(прв дел)
Не беше тоа одамна. Ја пловевме Црна. Тоа беше прва таква експедиција: пловидба со чамци низ непознатите предели на кањонот… 1973 година. Кога стигнавме на влезот од битолската страна на Мариово, на мостот пред Скочивир веќе беше стигнат гласот дека некои необични посетители со чамци ја вознемируваат секојдневноста на општината Новаци. Насобран народ како зелен клас на нива. Нѐ запре граничната полиција. Прилегаше дека нема да ни биде дозволена натамошна пловидба. Додека чекавме проверка, поради нејасна причина се упатив кон црквата „Света Петка“. Скочивир е родно село на роднини и мои роднини заклани од „ослободителите“ на Македонија во светските и „балканските“ војни…, а селски авторитет беше „старио поп од Црничани“… како да беше Велика сабота… имаше и свештени лица… На заминување кај апсидата ми довикна еден стар висок пустиножител, ми даде знак да го следам и од ѓакониконот (задржувајќи се малку) ми донесе свиток од стар ракопис. Тивко вели: „Ова е дојдено со чамец пред 100 години кога Пелагонија беше море. Пристигнало од некој нашинец, печалбар… ракописот е негов, ама, писан е на англиски и латински.. стариот поп од Црничани го кладе овде и врза книже на него со порака: ова се странците кои се додадени на 16 том на англоамериканската енциклопедија (издадена во Њујорк 1917) … да му се даде на тој што ќе влезе со чамец во селото“. Додека го отворав свитокот пустиножителот исчезна. Го прочитав само насловот..: ТЛЕН БУКВАР ОРБИС ГРАЕКА… И ја препознав првата борхесовска реченица: „Благодарејќи на одразот на една енциклопедија, во огледалото успеав да ја откријам вистината“… Потоа добивме дозвола да продолжиме со пловидбата кон Запци и Црн Вир. Кај Црн Вир чамецот се преврте… ние се спасивме, но ракописот остана меѓу запците… (та нели КАДМО кога дојде во Македонија ги посеа забите на ѕверот и тие се престорија во букви)…
…Судбина… Не беше тоа одамна. Петре Баше дојде со една стара книга како гостин на Ноќната програма на Македонското радио: „Немиот говор на просторот“. Ми тврдеше дека содржи и наслов ТЛЕН БУКВАР – ОРБИС ГРАЕКА. Насловот на книгата беше: англоамериканска енциклопедија… Јас му го кажав моето искуство од Скочивир и му кажав до каде сум стигнал со потрагата и дека сум се обесхрабрил кога кај Ѓорѓи Борхес сум нашол дека тоа издание од 1917 е препис од лажната енциклопедија Британика од 1902 година.
Петре беше човек со изострени сетила и инсистираше: да не се верува додека не се истражи… зарем „орбис граека“ е нејасно што значи?… зарем не е јасно дека печатењето лажна книга – навестува скриена вистина?…, а да видевме во издадените географски карти на ЈУСТУС ПЕРТЕС? Ми рече дека Тлон укбар е секта, но дека името на водачот не се споменува… (КЛУБ „Х“?). Тлон Укбар… Тлен Буквар…?! (најверојатно поради бескрајните преводи, преписи… на крајот мораш да се определиш)… Потоа ја отворивме енциклопедијата и забележавме дека има 921 страница, а еве во содржината се наведени само 917… со други зборови – страниците каде што пишува за Орбис Граека не се наведени во содржината!… необично: иако ненаведени во содржината, тие се вклучени во печатењето! И… мистеријата е далеку поголема: од описот во нерегуларните страници не може да се дефинира територијата на ОРБИС ГРАЕКА… Може да биде насекаде на географската карта – може да е никаде на географската карта, од Ирак до Мароко. Ако сакате да ги исцртате границите ќе бидете принудени да бележите со четка за варосување… Од имињата на значајните личности се добива впечаток дека секое име на кое ќе му додадете суфикс „ос… ас… ес… ис“ автоматски добива право да биде дел од митологијата на орбис граека…
Нам ни стана јасно: Во делот за историјата на Орбис граека нема ништо, освен фантастична поезија и митологија на брзина… За јазикот што се темели на суфиксите „ОС, АС, ЕС, ИС“, енциклопедијата појаснува стандардно: најверојатно е многу стар, ама набрзо бил заборавен (околу 500 години) за потоа жителите на Тлен повторно да се сетат на него и на потребата да се запише со букви, кои, за волја на вистината, се позајмени, но со доблеста на Орбис Граека азбуката станала посовршена и поинтернационална и по сѐ…
Каде е оваа земја? Кои се овие жители? Од каде информацијава во енциклопедијата?… Макар да прифатиме дека е од 1902-та?..
Тие денови ја измачувавме националната библиотека „Св Климент“ и имаше нови откритија… загатки… би рекол.
Во библиографиите се појавува наслов поврзан со Орбис Граека од некој си Силас Хаслан, издание од 1874 година Потоа Орбис граека се споменува кај Јохан Валентин Андреа (германски протестант утопист што ја напиша фантастичната приказна „Хемиската свадба на Синолич Пртков“) во едно негово подоцнежно издание од 1641 година. За овој вид автори е важно да се забележи: кога нешто ќе напишат, макар роман, приказна, тоа подоцна некој друг (клубот „Х“?) го остварува во реалноста со намера сонуваното да добие потврда…. гледај: Орбис граека го има и кај кралот Лудвиг Први Баварецот, таткото на Отон…
…и тоа беше сѐ… Арно ама: Се јави учителот по македонски, Беби Белојаноски од ОУ „Тогор Ангелески“ (баирското), другар на Петре… во школската библиотека нашол книга со наслов „Енциклопедија на Тлен Буквар Орбис Граека“, том 11… а другите?… Да не е „Абецедарот“?!… Беби го донесе 11-от том, а за другото крена раменици….
Сега имавме книга скапо опремена, но на неа немаше ни датум ни место на издавачот, ни издавач… чаре?… нејсе: Книгата ја вративме во баирската библиотека и… секој по дома… додека не сме влегле во еунато. И додека ние сме се занимавале со спиење, на запад се развивала играта… Некој, најверојатно Лудвиг Први Баварски од кралските европски лози, се спротивставил на логичната претпоставка дека историјата на Тлен Буквар треба да се разбере како шега (како што коментираат Езекил Мартинез (оној што го напиша делото Главата на Давид) или Дри ла Рошел, уредникот на Новата француска ревија). Лудвиг Карл Август со силата на кралскиот авторитет нарачал 11. том да се земе како средина на сеопштата енциклопедија на Орбис Граека, затоа што е незамисливо европската цивилизација да не сочини потполна реконструкција на сите томови пред 11-от и сите по 11-от.
Восхитена од ентузијазмот на Лудвиг, англиската кралица торжествено ја поткрепи идејата со викторијанска уметност и со испраќање на младиот поет Џорџ Гордон Ноел Бајрон. Бајрон се пријави во тимот за реконструкција на Орбис Граека во реалниот земјопис на македонскиот полуостров… Пред него и еден актер е занесен од предизвикот (мислам дека се одзивал на името Вилијам Шекспир)… По него сценаристот и пешадиски капетан Роберт Грејвс, но сепак најважен ќе се покаже младиот политичар Јохан Дројзен, кој иако млад со 22 години (помлад и од Бајрон) ја оформи севкупната силуета на утопијата Орбис Граека. И да не ги заборавиме рускиот дипломат Јоан Каподистриа, францускиот лингвист Адаманти Кореј, мексиканскиот дипломат Алфонсо Рејес, кој предложи: сите заедно да го довршат ликот и обликот на Тлен буквар, користејќи го методот „interpretatio graeka…“ БРЕЈВ ЊУ ВРЛД (некои критичари сметаат дека делото на Хаксли многу му должи на енциклопедијата)…
Овој проект е толку огромен што учеството на секој поединец, писател, експерт е потполно занемарливо… На почетокот „ОРБИС ГРАЕКА“ изгледаше толку хаотичен, токму како неодговорна привилегија на фантазијата… Но денес „Тлен буквар орбис граека“ е еден ненадминат космос. И секоја бесмислица, секоја контрадикторност, кои секако постојат на страниците, се само потврда дека не се пронајдени сите томови.
Светот од енциклопедијата „Орбис Граека“ е „беспрекорно генијален“…, а јазикот е „корен на сите јазици“. И тоа се постигнува генијално едноставно – со лепење суфикс: на пример: оди = одос, и одма знаеш = улица… или река, поток, (одат секогаш потаму), додаваш пак „ос“ = ете потамос = река, или плива= плио = брод… или „крепидома“ за подлогата од камен на која се поставува куќата, храмот… или место за стоење = стоа, или, тие што стојат = стоици, или: оли(мп) = било (така се вика сртот на планината)… или: ако сакаш да прашаш некоја девојка во Струмичко: питија (исто така ќе ја прашаш свештеничката кај светилиштето на Аполон во Делфи)….
Бројот на зборовите и именките е неограничен (само види кој од суфиксите ќе го прилепиш), така што името воопшто не е суштина за ОРБИС ГРАЕКА –жителите можат да се викаат во зависност од можните имиња што би се појавиле во кое и да е и во чие и да е минато.
На пример: Данајци, Дорци, Микенци, Минојци, Јонци, Ахајци, Морејци Спартанци, Еолци, Тесалијци, Атинци, Тракијци, Сиријци, Копти и таканаречените други Индоевропејци, како и сите за кои допрва ќе се дознае, но на крајот, сичките се едно = Грци.
Вангел Божиноски
продолжува

































