61 отсто (2024), а пишувањето на 46,1 отсто. Слични трендови се присутни и во други наставни јазици. Кај математиката, повеќето задачи што бараат постапка и применливо размислување се решени со помалку од 60 отсто точност, што укажува на недоволна развиеност на функционални математички компетенции…
• Немање национални анализи што би овозможиле споредливост, следење на трендовите или утврдување на вистинските критични слабости во квалитетот на наставата. Ова ја ограничува можноста за планирање и имплементација на реформи засновани на докази. Исто така, недостигаат системски, детални и јавно достапни национални податоци за осипувањето на учениците во средното образование. Иако постои основна евиденција (како разликата меѓу бројот на запишани и завршени ученици), не постои конзистентен механизам што би овозможил пресметување на точната стапка на осипување по години, општини, училишта, профили, етнички групи или социо-економски категории. Ова ја ограничува можноста за следење на динамиката и развојот на проблемот и го отежнува навременото планирање на политики и интервенции.
• Осипувањето е најизразено кај учениците од ранливи групи, но недостигаат детални, дисагрирани податоци. Според УНИЦЕФ СИТАН 2024, највисока стапка на напуштање е присутна кај ученици Роми и учениците од сиромашните семејства, особено во горните години од средното образование. Дополнителни анализи, како УНЕСКО ЕСА 2024 (Education Sector Analysis 2024), укажуваат на зголемен ризик од осипување кај ученици од рурални средини и од домаќинства со ниски приходи, што ја нагласува потребата за насочени интервенции и постојано следење… Дополнително ќе се работи и на подобрување на ученичкиот стандард преку обезбедување стипендии, бесплатен превоз и оброци за учениците од ранливи групи, со цел поттикнување редовност и намалување на социо-економските бариери.
• Недостигаат национални податоци и истражувања за причините за изостанувањето од настава кај учениците од над 14 години. Во државата нема систематско централизирано следење на изостаноците, ниту детални податоци за причините. Меѓународните извештаи (ПИСА 2022, УНИЦЕФ СИТАН 2024, УНЕСКО ЕСА 2024) укажуваат дека изостанувањето е поврзано со социо-економски фактори, неповолни семејни услови, недостиг од превоз, училишна клима и здравствени предизвици. Дополнително, анализите на Светската здравствена организација истакнуваат дека врсничкото насилство, стресот и проблемите со ментално здравје значително влијаат врз редовноста. Истражувања спроведени локално во рурални средини покажуваат дека недостигот од соодветни хигиенски услови доведува до чести изостаноци од ученичките за време на менструација. Овие наоди ги потврдуваат глобалните трендови, но во Р Македонија недостигаат сопствени податоци за точниот обем и природата на проблемот.

• Ограничени се националните податоци за ментално здравје кај учениците и неговото влијание врз учењето и редовноста. Иако меѓународните анализи (УНИЦЕФ, СЗО, УНЕСКО) јасно утврдуваат дека адолесцентите се изложени на зголемен ризик од анксиозност, депресија, врсничко насилство и училишна стресогеност, во Република Македонија нема редовни национални истражувања што би ги следеле состојбата, трендовите и влијанието на менталното здравје врз училишниот успех, мотивацијата и присуството. Ограничената достапност на стручна поддршка во училиштата дополнително го усложнува проблемот, а индиректните индикатори потврдуваат дека менталното здравје е значаен ризик-фактор за изостанување и напуштање на образованието.
Од горенаведеното констатирам дека сите истражувања, анализи во првиот, вториот, па и другите столбови на образованието поголемиот дел се од меѓународни истражувања. Македонските национални истражувања се минимални или ги нема. Од овие причини, неминовна е потребата за наш македонски национален институт што ќе ги третира прашањата и истражувањата од областа на образованието, науката и технолошкиот развој и нивно систематско евалуирање и наоѓање решенија за македонската национална стратегија за образованието.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

продолжува