Буквално ќе исхендлам ако ме кикнеш, бидејќи и онака сакав да ливнам. Оваа реченица изговорена од една млада личност ме остави без зборови, долго прашувајќи се што значи сево ова и каде ли јас живеам. Оваа чудна појава често ме тера да се запрашам дали живеам во Белград, Лондон или во некое друго подалечно место. Сѐ почесто меѓусебните разговори на тинејџерите се „губат“ во англиски изрази и интернет-сленг, кои без некоја реална причина се мешаат со понекоја македонска реченица, правејќи од тоа говорен метеж. И тоа отвора прашање што станува сè погласно: Дали младите навистина го познаваат својот мајчин јазик или само го користат онолку колку да се разберат?
Не сакам да верувам дека младите намерно бегаат од македонскиот јазик. Едноставно живеат во свет во кој речиси сè што консумираат е на англиски: содржините што ги гледаат, музиката што ја слушаат, видеоигрите што ги играат, трендовите што ги следат. И кога секојдневието ти е обликувано од таа логика, нормално е да почнеш да зборуваш со нејзиниот речник. Од друга страна, странцизмите за нив не се само зборови – тие се некаков знак на модерност, современост, на урбана припадност. Едноставно, младите се идентификуваат со тој современ начин на изразување.
Но токму тука се крие опасноста. Јазикот не се губи со неколку интернет-термини, туку со навиката да се заборава сопствениот збор. Кога постојано го менуваме македонскиот израз со англиски, постепено се одрекуваме од способноста да се изразиме прецизно и богато на својот мајчин јазик. А јазикот не е само средство да се разбереме. Тој е нашиот код, нашата историја, нашето огледало. Она што го менуваме без да забележиме е всушност дел од нас.
Не е тајна дека младите веќе растат во дигитална средина во која доминира англискиот. Социјалните мрежи ги „образоваат“ повеќе од кој било учебник, а Јутјуб и Тикток се новите училници. Во таков амбиент, странцизмите се чинат како природен дел од секојдневниот говор. Но проблемот не е во тоа што младите разбираат англиски. Проблемот е во тоа што понекогаш имаат поголема јазична самодоверба на англиски отколку на сопствениот јазик.
Често се поставува прашањето дали странските зборови што навлегуваат во македонскиот јазик се последица на тоа што немаме доволно сопствени зборови за одредени термини. Искрено, делумно може да се каже дека е така, но тоа не е главната причина. Понекогаш навистина се појавува нов поим – технолошки, медиумски или културен, за кој во македонскиот јазик сè уште нема изграден и општоприфатен термин. Во такви случаи природно е да се посегне по странскиот збор. Тоа им се случува на сите јазици; ниту еден јазик не е доволно брз за да го следи развојот на технологијата и глобализацијата.
Но многу почесто причината не е во недостигот од зборови, туку во недостигот од навика да ги употребуваме постојните. Македонскиот јазик има убави, точни и јасни зборови за многу термини што денес речиси секојдневно ги заменуваме со англиски. Тие зборови постојат, само не се користат, не им се дава видливост и не звучат доволно модерно во ушите на младите. Во нивниот свет, каде што трендовите, медиумите и социјалните мрежи функционираат главно на англиски, странските зборови се чувствуваат поблиски од домашните. Тоа не е лингвистички проблем, туку културен.
Се чини дека младите сѐ повеќе се под влијание на свет во кој англискиот е јазик на дигиталната комуникација, на забавата, на трендовите. Нормално е тогаш тие зборови да победат во битката со македонските, не затоа што наши термини нема, туку затоа што не се доволно присутни. Но, јазикот не е моден тренд. Затоа, вистинскиот проблем не лежи во јазичната сиромаштија – напротив, македонскиот има капацитет, има зборови, има можност да создава нови. Проблемот лежи во тоа што тие зборови не се користат доволно и што англиските звучат поудобно, побрзо и попривлечно.
Како да го запреме овој наплив? Се разбира, решението не е во забрани, ниту во укори. Не можеме да бараме од младите да не употребуваат англиски зборови ако целиот медиумски и дигитален свет ги бомбардира со нив. Но можеме да им покажеме дека македонскиот јазик не е старомоден, ниту ограничувачки. Тој може да биде современ, жив и елегантен ако му дадеме простор да дише. Потребно е да го слушнат во својата полна убавина – во медиумите, во образованието, дури и во секојдневните разговори дома.
Исто така, секој од нас има мала лична улога: да се сети дека има македонски збор пред да го изговори странскиот. Не за да го „спасуваме“ јазикот со сила, туку за да му дадеме почит онака како што му припаѓа. Мајчиниот јазик не бара многу – бара да не го заборавиме. Бара да се сетиме на него тогаш кога ни се потребни точните зборови.
Јазикот живее онолку колку што го користат неговите говорители. Младите не се виновници, туку најчувствителен дел од општеството што брзо ја апсорбира современата култура. Наместо критика, потребни се охрабрување, поддршка и пример.
Македонскиот јазик не бара да се затвораме од светот. Јазикот не е само средство за комуникација. Тој е култура, идентитет, ткиво што нè поврзува. Ако го разлабавиме тоа ткиво со неконтролиран наплив на странски зборови, полека ќе ја изгубиме способноста да се изразуваме со автентична сила и длабочина.
На крајот, ова не е генерациски проблем, туку наш избор. Колку и да се менува светот, јазикот останува нашата најсилна нишка со она што сме. И ако му дозволиме да избледи, можеби нема веднаш да исчезне, но ќе стане бледа сенка од она што може да биде. А тоа би било најголемата загуба – тивка, незабележлива, но длабока.


































