Согледувања, ставови и анализи за нацртот на Националната стратегија за образование (НСО) 2026-2032

  • Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации.
    Во денешното издание го објавуваме првото продолжение

Овој нацрт на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 е доставен за јавна расправа и има можности за согледување, ставови и анализи за она што се планира со овој нацрт – (НСО) 2026-2032 година. Шестмесечната работа на нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032, била, како што се наведува низ широк партиципативен процес, под водство на Министерството за образование и наука (МОН) со поддршка од релевантни меѓународни организации: Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ), Фондот на Обединетите нации за развој (УНДП), Светската банка, Европската тренинг-фондација (ЕТФ) и Швајцарската развојна соработка (СДЦ). Во процесот на подготовка, како што стои во нацртот на стратегијата, биле вклучени 5.622 претставници на клучни национални институции и други.
Моите согледувања, ставови и анализи ќе бидат приоритетните области (столбови) на националната стратегија на дејствување. Моето пишување ќе биде осврнато на приоритетните области (столбови) што се планираат и кои констатации се согледани од меѓународните организации, како и моите согледувања што треба да се подобри во нацртот на НСО, а тие приоритетни области (столбови) се:
1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации.

Прв столб – предучилишно воспитание и образование

Во нацртот на Националната стратегија за образование (НСО 2026-2032) се наведува дека квалитетното предучилишно воспитание и образование претставува темел за холистички развој на детето, но и основа на образовниот систем во секое општество. Приоритетната област Предучилишно воспитание и образование се стреми да се надмине значителниот јаз помеѓу опфатот на деца во предучилишните установи во земјата и до европската цел од 96 отсто, преку зголемен опфат, со фокус на ранливите групи и маргинализираните региони. Оваа приоритетна област се занимава и со унапредување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование.
Како се третираат предучилишното воспитание и образование во Република Македонија и што претставуваат предучилишното воспитание и образование?
Предучилишното воспитание и образование не се паралелен и независен систем, туку претставуваат дел од единствениот систем на воспитанието и образованието, кои како и другите потсистеми имаат свои особености.
Денешниот степен на развој на општествено-демократско-плуралната и научна мисла и сознание укажува на фактот дека предучилишното воспитание и образование се базичен фундаментален и постулатен потсистем на другите потсистеми. На него се надоврзуваат другите степени на воспитанието и образованието, како што е во многу европски и светски земји со зголемено опфаќање во образованието со воспитните програми што одговараат на потребите и на возраста.
Од овој аспект од страна на извршените истражувања и анализи од страна на (УНДП 2003) во однос на социоекономските диспаритети меѓу општините во Македонија на предучилишното воспитание и образование, децентрализацијата предизвикува сериозни проблеми. Имено, со предучилишното воспитание се опфатени вкупно 36.605 деца, од кои 21.804 (59,56 отсто) се во предучилишните установи, а 14.801 (40,44 отсто) во забавишната група-нултата група при основните училишта. И покрај тоа што опфатот во годината пред поаѓањето на училиште изнесува 82,23 отсто, загрижува фактот дека опфатот на деца во претходните години со организирани форми на предучилишното воспитание е околу 20,67 отсто, од аспект на децентрализацијата има исклучителна важност.
Во таа насока се поставува прашањето: колку ќе бидат моќни и одговорни локалните власти да го зголемат опфатот, односно дали го сфатиле значењето на предучилишното воспитание и образование и дали ќе имаат доволно средства за отворање предучилишни капацитети? Ако се знае дека предучилишните установи претежно се јавни и со приватен капитал, доминантно се отвораат во поголемите урбани средини, и тоа во побогатите општини, со назначена маргинализација на руралните средини, место за оптимизам нема. Можеби опфатот на деца ќе се зголеми, но и понатаму ќе остане голема разлика во стартните компетенции меѓу децата што посетувале и оние што не посетувале предучилишни установи.
Крајно лошата образовна структура на населението, малиот опфат и високиот процент на осипување во редовните степени на образование, големиот диспаритет во компетенциите кај децата пред поаѓање на училиште (голем број деца го започнуваат школувањето со ниски стартни знаења и способности што подоцна се рефлектира со слаб успех, осипување или апстинирање од натамошното образование), значајно осипување на преминот од основно во средно образование (16,65 отсто) и потребата од зајакнување на компетенциите за работна и социјална инклузија на населението ја принудија Република Македонија во 2005 година да го зголеми образованието на девет (9) години, за во 2006 година, да го зголеми уште повеќе со донесување на закон со кој и средното образование се прогласува за задолжително (Закон за основно образование, „Службен весник на РМ“, бр.103/08 и Закон за средно образование, „Службен весник на РМ“, бр.33/10).
Според тоа, може да се каже дека предучилишното воспитание и образование, како базични, денес треба да се насочуваат на натамошно ширење, развивање, опфаќање на децата во сите средини и структури, возрасти и категории во состав на постојните институции за да се даде можност за полудневно, целодневно и повремено опфаќање на децата со разни форми, активности и содржини за кои тие пројавуваат интерес.
Проекционите задачи предвидуваат постојните воспитно-образовни установи да се трансформираат во предучилишни установи – детски градинки што во организацијата на живеење и дејствување ќе имаат различни програми на дејствување. Тоа говори дека предучилишното воспитание и образование треба програмско-курикуларно да се престројуваат, во согласност со потребите на децата, а педагозите и воспитувачите да ги следат развојот, воспитанието и образованието и врз таа основа да ги едуцираат децата креативно и воспитно-образовно.

Разновидноста на програмите во програмско-курикуларното одредување овозможува флексибилност на установата, успешност во реализацијата и квалитетот на активностите со децата, со што се зголемува интересот кај децата и кај родителите.
Покрај гореизнесеното, предучилишните установи во согласност со својата програмска и кадровска поставеност треба да овозможуваат реализирање на специјализирани програми и активности: музички, јазични, драмски, творечко-креативни и слично, кои овозможуваат индивидуално и креативно творечко изразување и воспитување на креативноста. Во состав на овие програмско-курикуларни модулации се иницира и прашањето за успешно подготвување на децата за поаѓање на училиште, тоа е европска и светска реалност, а за наши услови декларативна стварност.
Предучилишното воспитание и образование имаат цел да придонесат за целосен развој на децата во предучилишната возраст, создавање адекватни услови и поттик за развој на детските потенцијали.
Во таа смисла треба да се истакне дека во рамките на предучилишното воспитание и образование на децата им се овозможува ширење на искуствата и добивање знаења за себе, за другите луѓе и за светот во кој живеат. Предучилишното воспитание им овозможува дополнување на семејното воспитание, во услови на трансформација на современото семејство, кое се сведува на родители и деца, посебно во делот на вршење на воспитната функција и јакнење на компетенциите на родителите. Во предучилишното воспитание се тежнее кон развој на сите детски потенцијали, да се подготват за натамошно воспитание и образование, а со тоа и за вклучување во општеството.
И покрај гореистакнатото за системската и континуираната поставеност на системот на воспитание и образование, сепак во практиката наидуваме на одредени проблеми и тешкотии во однос на континуитетот и дисконтинуитетот. Пример, предучилишното воспитание и образование како основни и базични во кои се поставуваат основите на воспитанието, развојот и формирањето на детската личност се во дисконтинуитет со основното образование како постулатно, кое се надоврзува на предучилишното, наидува на проблеми и тешкотии во програмско-курикуларната поставеност и во третманот, бидејќи сѐ уште се наоѓа и се третира со Законот за детска заштита и е под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика, што не е случај во многу земји. Истиот случај е и со основното деветгодишно и задолжителното средно образование, кои се во дисконтинуитет, бидејќи и едниот и другиот степен се задолжителни и не даваат можности за продолжено целосно општо образование и за разгранет систем на средно стручно вокационо образование. Од тие причини од трансформирањето треба да се направат напори за континуирано степенасто образование и за коригирање на слабостите и пропустите од дисконтинуираното степено образование, кое во практиката наидува на одредени тешкотии.
Во согласност со изнесените сознанија, видувања, аргументи и законодавна правната регулатива, треба да напоменам дека предучилишното воспитание и образование, како почетен и примарен степен во системот на воспитание и образование со традиција, искуства и научни постулати, без аргумент се изземени од системот на воспитанието и образованието и неприродно се припоени кон Министерството за труд и социјална политика, односно во социјалните дејности и социјалната политика. Науката не може да го прифати ваквиот чин, затоа што децата како единки – личности од предучилишната возраст, се наоѓаат во постојан биолошки, физички, физиолошки и психолошки развој, па бараат посебен приод и третман во предучилишниот период
Моето согледување е дека современото предучилишно воспитание и образование треба да го следат духот на современите тенденции, времето, предизвиците и на стручно-научните сознанија. Од тие причини треба да се третира како еден од најспецифичните стадиуми во развојот на детето и воспитанието и да се продолжи со отворениот систем со создавање поволни услови за социјализација, воспитание и образование во процесот на сознанието. Поконкретно, отвореноста на предучилишните установи како тенденција треба да продолжи со флексибилност на воспитно-образовните програми и почитување на индивидуалноста на личноста на детето.

Ова мое согледување и пишување ќе го потврдам со исказот и пораките на нашиот македонски професор д-р Никола Петров, доајен на македонската педагогија и пошироко, искажани на многу тематски расправи и конференции: „Денешниот степен на развој на општествено-демократско-плуралната и научна мисла и сознание укажува на фактот дека предучилишното воспитание и образование се базичен фундаментален и постулатен потсистем на останатите потсистеми. На него се надоврзуваат другите степени на воспитанието и образованието, како што е во многу европски и светски земји со зголемено опфаќање во образованието, со воспитни програми кои одговараат на потребите и на возраста“. Оваа порака и исказ на професорот д-р Никола Петров треба да бидат основа на нашето македонско образование.

(продолжува утре: Што покажуваат анализите за состојбата на предучилишното воспитание и образование)