Што покажуваат меѓународните истражувачки студии во тестирањата

Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (4)

  • Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме четвртото продолжение

Податоците покажуваат дека македонските ученици постигнуваат ниски резултати во тестирањето на нивните компетенции за читање со разбирање. На пример, на тестирањето во рамките на ПИРЛС (Меѓународна студија за напредокот во читачката писменост) во 2021 година учениците од крајот од четврто одделение постигнале резултат од 442 поени, што е значително под референтната точка од 500 поени, што е земена за просечен резултат. Овој резултат е значително понизок од средината на скалата ПИРЛС, но повисок од најниското меѓународно ниво на постигнување од 400 поени, а останува под средното меѓународно ниво од 475 поени… Тоа значи дека кај учениците во просек, кога веќе на крајот на четврто одделение треба да имаат научено да читаат и да го користат читањето како алатка за учење, се забележува дека имаат тешкотии при подлабоко разбирање и примена на прочитаното. Понатаму, ова го отежнува нивното учење со разбирање на сложени концепти во наставните предмети, особено во математиката и природните науки.
Наедно, ниските постигнувања во математиката и природните науки се потврдуваат и во меѓународната студија ТИМСС (Меѓународна студија за трендови во математика и наука). Анализата на постигањата на учениците од четврто одделение во ТИМСС 2019 и ТИМСС 2023 покажуваат дека во Република Македонија во 2023 г. има мало подобрување на резултатите во однос на 2019, и тоа во математика и во природни науки. Но и во двете години, постигнувањата на нашите ученици се многу пониски од меѓународниот просечен резултат на ТИМСС. Во 2023 година, резултатот на учениците во Република Македонија во математика е 474, додека меѓународниот просечен резултат е 503, а во природни науки резултатот е 439 наспроти меѓународниот просечен резултат од 494. Основни математички знаења (минимум 400 поени) во ТИМСС 2023 имаат достигнато само 79 отсто од учениците во Република Македонија, наспроти 91 процент на интернационално ниво, а во природни науки само 67 отсто наспроти 90 отсто на интернационално ниво…
И на меѓународната студија ПИСА (Програма за меѓународна процена на ученици) 2022 се потврдуваат слаби резултати, особено во областа читање (359 поени), што е значајно под меѓународниот просек од 476 поени.
Овој резултат одговара на ниското ниво на постигнувања на учениците. Учениците на ова ниско ниво (1а) можат да одговараат на прашања што содржат едноставни инструкции за поврзување на информациите во текстот и извлекување едноставни заклучоци, но не можат да ги користат информациите и логиката за решавање посложени задачи и извлекување заклучоци. Во ПИСА (напомена: во тестирањето на ПИСА се вклучени ученици на 15-годишна возраст, од кои најголемиот број се во средно образование, овие податоци се користат како индикатор за квалитетот на основното образование бидејќи тие најголем дел од своето образование во клучните години за развој на вештини го поминале во основното училиште – податоци од Државниот испитен центар) нивото 2 се смета за основно ниво на постигнување на знаења и вештини за читање со разбирање, а на ова ниво учениците можат да одговорат на прашања што бараат споредба, поврзување на текстот со знаења на учениците од нивното лично искуство и ставови, како и да извлечат основни заклучоци кога во текстот има и информации што го одвлекуваат вниманието. Процентот на ученици од Република Македонија што го достигнале основното ниво (ниво 2) е само 26,4 отсто (додека просекот на OЕДЦ e 74 отсто). Од претходниот циклус на мерење на ПИСА 2018 процентот на ученици што го достигнале основното ниво се намалил за 18,5 процентни поени, од ПИСА 2015 за 2,9 процентни поени, а од ПИСА 2000 за 11 процентни поени. Со резултат од 389 поени во математика, нашите ученици се поблиску до нивото 1 отколку до нивото 2, кое во ПИСА се смета за основно ниво на постигнувања. Што значи дека учениците можат да решат само едноставни аритметички операции со сите броеви, следејќи јасни и добро дефинирани инструкции, но имаат тешкотии за користење на математиката во едноставни животни реални ситуации. Резултатот од 380 поени по природни науки, исто така, покажува дека учениците се поблиску до нивото 1 отколку до основното ниво на постигнувања (ниво 2). Во ова подрачје учениците можат да одговорат креативно, односно со нови и корисни идеи, како и во проценување (евалуација) и подобрување на идеите во четири домени: на прашања поврзани со основното разбирање на научните истражувања, но имаат тешкотии со идентификување и формулирање научни објаснувања, интерпретирање податоци и препознавање и решавање проблем со едноставен експеримент.
Учениците имаат ниски постигнувања и во компонентата за креативно размислување на ПИСА 2022, значајно под меѓународниот просек. Учениците имаат тешкотии во генерирање разновидни идеи, креативни, односно нови и корисни идеи, како и во проценување (евалуација) и подобрување на идеите во четири домени: писмено изразување, визуелно изразување, решавање социјални проблеми и решавање научни проблеми… Само половина од учениците се изјасниле дека се љубопитни за различни нешта, што е значајно под меѓународниот просек на ОЕЦД (77,3 отсто). Карактеристично е тоа што Република Македонија се вбројува меѓу првите три земји со најголем број на таканаречени брзи одговарачи – ученици што многу брзо поминуваат низ задачите во тестот, оставајќи недоволно време за валидни и промислени одговори.
Резултатите на ПИСА 2022 покажуваат дека колку е повисок индексот на социоекономскиот и културен статус, толку постигнувањата на учениците се повисоки (во трите подрачја: математика, читање, природни науки). Забележливи се разликите во однос на полот на учениците, јазикот на наставата, видот на образованието. Па се констатира дека постигањата на девојчињата се повисоки во однос на оние од момчињата во сите три подрачја, со особено нагласена разлика во подрачјето читање (26 поени). Исто така, постои особена разлика во постигнувањата на учениците што ја следат наставата на македонски јазик во споредба со оние што учат на албански јазик. Разликата во постигнувањата е 68 поени во подрачјето математика, 62 поени во подрачјето читање и 66 поени во подрачјето природни науки во корист на учениците што се тестирале на македонски јазик. Разликите во постигнувањата според наставниот јазик се статистички значајни во сите три когнитивни подрачја. Учениците од гимназиското образование во сите три когнитивни подрачја постигаат повисоки резултати (по околу 50 поени) од учениците со средното стручно образование. Постојат значајни разлики во постигнувањата на учениците помеѓу регионите. Најголемите разлики изнесуваат околу 60 поени во сите три когнитивни подрачја. Најниски резултати во трите когнитивни подрачја постигнале учениците во Полошкиот Регион (извештај на Државниот испитен центар, 2024 година).
Отсуствувањето на редовната настава е усвоена пракса на учениците уште од одделенска настава. Истражувањето ТИМСС 2023 покажува дека Р Македонија има една од највисоките стапки на изостаноци во регионот, со 24 отсто ученици што изостануваат најмалку еднаш неделно – двојно повеќе од меѓународниот просек. Пониското чувство на припадност на училиштето, заморот и недоволната физичка добросостојба се меѓу најсилните фактори за изостанување.

Големиот процент на отсуствувања од редовна настава и нивното статистички значајно влијание на постигањата на учениците се потврдија и во државното тестирање реализирано во 2022 г. во трето одделение и во 2024 година во петто одделение, по математика и мајчин јазик – македонски јазик и албански јазик. Сознанијата од државното тестирање реализирано во трето одделение во 2022 година по предметот Математика покажа дека само две третини од учениците го имаат достигнато основното ниво, а по мајчин јазик (Македонски јазик и Албански јазик) три четвртини од учениците.
Просечниот успех на учениците значајно отстапува од нормалната распределба на знаењата и способностите. Од податоците за постигнатиот успех на учениците од деветтото одделение во редовните училишта на крајот на учебната 2021/2022 година може да се забележи дека најголем дел од учениците од истата генерација (76 отсто) постигнале одличен и многу добар успех (53 отсто одличен, 22,5 многу добар), а изразено помал е бројот на ученици со слаби и добри резултати (6,1 отсто доволен, 17,8 отсто добар). Разликите во постигнувањата на учениците со одличен и многу добар успех во училиштето и на меѓународните тестирања се поврзани со наставните практики и начинот на кој учениците добиваат повратни информации за нивните постигнувања и напредок на учењето во согласност со утврдените критериуми за оценувања.
Наставните практики не стимулираат развој на критичко размислување и примена на наученото. Резултатите од мерењето на почетната состојба во 35 основни училишта на вкупно 104 наставници со користење на алатката „Тич прајмари обзервејшн тул“ (алатката „Teach Primary observation tool) го проценува наставниот час од аспект на времето што наставниците го посветуваат на учење, а учениците на решавање на задачите, како и на квалитетот на наставните практики насочени кон развивање на социоемоционалните и когнитивните вештини. Квалитетот на наставните практики понатаму се проценува во три подрачја: култура во училницата, подучување и социоемоционални вештини, кои покажуваат дека наставниците површно и нејасно ги поврзуваат резултатите од учењето со секојдневниот живот. Половина од наставниците им задавале на учениците задачи за размислување, но понудените активности поттикнувале едноставни мисловни процеси, како на пример групирање според сличности, идентификување делови од информацијата и слично. Прашањата што ги поставувале најчесто биле затворени, односно со еден точен одговор, без активирање на процесите за анализа и синтеза. При давањето повратни информации, наставниците давале општи коментари за погрешно научените концепти, но без јасни насоки за учениците за тоа како да ги разјаснат мисконцептите.
Субјективните процени на наставниците на нивните компетенции за поттикнување критичко размислување и примена на наученото добиени на меѓународната студија ТАЛИС (Меѓународна анкета за предавање и учење) 2024 покажуваат дека 62 отсто од наставниците се изјасниле дека ги поттикнуваат учениците да поставуваат прашања и да аргументираат, 41 отсто од наставниците одговориле дека задаваат задачи што немаат еден очигледен точен одговор, 59 отсто применуваат групна работа со цел заедничко изнаоѓање решение на проблемски задачи. Притоа, само 61 отсто од наставниците се изјасниле дека бараат од учениците самите да изберат, односно да одлучат кои процедури за решавање на сложените задачи ќе ги применат. Одговорите на наставниците (нивната самопроцена) се контрадикторни со постигнувањата на учениците на меѓународните мерења. Иако субјективните процени на наставниците покажуваат висока свесност за примена на напредни наставни практики, резултатите од меѓународните тестирања на ТИМСС, ПИРЛС и ПИСА покажуваат дека нема или има мала ефективност.
Недостигаат долгорочни национални стратешки правци и цели за подобрување на постигнувањата на учениците, втемелени врз сеопфатни длабински компаративни анализи во национални, регионални и меѓународни рамки. Во Република Македонија се спроведуваат голем број меѓународни истражувачки студии, се вршат надзор и стручни увиди од страна на надлежните институции, но не постои единствен интегриран систем за мониторинг и евалуација на постигнувањата на учениците….
Според анализата и препораките за спроведување на Европската гаранција за детето во Република Македонија, се констатира дека последните години се забележува зголемување на бројот на ученици со попреченост што се запишуваат во редовните основни училишта. Според податоците, бројот речиси се удвоил за четири години, од просечно четири ученици по училиште на девет-десет ученици по училиште. Овој тренд е резултат на трансформацијата на посебните училишта во училишта со ресурсни центри и на новата законска обврска од учебната 2023/2024 година за задолжително запишување на учениците со попреченост во редовното образование. Анализите и препораките за спроведување на Европската гаранција на детето укажуваат дека училиштата не располагаат со соодветни услови и капацитети за поддршка на ваквата инклузија. Над 60 проценти од училиштата немаат вработен специјален едукатор и рехабилитатор, 40 проценти немаат приспособени тоалети, а само 4 проценти имаат патеки за слепи лица. Состојбата е значително полоша во руралните средини, каде што недостигаат основни елементи за физичка пристапност и стручна поддршка. Иако законски е предвидено секое училиште да има училиштен инклузивен тим, ваквите тимови не функционираат насекаде.
Според наодите од студијата ТАЛИС 2024, приближно 52 отсто од наставниците (пониско од просекот на ОЕЦД) изјавиле дека професионалните активности за учење на кои учествувале во последната година имале позитивно влијание врз нивната настава. Наставниот кадар најчесто нема доволно знаење и вештини за работа со ученици со попреченост.

Две третини од училиштата го идентификуваат токму недостигот од соодветна обука како најголем предизвик. Додипломските програми не обезбедуваат ни основна сензибилизација (анализата и препораките за спроведување на Европската гаранција за детето во Република Македонија).
Учениците имаат високи и нереални образовни и кариерни очекувања. Покрај тоа што резултатите од меѓународните истражувања укажуваат дека значителен дел од учениците не го достигнуваат основното ниво на функционална писменост, особено во читање, математика и природни науки, голем дел од нив изразуваат високи образовни очекувања – најголемиот број очекуваат да завршат високо образование, а голем дел и да продолжат на докторски студии (ОЕЦД 2023). Очекувањата за идните занимања не се усогласени со реалните потреби на пазарот на трудот во нашата земја. На ваквата состојба се надоврзува и несоодветната поддршка на стручните соработници во обезбедување соодветни мерни инструменти/алатки за кариерно советување на учениците.
Постапката за одобрување учебници, уредена со новиот Закон за учебници во основно и средно образование (2024), обезбедува поголема конкурентност во изборот преку изработка на учебници од страна на издавачки куќи. Меѓутоа, потребно е да се подобрат критериумите и стандардите за обезбедување квалитет на учебниците, кои се одобруваат во согласност со новиот модел. Друг предизвик се недоволната објективност и транспарентност на процесот на рецензија и одобрување на учебниците. Постапката не е дигитализирана поради што јавноста има ограничен увид во процесот и резултатите. Исто така, дигиталните учебници не се адаптирани за ученици со попреченост, како и за ученици што учат на јазиците на заедниците.
Мојата констатација е дека вториот столб – основното образование и воспитание, не е цврст во своите основи (темели) и има доста пукнатини, а тоа го покажуваат стручно-научните сознанија и меѓународни истражувања, со потреба за преструктурирање и институционално преиспитување со сериозни проверки и мориторинг во секој сегмент од дејствувањето на основното образование и воспитание.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

продолжува