Училишниот ден треба да биде задоволство, а не одбивност

Наставниот ден трае пет, шест, седум наставни часа, а може да се случи да трае и помалку. Знаеме дека истрајноста на последните часови е минимална, зависно од распоредот во денот што го имаат учениците. Во некои денови имаат потешки предмети, некогаш полесни и така според наставните програми по кои работат. Како и да е, сепак сметам дека јазици не се ставаат како последни часови. Но веќе навикнавме на тоа и продолжуваме понатаму. По седмиот наставен час, не доаѓа предвид ученик да ви остане на дополнителна настава, додуша тој ефект се случува и по шестиот час, мислам за претпладневната смена, а за попладневната смена е невозможно, иако некогаш се јавува задолжителна потреба. Наоѓаме начини, ги решаваме и тие работи. Не е лесно, не е едноставно, но законска обврска на наставниците е да одржуваат дополнителна настава, слободни ученички активности, воннаставни активности итн. Наставното време треба корисно да се распореди, за да одговара на потребите и на учениците и на наставниците. Затоа постојат решенија низ договори кога можат да се реализираат другите активности. Но што правиме со одбивноста на учениците да истраат на часовите кога треба да научат нешто повеќе, да запишат во тетратка или, ете, кога мора целосно да се заврши седмиот час? Веднаш се оди на варијантата: „ве молиме да нѐ пуштите порано“ или „може да одам до тоалет“. Тие изговори се зачестени последниве години. Од каде толку мачнина да се доседи на часовите? Мислам дека учениците се преоптоварени со неделниот фонд на часови. Понекогаш имаат блок-часови од предмети, па затоа мислам дека треба да има: намалување на бројот на предмети и намалување на бројот на часови на учениците, затоа што на тој начин ќе се растоварат и нема да се јавува толку мачнина во истрајноста на часовите. Растоварување – не значи дека постојат неважни предмети, напротив, сите се значајни и важни на свој начин, ами тоа значи изнаоѓање други начини за нивна реализација на начин со кој ќе се подобри и концентрацијата кај учениците и трпеливоста на часовите. Кој сака да учи, ќе најде начини да учи, а кому не му се учи, изговорите се најлесен начин да се изрази незадоволство и слично.
Неколку совети за исполнет и задоволен училиштен ден:
– не давајте им на учениците преобемни лекции, ами, да го извлечат и да го научат најважното од лекциите;
– напамет, не барајте премногу, затоа што се потиснува мислењето со своја глава, па оттука треба да се бара и да се очекува учење со разбирање;
– давајте им на учениците повеќе проектни задолженија, презентации, во кои учениците ќе решаваат проблеми и критички ќе пристапуваат до решавање на конечниот резултат, односно да може да мислат;
– почитување на желбите и талентите на учениците (едни поседуваат музикалност, други, драматизираат, трети цртаат итн.);
– насмевки и пријатно расположение на часот, задолжително да има, а не, само пишување и пишување…;
– внимание кон секое дете на часот, затоа што знаеме дека имаме различни карактери на деца (тоа сепак значи за учениците);
– повеќе групни задолженија на часовите и во парови, а поретко да се применува традиционалниот начин на повратни информации;
– доколку е потребен мобилен телефон, да се користи разумно и со цел;
– повеќе работа на часовите, а во помал обем да се дава за домашна работа, затоа што не е само еден предмет, тука треба да се има предвид и тоа;
– доколку некој ученик не е расположен, или не му се работи, дадете му некоја корисна работа во училиштето – тврдам со сигурност дека ќе ја изврши;
– поставете ги учениците да бидат наставници, нека предаваат еден ден и тие, ќе видите дека ги бидува ако добро ги насочите;
– практикувајте воннаставни активности, посети, екскурзии и сл., тоа е добро за самите ученици, па и за наставниците, сепак треба да се менува наставниот поглед разнолико…
Има уште многу други совети што можат да ги направат училишните денови да бидат вистинско задоволство и уживање, а не преоптовареност и одбивност, просто да не се забележи кога поминало времето. И најважно, мора да се разговара со учениците. Наставникот како човек со искуство, може да ги посоветува учениците за некој приватен проблем. Ако пристапите така човечки, ќе ви се случи најубавото нешто што може да се случи – учениците никогаш нема да се осмелат да ве излажат или да ве измамат околу своето знаење. Толку!

Автор: професор Александар Адамовски