Потемкинови села

Некаде од далечина, срамежливо одекнуваат пукотници. На почетокот срамежливо и далечни се. Поединечни истрели. Потоа и ретки топовски удари. Рано е за канонади, ама веројатно ќе ги има и покрај обидите на полицијата да расчисти навреме со пиротехниката. Некој упорно ја лиферува. Боро, еден мој пријател од детството, има обичај да каже дека овој народ посакува војна.
Инаку, сеќавањата наметнуваат споредби, а тие се релативна вистина искажана од страна на толкувачот или толкувачите, предмет на расправа и тест за меморија. Било – не било или вака било, а не така. Но едно заслужува внимание. За сите оние што анализираат и копкаат по минатото со цел да не го „умрат“ светот на иднината, не е лошо да им се потфрли од искуството.
Во минатото немаше ниту ронка од денешниве понуди и случувања. Денес, на пример, едно семејство од четворица прави смет од најмалку две канти. Ако се присетам, ние имавме големо исчукано тенџере, кое некогаш се користело за варење пифтија. Тоа ни служеше како канта за смет. Го полневме цел месец. Сега се фрла претежно храна. Каква е таква е, ги задоволува нашите сетила. Можеби не квалитативно ама квантитативно, сигурно. Слично е и со облеките. Едвај износени јакни, панталони и други парчиња, понудени се на момците од комунална хигиена. На времето, ај што можевме да ги гледаме на филм, за нив се одеше во Трст, Стамбол или Солун и се ризикуваше дебела царина. Во случајов, не стануваше збор за богати дарители, туку за надраснатост, гојазност или ретка појава на слабеење. Одговорот на комуналците беше дека најдобро ќе биде ако самите им ги однесете на сиромашните – ако ги има. Машала! Значи нема веќе сиромашни. Нема ниту тенки, стројни луѓе. Нема ни жилави на кои можеш да им ги изброиш ребрата. Сите се претворивме во сало. А кога кртината е завиена во мрсотија, таа е мека и повкусна. Вистински залак и понуда за големите. Но тука голем проблем е мозокот. Како витален орган сѐ почесто се претвора во кртина. Веројатно благодарение на благосостојбата во која светот живее. Инертност, лежерност, комоција – сѐ е на дофат на раката. Барем така тврдат стручни лица од стручна фела.
Секако е добро кога нема сиромашни. Но не ретко преку медиумите ќе нѐ известат дека на филан – фалан му се потребни истите наведени артикли што им беа понудени на комуналците. Ете ти демант. Понудата не значеше дека таа се однесува на момците од комуналното, туку од нив побаравме услуга за да ги однесат таму каде што е потребно. Тие постојано се движат и знаат кој сѐ им копа по контејнерите. Впрочем, умните никогаш нема да речат сиромаштијата е порок. Не се криви ни оние од Црвениот крст. И тие се пренатрупани со партали од секаков вид. Се сетив дека на времето, еден пар панталони крпени со големи латици, ги носевме и двајца, па и тројца од семејството. Искрено, имаше задоволство што латиците беа мошне квалитетни и добро закрпени. Пантолоните ќе се искинеа, латицата не попушташе! Впрочем, имаше и еден крал од Латица или Закрпа во стриповите на Магнус и Бункер ама човекот си беше крал со сите белези. Сега кралеви колку сакаш, но не знам дали некој им спомнал за големиот почеток? Веројатно станува збор за интензивно напредување. Едно време се бараше диплома, а кога подоцна нацијата се описмени и дипломираните се накотија како зајаци, почнаа да бараат знаење. Ама… знаење со диплома.
Времето и технолошкиот напредок си го прават своето. Од друга страна, пак, човекот е совршен креатор. Освен корисни нешта, тој е мајстор за проблеми. Без нив како да не може. Мајстор е да ја изнедри сиромаштијата под мотото способни и неспособни, се снајде и не го бива, да протури некое чудно болезиште од лабораторија и да креира воени конфликти. Небаре станува збор за видеоигри. А таму… прашајте им ја душичката на оние што треперат од високата технологија што убива и сакати. Подоцна сите се прашуваат зошто беше потребно тоа кога освен многубројни жртви, улиците се полни или со демобилизирани кучиња на војната или со лица со не знам какви сѐ не повоени синдроми. Со нив, Натемаго стрела во невини и без некој голем повод. Пукотници по улици, студентски кампови, а сега дури и по плажи. Таму луѓето се собрале да го одбележат божјиот празник Ханука.

Сите до еден биле посветени со љубов и почит кон Господ. Има ли нешто од верата во тие што токму во име на „нивната“ вера удираат по незаштитени и најмалку виновни за големите судири предизвикани од повисоки инстанци? Се случува, а боговите молчат. Сигурно си велат дека на овие им подаривме ум, а гледај ги што прават. Сето ова се случува зачестено и е сѐ покрваво. Сега цела Европа трепери и воведува посебни мерки за безбедност на величествените панаѓури каде што се можни нови проблеми. За жал, нема одбрана од безумието, фанатизмот и свесно наметнатите разлики помеѓу етникумите, верите и народите. За тие со оружјето во раце, сѐ уште не е измислена соодветна вакцина.
Попусто се светлата на велеградите. Зад тие магични светлечки акробации, секогаш има притаена темнина. Едноставно, човек да се запраша дали е сигурен надвор та дури и во сопствениот дом. За каква слобода зборуваме кога на вратите има по неколку чифта тешки брави, а под перникот постојано колтови и базуки? Кога не си го познаваш комшијата, ниту тој тебе, кога не знаеш со кого живееш на истиот кат од истата зграда, секако дека животот минува покрај тебе. Алиенацијата е мошне корисна работа, но пред сѐ како инструмент на оние што владеат. Така, луѓето се отуѓуваат едни од други и се оддалечуваат. Нема размена на мислења и праведна заедничка анализа на нештата – заеднички настап. Порано тоа се нарекуваше слога. Пропаднаа и идеологиите. Лево е десно, десно е лево, полулево – полудесно… тоа убаво кажува дека треба да научиме да се приспособуваме – опортунизам. Мене ми е ОК, за тебе не ми е гајле. Но не е така кога би можеле да се сменат местата. Се чини дека општествата опстојуваат и постојат врз основа на разединетост на електоратот. Вистинска плурална средина е благодат за разумни. Но таа се злоупотребува како и сѐ друго. На еден ист стол во кафеана или на домашна слава, од десетина гости, десет различни мислења и ставови по која било начната тема. Потоа кавга. Е, тоа ти е демократија, изнедрена некаде далеку во историјата со цел да се сведе само на леб и игри. Ако е така, а веројатно така е, тогаш да се осврнеме конкретно на најлудата ноќ во годината бидејќи сѐ е леб и игри.
Веќе спомнавме дека насекаде молска од магија. За жал, сѐ поретко има виулици и снежна прашина. Со времето, таа некако исчезна, па младите нема да знаат што е снег. За жал, и во пределите на вечниот мраз, глечерите нагло се топат. Тие мора да подготват терен за експлоатација на ретки минерали. До каде, вака? Сѐ има почеток и крај, но каков? А човекот сѐ уште е далеку од вселената.

Зимски панаѓури на сите страни. Имагинарно апстрактен свет. Игри за возрасни и дечиња како потенцијал за енормна заработка и потрошувачка. Некој спомна дека ние сме станале пазарни идиоти. Кукларот што ги влече конците и аниматорот на магичните забави успешно нѐ носат во светот на бајките. Таму го бараме спасот од сивото секојдневие. Голтаме сѐ што лета, па може лесно и да се задавиме. Назад нема, а напред и не е некакво напред ако се киниса по бумбарот во измет. Инерцијата е вклучена и таа тешко се запира. Стампедо, секако. Само да нема длабок амбис.
Можеби горепотпишаниот некој ќе го спореди со Гринч, зеленото чудовиште што ги мрази празниците, но не е така. Чинам дека изопаченоста при славеењето и погрешното толкување на духот на празниците го натерале Гринч да се повлече, иако можеби тој е мостра од доблести. Има меко срце со кое вистински им посакува среќни празнични денови на сите без исклучок. Особено на дечињата.
Амбиентот на магијата што вџашува ја надградува празничната атмосфера. Убаво е да се гледаат весели лица, манифестации за помнење, спектакли, радосен детски џагор, па дури и да се потроши некој денар. Што би посакале повеќе од тоа? Ех, да. Зад параваните на светлечката рапсодија да исчезнат студот околу срцата и мракот што постојано демне зад неа. Оти неизвесноста е пострашна од сѐ. Сите ние што живееме во надеж дека фасадите нема да бидат магија за куса употреба и само Потемкинови села да посакаме да молснат во прекрасно јаве.

Авторот е писател

Љубомир Јованоски