Нека ни е честит 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје

Можеме ли денес да го замислиме Скопје пред 81 година, во тоа магливо и студено ноемвриско утро. Достатно долго време овој крупен настан на нашата историја да се промислува и да се реафирмира во една силна, револуционерна и прогресивна идеја.
Во ноемвриската есен на 1944 година, Скопје беше исправено во сите аспекти на својата локална и национална егзистенција пред еден нов историски почеток. Беше тоа време на еден нов градителски елан и занес. По долгогодишните крвави години под фашистичката чизма, Скопје се буди во горко-радосно утро. Утро на слобода и смрт, солзи за оние што не го дочекаа тоа и надеж за еден нов историски почеток.
Очевидците, кои и денес се живи, велат дека по студените магливи мугри на тој 13 ноември 1944 година во Скопје почнал да вее некој снежец, а со тоа како да ги најавувал радоста и победоносниот триумф длабоко запишани во срцата на нашите борци и херои за слободна Македонија.
По толку жртви, страдања, плач и лелеци, Скопје конечно е слободно, кога по тешките борби се поразени фашистичките, окупаторските и воените единици. Партизаните од 12-та, Третата и од 16-та македонска бригада се спуштиле од Водно во градот, во кој непријателот ги обезбедувал поголемиот број улици и објекти. Во Скопје пред тоа историско утро се чувствувал мирисот на крв и лелеци, а татнежот на уличните борби не стивнувал. Борбите биле најсилни кај Офицерскиот дом, поранешната учителска школа, поштата, хотелот „Македонија“ и кај други значајни објекти во кои биле утврдени непријателските сили. Нашите борци – храбрите Македонци – сепак по деноноќни подготовки и борби ги протерале и последните непријателски војници од градот. Дента на 13 ноември со коњи марширале низ градскиот плоштад каде што скопјани ги поздравиле со фрлање големи букети цвеќиња и со победоносни песни за слободно Скопје, за слободни граѓани.
Пред тоа снежно ветровито утро на 13 ноември, борците од Дванаесеттата и од Третата бригада во Скопје воделе тешки и жестоки битки. Дванаесеттата бригада се борела за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – училиштето „Гоце Делчев“, кое се протегало на улицата Максим Горки (сегашното Друштво на писателите). Паралелно со борбите, борците голема помош добивале и од формираните диверзантски групи, кои ги имало околу дваесет. Ги сечеле телефонските и телеграфските кабли и заробувале соработници на непријателот од кои ги дознавале клучните информации. Еден таков момент бил и сечењето на каблите кај Камени мост, бидејќи било планирано од страна на непријателот тој да се минира, како стратешки објект што ги поврзува двете страни на реката Вардар, а со тоа да се нанесат несогледливи жртви на граѓаните што живееле во Скопје.
Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на борците, кои и денес ги пренесуваат радоста и гордоста во секое наше срце како пример како се сака својот град.
Вечерта пред ослободувањето во таа студена ноемвриска ноќ, Скопје почнало да тоне во мрак. Студениот снег ги замрзнувал телата на нашите борци, кои непоколебливо тргнале во конечната слобода.
Овие настани, кои биле врежани во спомените на учесниците во борбите, денес ги наоѓаме во книгите во кои е претставена радоста на скопјани при пречекувањето на ослободителите во центарот на градот. Од тој историски најзначаен ден за нашиот главен град, Скопје постојано се развива, а ние сме должни да ја изразиме нашата почит кон борците што ја дадоа младоста за неговото ослободување. За Скопје загинаа над стотици херои, кои никогаш нема да бидат заборавени. Затоа што датумот 13 ноември 1944 година не е само крај на една воена операција туку симболично означува прекин на страдањата, почеток на обновата и нов континуитет во националната историја.

Затоа денес велиме дека ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година претставува и симболичка точка на пресврт во македонската историја и култура. Во македонската литература, овој настан добива повеќеслојна уметничка обработка и афирмација на оние перенијални вредности како слободата, човечкото достоинство и духовното повторно раѓање. Преку творештвото на Блаже Конески, Гане Тодоровски и на Славко Јаневски, ослободувањето се појавува не само како политички чин туку како процес на внатрешното преобразување на народот и јазикот. По 1944 година, македонската книжевност се соочува со задачата да изгради еден нов културен идентитет – слободен, национален и современ. Писателите ја доживуваат слободата како духовно и уметничко воскресение. МАНУ во своите изданија („Македонска литература по Втората светска војна“, 1984; „Македонската книжевност во XX век“,) го определува овој период како „епоха на јазично и национално самосознание“, период во кој книжевноста има функција на историска меморија и нова морална обнова.
Ослободувањето на Скопје не е само историски датум туку поетска константа во македонската култура. Конески ја претставува слободата како морална вертикала, Тодоровски како урбана метафора на животот, а Јаневски како мит за создавање. Нивните дела сведочат дека литературата е продолжување на историјата со уметнички средства, а 13 ноември останува врежан како ден кога уметноста и историјата се спојуваат во една национална приказна за достоинството на македонскиот идентитет.
Во зборовите на Блаже Конески, нашиот јазик ја доби својата татковина, а Скопје – својата душа. Тој го гледаше овој град како „место што расте во зборот“, како темел на една култура што ги преживеа сите поројни времиња. За него, 13 Ноември не беше само датум, туку почеток на едно духовно ослободување – момент кога народот почна да ја зборува својата вистина на свој јазик.
Затоа, кога денес го чествуваме овој датум, нека биде тоа не само во чест на оние што ја донесоа слободата на градот туку и во обврската кон генерациите што треба да ја чуваат.
Да се потсетиме дека слободата не е само наследство од минатото – таа е завет за иднината и задача на сегашната генерација. Завет што се обновува во секој чин на почит, во секој збор што го чуваме на мајчин јазик, во секоја рака што повторно го гради градот.
Затоа денес, кога го славиме 13 Ноември, кога гледаме во слобода како со новата локална власт тој повторно се обновува, дека тој конечно е во сигурни раце, овој ден денес го славиме и како празник на верата дека градот повторно ќе засвети во сиот свој сјај.

Ќе останеме куси во празнувањето и чествувањето на овој голем ден во македонската историја ако не споменеме и дека Социјалистичката партија на Македонија е единствениот продолжувач на најхуманите социјалистички идеи, кои одат во одбрана на човекот и општеството. Претседателот на СПМ, Љупчо Димовски, го изоде можеби најтешкиот пат во својот живот во современата македонска историја, кој одеше во одбрана на татковината, точно по примерот на нашите најдостоинствени борци и херои за слобода. Затоа ние социјалистите по примерот на неговата посветеност, борба, чесност и лојалност треба да дадеме сѐ од себе да ги следиме неговите етичко-духовни постулати, неговото единствено и исклучително политичко искуство и брилијантен ум и да бидеме продолжувачи на неговото дело и делата на неговите претходници, дело преточено во една ретка љубов кон Македонија и секој човек.
Нека 13 Ноември биде нашиот потсетник дека секој период има свој момент на ослободување и дека токму денес – со новата волја, со новата визија, со новиот почеток на една хумана иницијатива на локалната власт гледаме како Скопје повторно станува град на слободата, град на надежта, град што се крева – којзнае по кој пат од урнатините, затоа упатуваме благодарност кон оние што го воздигнуваа градот во минатото и кон оние што го прават тоа и денес со истата љубов и со истиот завет.

Мимоза Рајл