Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот

ПОВОД: 125 ГОДИНИ ОД ПРАИЗВЕДБАТА НА „МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА“ НА ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО СОФИЈА

  • „Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот „ Славјанска беседа“ во Софија, во ноември 1900 година

Преубаво ни е името за да ни го остават. Оваа злокобна тегобност, тескоба и трепет, пророштво го тревожеше и Блажета Конески, еден од најголемите македонски дејци на 20 век. Тоа не е библиско претскажување или реквием за исчезнување на една држава и на еден народ што поетот гениј ги опеал за сите времиња. Тоа е пискот на таткото на „Тешкото“, на таткото на јазикот наш современ, литературен и насушен. Тоа е лелек на човекот што кажа: Јазикот е единствена наша комплетна татковина, што одекнува и денес во ехото во медиумскиот обзор. Предупредувачки шорткат, безвременска македонска дилема на гигантот Конески, опомена до идните генерации за историската одговорност, мудрост и храброст за да се зачуваат јазикот, името, имињата и презимињата, прадедовското, татковото и мајчиното наследство. И да се зачуваме себеси.
Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.
Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за кусо време изоде голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа.
Македонскиот јазик живее драматични и критични моменти од своето постоење на долгата историска оска. Не е таа загроза само инострана, идентитетска, инојазична. Во вртежот на политичките превирања, договарања, на нашиот мајчин јазик му е скусена негата и во јавниот простор и во извесна смисла и грижата за него од државата. Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е историја, традиција, обичаи, наследство, идентитетска инфраструктура… „Негувај го македонскиот јазик, побарај лектор – здружение на лектори на Македонија“ беше текст испишан на билборд што го прочитав во една пригода стоејќи простум во градскиот метеж од перцепции, при што со доза на блага иронија, резигнација и горчина, сам со себе си разговарав и се прекорував. Вака ли се штити идентитетот, се чува и негува јазикот, со билборди, со летоци…
„Чувајте го јазикот, Симјановски, тој ќе ве чува Вас“. Го враќам филмот години наназад. Така говореше Милчин Постариот во една дискусија по повод употребата на жаргонот во филмската конверзација. Конкретно – дебатата беше по повод премиерата на мојот игран проект, ТВ-филмот „Пикасо“, кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше реализиран во продукција на МТВ и беше прикажан во ударниот драмски термин на тогашната Југословенска радио-телевизија. Како автор на сценариото и режијата сметав, а и така направив, за поголема уверливост во одразот на скопското милје, јунаците во дијалозите да комуницираат на скопски. „Филмот е убав, Симјановски, но задача на Вас авторите е будно да внимавате на јазикот, особено во уметничкото творештво, да го негувате и доизградувате, бидејќи тој е вашата легитимација“. Ги доживеав овие зборови како комплимент, но и како благ прекор, кој и ден-денес ми одѕвонува во сеќавањата. Како одминуваат годините сѐ повеќе ја чувствувам важноста на пораката од почитуваниот голем артист, интелектуалец, педагог Илија Милчин и неговите заложби за македонскиот говор и правоговор и учество во културната автономија во пиринскиот дел на Македонија.
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на којшто зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце Славчо Ковачев и Борис Сарафов, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа во Софија, во ноември 1900 година.

Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман-бег во ноември 1900-тата што публиката фрлала по него столови и му правела разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета. Што се однесува, пак, до прашањето за јазикот на пиесата, „Македонска крвава свадба“ била напишана и изведена на македонски јазик, затоа што била намената за Македонците во Бугарија, а не за Бугарите.
Така почнува финалната сцена на ТВ-филмот „Премиера“, за која сценариото го пишувавме заедно со почитуваниот Милан Банов, истражувајќи и прегледувајќи за таа цел многубројни архиви, фотографии на македонски дејци, документи, сведоштва, врз кои ги создаваме сцените на премиерата на македонскиот јазик во драмската уметност. Човекот со куфер што доаѓа од Пловдив да присуствува на премиерата на „Македонска крвава свадба“ беше една од ролјите, која ја толкуваше почитуваниот актер Илија Милчин.
Во една пригода по повод извесни драмски чествувања во салонот „Славјанска беседа“ во Софија присуствував на драмски фестивал на кој беше прикажана македонската пиеса „Дунек“, со Владимир Ангеловски во главната ролја. В миг во време на течението на пиесата го чув повторно далечното ехо на зборовите на Ковачев и Сарафов. Јазикот на кој зборуваат и пишуваат поколенијата, овој пат повторно како пред повеќе од сто години слободно одекнуваше на сцената. В миг повторно како да ги осознав длабоката смисла и важноста на пиесата „Македонска крвава свадба“. Во Софија, во салонот „Славјанска беседа“, на денешен ден во 1900 година е одржана праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од основоположникот на македонскиот театар и драматургија, македонскиот писател Војдан Чернодрински.
„Што направив јас? – Ништо не напишав. Јас го препишав од сѐ уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонците да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им се одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест – ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата“.
Кога Македонците во Софија се собрале пред „Славјанска беседа“ со намера да ја гледаат претставата, пристигнале вооружени бугарски коњички стражари за да ја изгонат македонската „толпа“. Но пред нив застанале комити вооружени со револвери и ками, кои ги заштитиле актерите и претставата продолжила без прекин.
Mакедонскиот јазик, иако според кодификацијата е многу млад, за кусо време изоде голем пат, помина преобразба и денес се наоѓа високо на листата на современи светски јазици. Тоа пред сè се должи на кодификацијата, односно на моделот што го избрале кодификаторите. Тука пред сè се мисли на оттргнувањето на македонскиот јазик од старословенската основа, за разлика од рускиот и од бугарскиот јазик, кои се засновани на неа, во смисла на морфолошки и ортографски правила, а најважно од сè е успешно избраната дијалектна основа.
Законот за употреба на македонскиот јазик („Сл. весник“ 5/98) пропишува занимање – лектор, кој е единствен овластен да се грижи за правилна употреба на стандардниот јазик. Според членот 7 од Законот: „Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од членот 5 став 1 од овој закон (називи, реклами, плакати, упатства на лекови, меѓународни договори, текстови за масовна комуникација) што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
Во метежот пред лелекот на билбордот во близината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се потсетив на завештанието на почитуваниот и скромен професор, поет, научник, татко на македонскиот јазик и правопис Блаже Конески: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Овие зборови во ова бурно време како да го добиваат своето полно значење. Заложбите за неговиот опстој денес одново силно се интензивираат. Незапирливо продолжува македонското „да се биде или не“ и во сферата на писмото и правоговорот. Овие скромни редови ги посветувам и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби и со мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци, политичари, кои облечени во – овчи одежди, кои дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените, невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие.

Аљоша Симјановски