- Дали знаењето го прави човека да вреди повеќе? Што е поважно – знаење, искуство или традиција? Можеме ли да станеме водечка метаинтелигенција, авангарда или ќе си офкаме и офкаме оти светот не чини? Дали знаењата на дедовците или прапрадедовците вредат? Колку знаење? Оф-оф-ооооф колкава ЗОО-градина од прашања. Помогнете! Ајде мислете, прашувајте… сите треба да мислат!
Човекот се раѓа слободен, а потоа дигитализира. Внуците се дигитални монаси. Државите стануваат дигитални-Ки Мил-феуди. Сакате децата да ви бидат вундеркинди? Поважно е да преживеат. Прашања на денот се следните: Зошто е важна едукацијата? Зошто нашите ученици имаат слаби меѓународни резултати? Дали следните генерации ќе бидат АГИ-машини? Како се живее со „суперинтелигентни“ машини во сингуларност и субитизам? Може ли АИ да има грижа, просветлување и вера? А фанатизмите? Што „вреди“ повеќе – знаењето на Западот, Истокот или џихадот? Имаме ли некое свое знаење? Има ли еволуција? Дали да се плашиме од трансхуманизмот? Дали лошата едукација условува младите да си одат во странство? Ќе останат ли ако го зајакнеме школството? Дали знаењето го прави човека да вреди повеќе? Што е поважно – знаење, искуство или традиција? А приватизација („втора медицина“)? Можеме ли да станеме водечка метаинтелигенција, авангарда или ќе си офкаме и офкаме оти светот не чини? Дали знаењата на дедовците или прапрадедовците вредат? Колку знаење? Оф-оф-ооооф колкава ЗОО-градина од прашања. Помогнете! Ајде мислете, прашувајте… сите треба да мислат! Колективното мислење создава свет, како што би рекле во титоизмот – „сите во одбрана и заштита на знаењето“. Еј, дали факторите за образование се уплашени… Ајде де, па јас би бил десет пати поуплашен од вас. Иако сум стара машина кон крајот на патот, уплашен сум од сопственото незнаење. Еве, ми купија нов компјутер за да не бидам „диносаурус“, прекрасно… а додека го научам, ќе излезат десет нови генерации. Е па, замислете да сум учител. Учениците ќе знаат повеќе од мене, оти нивните мозоци се десет пати побрзи од мојот. И што ќе правиме? Курсеви, континуирана едукација, работилници, тра-тра-траааа… А супресијата? Да-да супресија Балканска.
Еве – еднаш од многу силен универзитет добив задача (со силна врска разбира се, покрај ум треба и врски) да воведам „innovative teaching“ и би влегле во друштво на најсилни универзитети! Тикви шарени! Не прифаќаат наши! Балкан. Додека објаснив, дојде пензија. Ме испердашија како „џукец“ – демек кој сум јас да носам другости. Подоцна излетавме и од Шангајската листа – на здравје! Додуша Штип отиде пред нас, но и таму нема сила за качување. И кога ќе влеземе повторно? Драги мои, ви пожелувам добар пат во иднината. Три причини за ниските скорови на меѓународниот тест се: 1) различни програми на учење, 2) ненавикнатост на овој вид на тестирање и 3) инерција – мегаинерција за нови мислења. Ќе мора да излеземе од просторот на комфорот, „еднаш научено – секогаш научено“. Стратегија – е добар почеток. Учењето да биде забава! Учењето не е копија на предавачот, ниту механичко трупање податоци. Учењето е креација и метакогниција. Инвазијата на АГИ е опасна, но неизбежна, ќе ја скротиш – ако ѝ конкурираш (Бостром, Јудковски). Фактори за емиграцијата кај нас се маледукација, супресија и мафизација. А каде одат? Во нова суровост!
Кои се школите во филозофијата на едукација? 1) Идеализам: реалноста е идеја, разум и морален карактер. Тука се Платон – реалноста е идеја, сѐ е ум, а е и манифестација на идеалното – Кант, германските, метафизички идеалисти и Хинду – Шанкара. 2) Реализам: реалноста не е зависна од идејата и умот, туку од објективниот свет – Аристотел, Џон Лок, Беркли, Хјум, Акшапада, потоа трансцендентен и спекулативен реализам. 3) Прагматизам: реалноста се манифестира преку работа, пракса, решавање проблеми – Диви, Пирс, Рорти, Симон, Франсис Паркер, Бовоар и Мариа Монтесиори. 4) Егзистенцијализам: субјективно искуство, егзистенција ѝ претходи на есенција и е избор со индивидуална слобода, а слободата е сурова – Сартр, Ками, Киркегард, Хајдегер, Абагнано, Мартин Бубер, Нодингс, Колб, Лиу Ксун, Чен Ронг, Вивекананда, Малро со Ниле и Лоренс. АИ-аспект инклудира – креативност, етичко мислење и емпатија – Гордон, Кауфман, Махфус, Дуинан. Други посебни филозофски правци на учење посебно се: 1) Перенијализам: умот открива универзални вистини – Платон, Аристотел, Роберт Хачинс и Мортимер Адлер. 2) Социјален реконструктивизам: едукацијата е реконструкција на општеството и кризи (војна, сиромаштија, нееднаквост – школите се агенти на социјални промени – Џорџ С. Каунтс, Теодор Брамдел, Паоло Фриере. 3) Современата АИ-етика е одговорна рамка за интегрирана технологија – Веин Холмс, Сал Кан, УНЕСКО политички контрибутори. АИ треба да биде – човекоцентрирана, транспарентна и одговорна. 4) Дали ќе го забраниме Маркс од политички причини? Глупост! Повлекува Бурдје, Бодрилар, Лакан, Атали… 5) Современа – АИ и едукација (АИЕ): Петар Јандриќ (Хрватска, критичка АГИ, постдигитализам, етички и социјални), Михаел Петерс (едукација со АИ, дигитална политика, биополитика и биосоцијализам). 4) Други важни: Карпентие, Сименс, Јандриќ, Барнет, Биеста Летсека, Колозова, Бардеев, Скоф… Напомена: Армискиот развој на АИ, АГИ (артифициелна генеративна интелигенција), АСИ (суперинтелигенција), квантум, сателити и други технологии е далеку пред цивилниот, но за тоа ќе зборуваме другпат. Користете „Shortform“, „Blinkist“ и „Headway“ за брзо знаење.
Креативноста е најважна – концепт, подобрување, дивергентност, персонализација, „педагогија на чудото“. Размислувај поинаку од другите. Како може подобро? (Книги: Scott Thorpe – How to think like Einstein, Maria Konnikova – How to think like Sherlock Holmes, Maasaki Imai – Kaizen). Хераклит вели дека животот е војна, секој ден. „Креативноста е див ум и прецизно око“, вели Дороти Паркер. „Мисли дека си гениј – и ќе станеш“ – Салвадор Дали. „Креативноста е забава со интелигенција и имагинација“ – Ајнштајн. Моцарт вели дека генијалност не е интелигенција или голем талент, туку љубовта. „Љубовта е најголема во невоља“ – Леонардо. Тесла вели: „Ум не сум јас, туку вибрација од универзумот“. Цени сѐ што прават гениите и направи го поинаку. Хуморот е генијалност. Дали денес си смислил некоја генијалност? Кога си во мака, нема спас без креација. А таа се вежба, како спорт, кондициски тренинг или акробација. Школото треба да цени креативност, а не папагалство. Во нашето детство – ние бевме „папагал-грамофони“ – моравме да го повторуваме она што професорот го бараше од нас. Сакам факултет за „street smart“ велеше еден мој другар, генијален физичар од Египет. Копирај само ако мислиш да направиш подобро. И знај дека нештата се аналогни, променливи, комплексни, циклични и убави. Естетиката е стимулација на мозокот. Неиновативноста не е естетска.
Копијата нема уметничка вредност. Едноставното е најестетско – Пикасо, Ајнштајн, Леон Купер. Новото е иднина. Новина е персонализирана АГИ, која е „копилот“ на вашата креативност (Стефани Шнајдер). „Татковци“ на АГИ се Јирген Шмидхибер и Џефри Хинтон, а водечки во 2025 година се: Илон Маск, Марк Бениоф, Сем Алтман, Денис Хасбис, постхуманистичка демократија (Франческа Фернандо), „појавна когниција“ („скриена цена на прогрес“ – Нил Селвин), „креативни студија“ пост 2023 (кинематографија – Мат Рајан, „микстна реалност“ – Флавиан Карлос, „gamification“ – Сам Либерти), невроедукација (Уша Госвами), Петта индустриска револуција (хумано-машинска интеракција), УНЕСКО инволвирање (Шафика Исакс, еднаквост, етика, Пекиншка конференција, АГИ-водач, обука, национални политики) – и огромен спектар на појавни дисциплини. Учествувајте во креацијата и креативното учење на светот.
А медицината? Оф-оф-оф, кво вадис… Прво да се ослободиме од медипримитивизам. Што значи тоа? Кај нас и во светот е преполно со „сезнајковци“ што не се професионалци и агресивно даваат совети за медицината – антиваксери, антимедикаменти, антинаука, конспирации, инпутирање политики (антизападни, антиисточни, антиинформативни), велат – „нападнати сме од авиони што постојано нѐ трујат“, „не слушај доктори“, трибализам и феудоментализам. Уморни сме. Иднината е превенција – имуно, малигно, кардиоваскуларно, потоа јавно здравство, едукација, еднаквост, закон и права информација, со продолжување на животот. Идни правци се имуномодулации, геномика, фармакономика, други „номики“, целуларен и ткивен инженеринг, ДНК-терапии, ДНК-едитинг, „неинвазивни“ хирургии (интервентни, хистотрипсија), маркери, социјална медицина. Потоа – АИ: автоматска дијагноза, фармакотерапија, роботска терапија, визуелна асистенција, четбот-асистенција, IoMT (Internet of Medical Things – сензори, „часовници“, стикови, електромагнетни инструменти), далечинска медицина, регенеративна медицина, 3Д-биопринтинг (органи), матични клетки и вештачки органи. АИ-примена е: едукација (иновативна, игри, диференцијална дијагноза, слики, „диригирана хевристика“), виртуелен свет, виртуелни лаборатории, виртуелен пациент, фармако и хербални терапии, закажувања, домашни консултации, здравствена економија и социјала (книги на Хан Канг и Ана Тајлер).
Дали религиите влијаат? Да, традиција е егзистенција. Верата може да го врати Македонецот. Нели Исус бил учител? Прочитајте ја „Q“, „Quelle“, збирка на изреките на Исус. Како агресивните и диви германски и нормански племиња станаа најразвиените нации во Европа? Или Варингианите во Киевска Русија пред христијанството, а после Олга, Олег и Владимир станале огромна и важна христијанска земја. Со верата. Македонија е важна за сите религии, особено христијаните, исламот и јудаизмот. Затоа јас предлагав нејзиното име да биде Светата Земја Македонија. Македонизмот каков што е сега го создадоа црквата и свештениците. Примери се (имајте трпение, важно е): испосници, архијереји, исихасти, охридските пештерски манастири, Пештански, Трпејца, Калишта, Св. Стефан, потоа Преспа – Св. Илија, Маркови Кули (Скопје), Печанец, Катланово, Демир Капија, Градешница во Мариово и скитови, Зрзе, Змејова Пештера и Трескавец, Прилепско, потоа Лесново, Плачковица, Варлам, Осогово, Малешево, Вељуса, Водоча, потоа на Матка – Никола и Андреј Шишевски и многу други. Не заборавајте ја „Македонската ренесанса“, која се учи во светот, од Палеолошката заложба – Св. Пантелејмон (Скопје), Курбиново, Охрид – Св. Богородица, Св. Богородица Перивлепта, Св. Софија, потоа Матка – Никола Шишевски и Св. Андреј, Марков манастир, Лесново, Матејче и Зрзе (в. книга „Цркви и манастири во Македонија“ и Вера Јоциќ, Тримакс). Ако ги почувствувате – Бог ќе ве врзе за светата земја Македонија. Од овој свет излегуваш од каде што си влегол – од ништо во ништо. Пештерата е повредна од палата. Кога имав само пет години, еден охридски свештеник (му го заборавив името, но мислам дека беше Стефан) ни одржа лекција за македонскиот јазик, со таква импресија што ми стана јасно дека црквата го одржала чист, ваков свет низ векови. Неколку значајни свештеници, учители, испосници и исихасти се: Св. Климент и Наум, Св. Еразмус, Јоаким Осоговски, Јосиф Исихаст (и други исихасти до денес), Калистрат Зографски, Владимир Санџаковски, Партениј Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Спасе Игуменов, Јоаникиј Ракотински, Харитон Карпузов, Вељо Манчевски, Партениј Бигорски, Поп Богомил, Александар Цандовски, Јоаким Крчовски и многу несвештени просветители. Македонија е Вардарски Атос. Овој список секако е мал – тема за експерти, но и душа на други пријателски конфесии. Можеби во школите најмалку една година по предметот Историја треба да ѝ се посвети на Македонија. Поентата е дека љубовта кон Македонија се историјата и верата. Еврејската религија ги држела Евреите со милениуми, преку љубовта ерусалимска. Учете и овде, за Македонија да биде жива.
Дали можат и старците да креираат? Како „старјеците“ во Русија и сенатите, последен Ерусалим во светот џихадски. Креирај – ангел си. Треба – авангардизам, оптимизам, прашувај, пишување, сликање и дружење. Ааах заборавив….. На 20 ноември 2025 г. се одржа 22. Светски ден на филозофијата, со темата „Филозофијата во образованието“, кое метаморфозира со огромна брзина со присутни академици, професори, студенти, филозофи… единствени што не беа се политичарите. Дали е тоа лапсус или традиција? „Има луѓе со вид, но без визија“, велеше Хелен Келер, која беше слепа, глува и гениј. Но ако беше сѐ убаво, ќе се изгубеше надежта. Ајде да ја чуваме надежта.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
































