Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот за Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (2)
- Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование,
3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме второто продолжение
Анализата на состојбата на предучилишното воспитание и образование, според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија (Установи за згрижување и воспитание на деца, детски градинки/центри за ран детски развој во 2023 година, 30.9.2023), покажува значителен јаз помеѓу актуелниот опфат (47 отсто за деца од три до пет години) и европската цел од 96 отсто. И покрај зголемувањето на капацитетите за 1.072 места, недоволниот опфат и нерамномерната застапеност, особено кај деца од ранливи групи и различни региони, остануваат клучни предизвици за системот. Во текот на изминатата година е забележан, како што се наведува во нацртот (НСО 2026-2032), пораст од четири отсто во вкупниот број запишани деца на возраст од три до пет години, што укажува на постепено зголемување на информираноста и интересот на родителите за значењето на раниот детски развој и важноста на институционалната грижа. За да се одговори на зголемениот интерес и да се надмине јазот во однос на европската цел, потребни се мерки за подобрување на пристапот во предучилишното воспитание и образование.
Кои се тие мерки за подобрување на опфатот на децата во предучилишното воспитание и образование? Тоа е и мое согледување, воведување на една година задолжително предучилишно воспитание и образование за сите деца во годината пред тргнување на училиште. Оваа практика од моето работно искуство, и како педагог, потсекретар за основно образование во МОН на Република Македонија и како општински и државен просветен инспектор, постоеше и треба да се обнови, тоа е обврска и на државата, како и обврска од примената на Конвенцијата за правото на детето (КПД), која Македонија ја има ратификувано и треба да ја практикува. Таквата мерка би обезбедила универзален пристап до структурната, квалитетна и стандардизирана програма што ќе ја гарантира подготвеноста на секое дете за започнување на основното образование, според податоците добиени од мерењата преку националната алатка за квалитетот во предучилишното воспитание и образование – МЕЛКО (2024). Што е МЕЛКО (Measuring Early Learning Qvality and Qutcomes – MELQO)? Тоа е методологија што претставува сеопфатна процена на образованието во раното детство во нашата земја, заснована на пилот истражување спроведено во 2022 година. Фокусирана на деца на возраст од три до шест години, студијата ја анализира развојната состојба, подготвеноста за училиште, како и искуствата со учење во градинка и во домашна средина. Истражувањето ги идентификува силните страни и предизвиците во системот, со посебен акцент на еднаквоста и инклузијата. Се испитува дали децата од различни социоекономски и етнички заднини имаат еднаков пристап до квалитетно образование. Анализата ги опфаќа квалитетот на образовните средини, компетенциите на воспитувачите и секојдневните искуства на децата. Што покажува горенаведената методологија во практиката? Таа покажува дека: дури 70 отсто од децата на возраст од три до пет години се проценети како неподготвени за тргнување на училиште, што укажува на сериозни развојни и образовни нееднаквости уште во најрана возраст. Воведувањето задолжителна предучилишна година ќе придонесе за подобрување на подготвеноста за училиште, намалување на развојните нееднаквости меѓу децата од различни социјални, културни и економски средини, подобрување на континуитетот меѓу предучилишното и основното образование и зголемување на опфатот на деца во предучилишните установи, особено на оние од ранливите групи. Овие податоци и согледувања ја потврдуваат потребата од законско регулирање и институционална подршка за воведувањето на една година задолжително предучилишно воспитание и образование, како клучна мерка за обезбедување еднаков почеток и подобра подготвеност за основно образование на сите деца.
Што укажуваат податоците на Светската банка
Податоците на Светската банка од 2025 година укажуваат дека услугите за ран детски развој не се достапни за сите деца, постои мал опфат на деца од семејствата со гарантирана минимална помош – само 5,65 отсто. Во 2024 година само 12,7 проценти од децата под три години и 13,8 отсто од децата на возраст од три до шест години биле вклучени во предучилишното образование, што е четири пати помалку од просекот во Европската Унија (ЕУ) – 27 (56,1 отсто за 3-6 години). Според овие податоци, висок процент од децата се во ризик од сиромаштија или социјална исклученост (36,3 отсто под три години; 27,4 проценти над три години, „Евростат“). Тоа укажува на потребата од системски мерки за подобрување на достапноста на услугите за ран детски развој, со цел да се обезбедат еднакви можности за сите деца без оглед на социјалната и економската состојба на нивните семејства.
Во таа насока, препораката на Европската Унија е воспоставување на Европската гаранција за деца, која претставува корисна алатка за застапување ефикасен и бесплатен пристап до предучилишно и основно образование. Во согласност со анализите, ефективниот пристап до предучилишно образование сѐ уште не е загарантиран за сите деца во Република Македонија.
Затоа, повторувам, предучилишното воспитание и образование, кое е потсистем на образовниот систем, треба да биде во рамките на Министерството за образование и наука (МОН), бидејќи има значајно влијание врз развојот на децата и нивното подготвување за основното образование. Предучилишните програми и програмите за основно образование треба да имаат тесна поврзаност и континуитет. Со поставување вакви заеднички цели и стандарди ќе се постигне целосен развој на детето (когнитивни, емотивни, социјални и физички вештини), лесна адаптација и подготовка за активно учење, континуитет во учењето и поддршката на детето со негување на интересите и културните разлики, како и подготвување за следното ниво на учење во основното образование.
Што укажува извештајот на УНИЦЕФ од 2025 година
Во извештајот на УНИЦЕФ, „Гарантирање на фер шанса за секое дете: Анализа и препораки за спроведување на Европската гаранција во Македонија“, се истакнува дека вклученоста на децата со попреченост во предучилишните установи останува ограничена. Според податоците од извештајот, во 2024 година 71,5 отсто од градинките пријавиле дека згрижуваат деца со попреченост, што е речиси идентично со стапката од 2018 година (68 проценти). Вкупниот број на деца во градинките е далеку под меѓународниот просек, според кој околу четири отсто од децата на возраст до четири години имаат некаква форма на попреченост. Најчесто се застапени комбинираните попречености, аутистичниот спектар и интелектуалните попречености, при што девојчињата се помалку застапени, што укажува на можен родов дисбаланс… Само една третина од градинките имаат обучен кадар за работа со деца со попреченост, а помалку од половината располагаат со специјален едукатор.
Истражувањата на УНИЦЕФ (2023) укажуваат дека има потреба од креирање нова и современа програма за рано учење и развој, стандарди за рано учење и развој и педагошка документација. Иако постојат национални стандарди за рано учење и развој на децата, тие не се ревидирани повеќе од една деценија и не ги одразуваат современите пристапи засновани на компетенции, инклузија и индивидуализирано учење.
Во наредниот период ќе се ревидираат и усвојат (мојата констатација е дека се доцни и дека треба да се ревидираат што поскоро) современи национални стандарди за рано учење и развој на децата до шест години, кои ќе послужат како темел за планирање, следење и процена на напредокот на секое дете. Паралелно со тоа ќе треба да се развие нова национална програма за рано учење, заснована на резултати од учење и принципи на инклузија, еднаквост и игра како главен метод на учење, и ќе се овозможи современ, развојно соодветен пристап што го подржува моторичкиот, когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на децата. Со воведување на новиот правилник за педагошка евиденција ќе се воведат пофункционални обрасци како Дневник за работа на воспитната група и Досие на детето, кои ќе овозможат интегриран преглед на развојот, учењето и учеството на секое дете.
Затоа е несомнена потребата, како што се укажува во извештајот на УНИЦЕФ, од институционални капацитети и јасни ингеренции во предучилишното воспитание и образование. Во системот на предучилишното воспитание и образование постојат преклопувања и недоволно јасно разграничени надлежности меѓу различните институции, што ги ограничува ефективното управување, координацијата и следењето на квалитетот. Овие структурни слабости создаваат дуплирање на активностите, неефикасно користење на ресурсите и фрагментарно спроведување на политиките, при што недостигот од усогласени механизми и јасно дефинирани улоги го отежнува воспоставувањето стабилен и функционален систем. Во такви услови се наметнува потребата од институционално поврзување на предучилишното воспитание и образование со Министерството за образование и наука како логичен чекор кон создавање кохерентен, поврзан и континуиран образовен систем. Ваквата институционална транзиција ја отвора можноста за донесување закон за предучилишно воспитание и образование. Неопходно е надминување на постојните преклопувања меѓу различни институции, што во моменталните услови создава некоординираност и недоволна одговорност. Со воспоставување јасна институционална рамка, засилени капацитети и единствен центар на надлежност, ќе се обезбедат ефикасно користење на човечките и материјалните ресурси, поцврста координација меѓу сите нивоа на системот и одржливо унапредување на квалитетот на предучилишните услуги. На овој начин предучилишното воспитание и образование ќе станат стабилен, транспарентен и интегриран дел од националната образовна политика.
Горенаведеното ги потврдува моите согледувања, кои сум ги истакнувал, дека: предучилишното воспитание и образование во системот на воспитанието и образованието се специфични во однос на другите потсистеми. Долги години предучилишното воспитание и образование не се третирани како составен дел од системот или постоело само декларативно определено предучилишното воспитание да се стави во системот, додека во практика е укажувано на поинаков однос на овој потсистем во однос на другите. Во согласност со стручно-научните сознанија од развиените земји и воспитно-образовните системи, тоа го наоѓа своето место во системот на воспитанието и образованието така што станува примарен и почетен степен на системот на воспитанието и образованието. Македонија нема закон за предучилишно воспитание и образование, како Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, туку тоа е во Законот за заштита на децата, што е нонсенс, парадокс…
Затоа овој прв столб на предучилишното воспитание и образование од горенаведените стручно-научни сознанија и истражувања покажува дека македонското предучилишно воспитание и образование, основата (темелот-столбот), не е цврсто и неминовна е потребата од цврсто менување, односно целосно институционално рестартирање на предучилишното воспитание и образование за негово вертикално синхронизирано поврзување со вториот столб – основното образование и воспитание.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува
































