Повод за моето пишување е пораката што неодамна, од 13-от конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (АИЕСЕЕ), ја испрати академикот Владо Камбовски. Тој побара прашањата поврзани со идентитетот и билатералните спорови да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја (бона фиде), добросовесност и поддршка на другите земји. Тие да се решаваат низ комуникација, културен и научен дијалог, културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. Сето ова звучи разумно, но кога се однесува на Бугарија и Грција, или на сегашната ЕУ, тоа се само празни одгласи во ветер. Според професорот Игор Јанев, „ние во суштина немаме никаков спор со Бугарија, како што некој сака да го претстави тоа, бидејќи спор за инхерентните природни права е невозможен, де факто непостоен, така што нема зошто да се преговара“! (поопширно за ова да се прочита во „Нова Македонија“, во написот на Сашо Таневски од 19 септември 2025 г.).
Во оваа пригода би го потсетил академикот Владо Камбовски што изјави тој пред неколку години (10 септември 2018 година) во повеќе печатени и електронски медиуми, односно дека договорот за името не задира во националниот идентитет.
– Договорот од Преспа е оптимално решение што Македонија можеше да го постигне за решение на спорот за името – изјави тој на средбата со новинарите заедно со академик Владо Поповски и професорот Нано Ружин. Камбовски наведе дека од научна гледна точка договорот е сосема прифатлив и дека не можат да му се најдат некои пречки. „Ова е оптимално решение. Нека никој не се надева или да мисли поинаку“. Тој посочи дека постигнатиот консензус околу името Северна Македонија е компромис меѓу стравувањата и надежите на двете страни. Тој (Камбовски) рече дека задржано е името „Македонија“ на државата, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ што живее на нејзината територија, но дека е додадена географската одредница со која таа се разделува од северниот регион на Грција. Според Камбовски, договорот не задира во прашањата на националниот идентитет, а одредувањето на државјанството на „граѓаните на Република Северна Македонија“, кое ќе биде заведено во сите патни документи како „македонско“, е исправна формулација. Камбовски исто така додаде дека огромен придонес на договорот во процесот на евроатлантските интеграции на земјата, под новото уставно име, е што го антиципира регистрирањето на македонскиот јазик како еден од службените јазици на ЕУ.
Па другиот академик Поповски рече дека „не можеше да има подобар договор“ и оти е илузија доколку некој каже дека би склучил подобар договор“.
Почитувани читатели, вака говореа/ат т.н. академици на МАНУ, а некои од тие академици и професори, како што е Нано Ружин, го предлагаа Зоран Заев за Нобелова награда. Чии интереси бранеа и бранат? Секако не македонските!
Наспроти нив, академикот и тогашен претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, на 22.7.2022 година, во авторски текст за „Нова Македонија“, под наслов „Последниот Македонец во Европа“, меѓу другото ќе истакне: „…Сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Тоа, пак, води до констатација дека ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците. Трагично е, но мора да се прифати фактот дека со двата документа, договорот и спогодбата, Македонија, всушност, свесно или несвесно, изврши геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин. Досега сум пишувал многупати, но не пречи уште еднаш да повторам (говори Коцарев): според членот 7 (став 2) на Преспанската спогодба, во однос на првата страна (Република Грција), термините ’Македонија‘ и ’македонски‘ ги означуваат ’не само областа и народот во северниот регион на првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден‘. Така, покрај тоа што ставот 2 јасно ја дефинира просторната граница на употребата на терминот ’Македонија‘ и ’македонски‘ за двете држави, државата Грција во ставот 2 дополнително јасно го дефинира и временскиот период (од антиката до денешен ден) на употребата на термините ’Македонија‘ и ’македонски‘. Тоа значи дека, според Преспанската спогодба, словенското население што живеело и сѐ уште живее на територијата на денешна Грција не се Македонци, нивниот јазичен дијалект не е македонски, нивната историја не е македонска, нивната култура не е македонска и нивното културно наследство не е македонско. Оттука и оттогаш произлегува и клучното прашање што навидум денеска создава нови проблеми за Македонија -ако дијалектот не е македонски, а е словенски, што мислите каков е?
Затоа треба да започнеме мудро и спокојно со процесот на решавање на состојбата во која дојдовме поради неуки и алчни (за власт, слава и пари) политичари. Време е за промени, а јас ќе направам сѐ, прво, како интелектуалец, а потоа и како член на МАНУ, интелектуалците да бидат предводници на овие промени, а кон тоа во рамките на своите надлежности да даде свој придонес и највисоката научноистражувачка и уметничка институција, како столб на државноста, што впрочем и се очекува од оваа куќа.
Несомнено, Македонија сака да биде дел од ЕУ-семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците за сметка на тоа загубија многу од особеностите што имаат непроценлива вредност. Затоа изгубеното време да се врати назад. И мора да се стори тоа. Во спротивно, зошто и кому му се потребни ЕУ и НАТО? Македонското име не треба и нема да загине. Од нас зависи“.
продолжува
Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветен инспектор во пензија