Чедомирка Садикарио

Повод: 20 години Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Чедомирка беше моја школска другарка од гимназијата „Јосип Броз“, во годините пред земјотресот. Едно време дури седевме во иста клупа. Имаше убави црти, изразено црна коса и фризура, а ла Миреј Матје, и бел тен. Тоа правеше контраст што привлекува. Мене ми го привлече вниманието. Беше тивка, но не и повлечена. Беше образец за добро воспитано, не наметливо дете. Ми правеше впечаток што не доаѓаше на часовите по фискултура во убавата, пространа и добро опремена фискултурна сала на гимназијата. Подоцна, некое од девојчињата спомна дека има лекарско оправдување дека е ослободена од часовите по фискултура. Беше друштвена, но со ништо и никогаш не се наметнуваше, ниту сакаше, на кој било начин, да се истакнува.
Се презиваше Садикарио. Чедомирка Садикарио. Мајка ѝ се викаше Жамила Колономос, а татко ѝ Аврам Садикарио. Во тоа време не знаев многу за Евреите, за еврејското прашање, за холокаустот, за Треблинка, за депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година, од градовите Скопје, Битола и Штип од страна на бугарската окупаторска војска. Во тоа време не знаев многу ни за еврејските имиња, иако уште веднаш ми направи впечаток името – Чедомирка Садикарио. Ми беше малку чуден спојот на името и презимето. Во една пригода, откако дома ја имав спомнато Чедомирка, татко ми неочекувано ми рече: Мајка ѝ на твојата другарка Чедомирка, Жамила, ја знам многу добро. Прекрасна личност. Едно време работевме заедно во Радио Скопје.
Ова што ми го кажа татко ми уште повеќе ме приврза кон Чедомирка. Сакав што повеќе да бидам во нејзина близина. Како да не ми беше доволно што учиме во ист клас и што едно време седевме во иста клупа.
Зошто не доаѓа на часовите по фискултура, често се прашував.
Не забележував нешто однадвор што може да ја навести причината за тоа. Затоа, нејзиното недоаѓање во фискултурната сала уште повеќе ме копкаше. Не знам како се случи, еден ден по часовите отидовме кај неа дома. Живееја во куќа со високо приземје и кат, веднаш зад плоштадот „Слобода“, до едно мало плоштатче, кое личеше на плоштатчето „Крукче“, веднаш зад пазарчето Буњаковец или како она кај осмолетката „Његош“, на Ленинова. Веднаш од спротива се наоѓаше двокатна зграда на Народна техника. Куќата на Чедомирка беше во моето соседство. Кога влеговме внатре, веднаш ми направи впечаток дека дејствува некако, „градски“. Нашиот стан, како и повеќето станови на моите маалски другари во четирикатницата кај Клубот на пратеници, изгледаше прилично „пролетерски“ во споредба со она што го видов кај Чедомирка. Атмосферата ми изгледаше посебно. Ја доживеав како комбинација на библиотека и музеј со неколкумина одомаќени посетители.
Се ближеше времето на подготовките за третата по ред работна акција, на автопатот „Братство-единство“, и многу посакував и Чедомирка да се приклучи на акцијата. Веќе размислував како да ѝ го кажам тоа и да почнам да ја убедувам да стане член на бригадата.

Но, најголемото изненадување допрва претстоеше! Во една пригода, како што зачести моето дружење со Чедомирка, татко ми ми рече: Знаеш ли дека таткото на Чедомирка е човекот чие име го носи бригадата со која одиш на работни акции на автопат – Чеде Филиповски-Даме! Од таму, мајка ѝ Жамила ѝ го дала името – Чедомирка.
Останав скаменет. Две години по ред одам на работни акции на автопатот „Братство-единство“, секое утро и вечер во стројот на бригадата „Чеде Филиповски-Даме“ го подигаме и спуштаме државното знаме и ја пееме државната химна, толку често помислувам на Чедомирка, ги запознав мајка ѝ и татко ѝ – а сепак не сум знаел за ова. Не бев сосема сигурен дали за ова доцно „откритие“ треба да му се лутам или да му бидам благодарен на татко ми Боро. Народниот херој Чеде Филиповски–Даме загина во несреќен случај во Штип, само два дена по ослободувањето на градот од Германците, есента 1944 година. Имаше 21 година. Чедомирка се има родено по неговата смрт, и мајка ѝ Жамила и го има дадено името – Чедомирка.
Од тој момент ме прогонуваше само една мисла: како да ја донесам Чедомирка на работна акција, на автопатот, во бригадата што го носи името на нејзиниот биолошки татко. Многу размислував како да го постигнам тоа. Таа мисла не ми излегуваше од главата. Бев решен по секоја цена да го постигнам тоа. Симболиката на сето тоа силно ме обземаше. На крајот, некако се осмелив и кога излезе погодна пригода, почнав, многу внимателно, одоколу, да го вртам муабетот на таа страна. Многу посакував да дојде со нас на работна акција. Се разбира, без воопшто да помислам да го поврзувам тоа со информацијата што ја имав слушнато од татко ми. Во тие неколку пригоди, додека се обидував да ја наговорам да ѝ се приклучи на бригадата, Чедомирка ме слушаше со внимание, но ништо не зборуваше. Не се сеќавам дека воопшто рече нешто. Како темата да не ја допираше или, ја допираше, но не сакаше да се изјасни околу доаѓањето на работната акција.

Некаде пред завршетокот на учебната година, при крајот на мај или почетокот на јуни 1963 година, списокот на учесници за бригадата „Чеде Филиповски–Даме“ за работната акција за тоа лето беше дефинитивно составен. На тој список не се наоѓаше името на Чедомирка. Бригадата почна со подготовки за претстојната работна акција на делницата на автопатот кај Умчари, на шеесетина километри пред Белград. Сепак, немав изгубено надеж за мојата замисла со Чедомирка. Ме тешеше тоа што завршуваме трет клас и дека има уште една цела година, од септември до наредното лето, 1964 година. Сакав да верувам дека, во меѓувреме, некако ќе ја убедам Чедомирка да ни се приклучи во бригадата.
И така, дојде 26 јули 1963 година. Чедомирка загина во земјотресот. Ме сви голема тага. Подоцна разбрав и за околностите под кои загинала. Неколку дена пред 26 јули го прекинала летувањето и предвреме се вратила во Скопје. Сакала да се подготви за прославата на роденденот што наближувал тие денови.
Пред четири години, непосредно пред Велигден, стапив во контакт со проф. д-р Самуел Садикарио-Колономос, помалиот брат на Чедомирка. Пандемиските околности не ни дозволуваа лично да се сретнеме и запознаеме, но остварив прекрасна кореспонденција со овој драг човек, која на моменти беше обележана со многу емоции. Не само што ми помогна да дознаам некои детали од краткиот живот на Чедомирка (вклучувајќи го и детаљот околу нејзиното враќање во Скопје непосредно пред 26 јули, бидејки требало да пречека пријателка од Лондон, која ѝ доаѓала на гости во Скопје), туку ми беше чест што сподели со мене лични и семејни спомени преку кои и него го запознав. Во последниот мејл, меѓу другото, ми пишуваше: Драг професоре Петковски, уште еднаш голема благодарност за комуникацијата, со простор за понатаму. Уште неколку детали од моето сеќавање. Чедомирка (Мира) имаше три огромни афинитети. Едниот беше литературата. Комплетно ја имаше прочитано целата класична руска, француска и англиска литература, а веројатно и американската. Многу сакаше да ми чита од тие книги и најмногу од моето знаење се должи на нејзината грижа за мене. Од јазиците знаеше англиски, француски и шпански (средновековна варијанта како што зборуваа Евреите), а по малку и руски. Јазиците ѝ беа втората опсесија. Третата беше филмскиот свет. Кога гледам сега доделување на „оскари“, се потсетувам на неа, која ги знаеше деталите за сите филмови исто како и денешните водители на телевизија. Се допишуваше со најпознатите глумци и режисери од тоа време и дома имаше голема колекција на слики од глумци со оригинални потписи. Некои што ги помнам се Гари Купер, Елизабет Тејлор, Сузан Хејворт, Јул Бринер, Брижит Бардо, Жак Шарие, Ив Монтан, Мерлин Монро, Елвис Присли, Џон Вејн, Еди Марфи, Кирк Даглас, Софија Лорен, Џина Лолобриџида итн.
Мајка ми пред да почине велеше „каков ли ќе ни беше животот ако таа останеше со нас“. Не можам ни да замислам – сигурно величествен.
,Многу ми е драго што ете, макар и доцна, се запознавме. Многу поздрав и среќни празници и Бог нека е со вашата фамилија (Самуел Садикарио–Колономос).

Владимир Петковски

Авторот е универзитетски професор и амбасадор