Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (5)
- Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме петтото продолжение
Во приоритетната област Гимназиско и уметничко образование, нацртот (НСО 2026-2032) ги адресира предизвиците поврзани со постигнувањата и мотивацијата на учениците, наставните програми и методи, наставниот кадар, инклузијата, дигитална инфраструктура и ресурси и можностите за развој на уметничките и креативните потенцијали. Стратегијата ќе ги унапреди квалитетот и континуираниот професионален развој на наставниците, ќе создаде можности за развој за целосниот ученички потенцијал и активно учество во образовниот процес, ќе го дедигитализира и модернизира наставниот процес, ќе ја унапреди инклузијата и ќе овозможи поддршка на креативноста и развој на уметничките способности.
Кои се моите согледувања за потсистемот средно образование
Од анализата на постојниот систем на третманот и поставеноста на средното образование, а подоцна именувано како средно задолжително, можам да констатирам дека не ги даде очекуваните ефекти и резултати, од причини што не се реално согледани визиите, потребите и профилите за средно образование, професионално-стручно образование и занимања. И во тој поглед не дојдоа до израз договарањето и соработката помеѓу стопанството, наставно-научните институции и практиката, што доведе до расчекор во профилирањето на кадрите, а од друга страна, без подлабоко аналитичко и студиозно согледување на адекватните потреби и профили на општеството-државата, индивидуите – учениците и возрасните, и врз таа основа да се имаат реални можности и потреби: од образование и профилирање на учениците интересентите со општествените, стручно-научните тенденции. Во таа смисла средното образование треба да се проектира и насочува во следните насоки:
• Образование и оспособување на интересентите-партиципиентите;
• За вработување;
• За продолжување на образованието на факултетите, на високите школи и академии;
• Оспособување за активен живот и актуализација на модерните и актуелни технолошки иновации во секојдневната практика и дејствување за перманентен развој и напредок.
Да повторам, средното образование, а сега задолжително средно образование, не ги дава очекуваните резултати, не ги реализира поставените цели и задачи во иновациско-реформска смисла.
Тоа може да го потврдам со фактот што голем број на ученици од средното образование се осипува и во таа смисла се јавуваат незадоволство и расчекор помеѓу недоволната оспособеност за работа и занимање, за продолжување на образованието, и продукцијата и квалитетот на работа во стопанството, претпријатието и квалитетот на образование на факултетите, како и од родителите и пошироката јавност.
Исто така, во средното образование постоеше неадекватен сооднос помеѓу општото и стручното образование, што се одразува и на профилирањето на кадрите за потребите на стопанството и општествените дејности. Тоа го потврдува и фактот на нееластични и нефлексибилни програми и неактивниот однос на учениците во образовно-наставниот процес. Училиштето како воспитно-образовна институција не е доволно отворено, третирано како современ отворен систем, постои недоволна ангажираност на учениците и нивните склоности и способности за одредени предмети и занимања. Сето тоа потврдува дека, според очекувањата на образовната продукција за потребите на стопанството и продолжување на натамошното образование, како и родителите и учениците, квалитетот на образованието не е на доволно и адекватно програмско-курикуларно ниво. Во тој контекст, училиштето како да ги заборава индивидуалните разлики на учениците во поглед на нивните интереси, способности и склоности, а со тоа и не води сметка за барањата што ги поставуваат одредени работни места, сложеноста на работата и работните задачи, производството и слично, како и недоволната оспособеност за натамошно професионално образование и вклучување во процесот на труд.
Во таа смисла се покажа и недоволна ангажираност на центрите за средно образование на планот на андрагошката дејност и активност, при што примарно место му се даваше на образованието на младите, а се запоставуваше андрагошката образовна дејност за оспособување одредени профили на кадри.
Во системот на воспитанието и образованието на средното образование се опфатени установите, формите и програми што се наоѓаат во средината помеѓу основното воспитание и образование и високото образование. Средното образование помина низ повеќе развојни фази, а на промена во овој дел на системот на воспитание и образование најмногу влијае промената во сферата на работа и статусот и должината на образованието. Целите на средното образование во континуитет се надоврзуваат на целите на основното воспитание и образование. Специфичностите и целите се согледуваат во оспособувањето на младите за носење соодветни одлуки за избор на понатамошно образование и занимање и во развој на клучни компетенции потребни за живот во современото општество, онеспособувајќи ги за работа и занимање и создавање стручни компетенции во рамките со барањата на занимањето.
Според карактерот, содржините на образованието во средното образование се делат на: гимназиско-општообразовни, стручни и уметнички училишта и средно образование за ученици со посебни образовни потреби. Општообразовните училишта даваат општо образование и имаат улога на подготовка за понатамошно ниво на образование, додека средните стручни училишта се наменети за стручно оспособување (струка, вокација, професија) за одредена професија.
Стручното образование пред сѐ е насочено кон стекнување и зајакнување на стручните знаења, како и способности и вештини неопходни за постигнување поголема флексибилност во совладувањето на променливите барања на работата и општеството во целина. Средните стручни училишта, покрај стручното образование, нудат и општо образование, така што на учениците им се овозможува влез во светот на работата, како и натамошно школување. Како се реализира средното образование во тригодишните и четиригодишните стручни училишта, времето на траење на ова образование е различно и зависи од профилот на средното стручно образование. На завршетокот на средното образование се полага матурски испит, т.н. завршен испит, во кој четиригодишното стручно образование опфаќа неколку предмети, додека на ниво на тригодишното образование се полага завршен испит, со изработка на практична работа. Воспитно-образовната работа во средните училишта ја изведуваат наставниците и стручните соработници, кои имаат соодветно високо образование. Со законот е регулирано наставниците што изведуваат наставно-воспитната работа, покрај стручната спрема, да имаат и соодветно педагошко-психолошко образование (образование од психолошките, педагошките и методичките дисциплини, кое се „стекнува во високото образование или по завршување односно дипломирање“). Со самото тоа се создаваат услови за унапредување на квалитетот на воспитно-образовната работа во средните училишта.
Што стои во нацртот на Националната стратегија за образованието (НСО) 2026-2032 во делот на гимназиското образование и уметничкото образование
Во прописите произлезени од страна на Министерството за образование и наука се истакнува дека Законот за средно образование е застарен и со многубројни парцијални измени што ја нарушиле неговата јасност, поконкретно кажано, донесениот закон е од 1996 година, повеќе од две децении се дополнува со низа измени што создадоа сложена, тешко читлива и неусогласена нормативна рамка. И покрај донесените измени (2025), се воведуваат значајни новини -образовни медијатори, подршка за ранливи групи, нови механизми за процена и трансформација на специјалните училишта во ресурсни центри – потребно е донесување целосен нов, јасен и усогласен закон, се истакнува во нацртот (НСО 2026-2032).
Карактеристично во рамките во самиот нацрт (НСО-2026-2032) е тоа што се наведува дека концепцијата за гимназиско образование не е усвоена и се наоѓа во процес на доработување, по значајни забелешки од јавната расправа. И за уметничкото образование, во согласност со Законот, предвидено е исто така да се изработи концепција, која сѐ уште не е разработена. Понатаму во нацртот(НСО-2026-2032) се искажува дека наставните програми во гимназиското и уметничкото образование се застарени и не се засновани на резултати од учење и стандарди за оценување. Се наведува дека постојните наставни програми не обезбедуваат јасни исходи од учење, современи компетенции и поврзаност со потребите на учениците и високото образование. Недостасуваат стандардизирани критериуми за оценување, кои би овозможиле транспарентност, конзистентност и фер вреднување, особено важно за државната и уметничката матура. (Од МОН се наведува: „Во рамките на подготовката на Националната стратегија за образованието 2026-2032, на 27 август 2025 беше спроведен онлајн прашалник за консултации. Пристигнаа 1.973 сугестии, од кои 49 проценти сметаат дека наставните програми се делумно усогласени, 28 отсто неусогласени, а 17 отсто целосно усогласени. Овие наоди ја потврдуваат потребата за ревизија и модернизација на наставните програми“.) Во таа насока, ќе се подобри и процесот за подготовка и избор на учебници преку дигитализација и обезбедување транспарентен систем за нивно одобрување и дистрибуција.
Кои се моите забелешки на нацрт-предлогот на концепцијата
за средното гимназиско образование во Република Македонија
Во овој дел на концепцијата за гимназиското образование, која не е усвоена и се наоѓа во процес на доработување, моите забелешки и согледување ги искажав преку македонските средства за јавно информирање (колумна) под наслов „Расчекор на концепцијата за образованието помеѓу теоријата и практиката“. Би издвоил еден дел од моите анализи и согледувања.
Моето согледување на нацрт-концепцијата за гимназиското образование во Република Македонија, кој е еден од столбовите на општообразовниот процес, се соочува со потреба од сеопфатни реформи. Со тоа согледување и констатација се согласувам. Ова го говорам и констатирам од фактот што наставните планови за гимназиското образование датираат од далечната 2000/2001 учебна година (со некоја незначајна и парцијална измена) и неминовна е потребата да одговорат на предизвиците и барањата на современиот свет. Реформите треба да го направат гимназиското образование во интерес и перспективите на децата-учениците, ориентирани кон предизвиците на 21 век, а со тоа: модернизирање на наставните програми и наставните методи, современи технологии, нагледни средства, Блумовата таксономија, која е рамка за категоризација на образовните цели, и нејзина целосна примена (знаење, разбирање, примена, анализа, синтеза, евалуација), промена на системот на оценување, следење на квалитетот на наставата, училишната клима и слично. Моите забелешки кон нацрт-предлогот на концепцијата за гимназиското образование произлегуваат од фактот што истите тие треба да бидат добро осмислени и темелни. Кога велам темелни, мислам на сеопфатност и на целосна согледаност на состојбите во општообразовниот процес, односно гимназиското образование во Република Македонија, каде што треба да се согледа и анализира, а го нема во нацрт-концепцијата за реформи на гимназиското образование: Во каква состојба ни е средното гимназиско образование во Република Македонија во овие дваесетина години? Колку средни гимназиски училишта има во Република Македонија? Каква е инфраструктурата во средните училишта? Дали наставата во средните училишта се изведуваат во една, две или повеќе смени? Каква е опременоста со нагледни средства во средните училишта (не задоволува, задоволува и се во добра состојба)? Што е констатирано во средните гимназиски училишта од евалуацијата („извршена од Државниот просветен инспекторат“)? Кои се лошите и добрите страни во средните училишта? Од извршените „евалуации“ во средните училишта, дали расправале советите на локалните и градските општини и што е констатирано и преземено? Зошто на државната и училишната матура покажуваат незадоволни/задоволни резултати и слично? Овие параметри во нацрт-концепцијата за гимназиското образование во Република Македонија, како анализа, како што наведов, недостигаат. Да, ќе повторам, има потреба од реформи во гимназиското образование. Но не диктаторски и наметливо од страна на подносителите на нацрт-концепцијата за гимназиското образование во Република Македонија, од страна на МОН и БРО, како што правеа Мила Цароска и нејзиниот наследник Јетон Шаќири. Тие правеа неосмислени и нетемелни „реформи“. НЕЕВРОПСКИ. Направија невидени образовни парадокси. И не смее да продолжи и понатака да се работи како досега. Со игнорирање на сите оние што имаат став, мислење спротивно на нацрт-концепцијата за гимназиското образование, предложено од МОН и БРО.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува
































