Наследството од деведесеттите и „политичката волја за борба против корупцијата“ што ја декларираа сите влади, кои се сменија потоа, си го направија своето. Создадоа голема фрустрација во општеството и тешко надминлива пречка на евроинтегративниот пат на Македонија. Сепак, досегашната лоша практика не би смеела да биде причина за неоправдано долгиот временски вакуум барем во формалниот дел од борбата против корупцијата. Ако ништо друго, би морало да се знае на чија адреса треба да се испраќаат пријавите, поплаките, забелешките и укажувањата за корупцијата и за судир на интереси и да се знае кој треба да одговори на нив. А ако не одговори, да се знае кој не одговорил
Егзалтирана со реализирање нови проекти во бош форма, без содржина, актуелната власт како да подзаборави на еден од есенцијалните проблеми, кој недозволиво долго, во континуитет, како антитеза на доброто управување и на владеењето на правото, ги подрива демократските принципи, им ја нарушува довербата на граѓаните во политичкиот систем и претставува закана за долгорочната стабилност на државата и на здравјето на општеството – корупцијата. Не дека на оваа тема не се зборува. Речиси нема ден некој од претставниците на власта да не се пофали со решителноста на Владата да се справи со корупцијата. Особено се зборуваше деновиве, пригодно, по повод Меѓународниот ден за борбата против корупцијата. Но што навистина се прави на овој план, се гледа на секој чекор, индиректно, преку ефектите од предолго толерираната корупција, како и од фактот што и покрај хиперпродукцијата на владините тела, органи, агенции…, веќе десет месеци не се наоѓаат време или сила да се избере нов состав на Државната комисија за спечување корупција.
Имено, во моментов таа има само двајца члена, без претседател. Поточно, таа не е во функција уште од март годинава кога јавноста беше известена дека Собранието одлучило да разреши пет од седумте члена на ДКСК, со што ѝ беше одземена можноста да ги решава доставените барања и пријави од странките.
Во меѓувреме, како што беше соопштено, секретаријат како стручна служба на комисијата, постапува и ги врши административните и техничките работи. Според наведеното на веб-страницата на комисијата, во секретаријатот има 22 вработени, од генерален секретар до архивар, до кои во овој период пристигнале околу 3.000 нови барања, пријави и обрасци што чекаат процесирање.
Сепак, по барањето од парламентарното мнозинство, собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, завчера ја тргна од дневен ред точката за именување нови членови на антикорупциската комисија со образложение дека прво треба да се изгласа новиот закон за спречување корупција и судир на интереси, чиј предлог Владата го доставила до Собранието на почетокот на ноември, но по сѐ изгледа тој уште извесно време нема да тргне низ процедурата. Не е тоа амнестија, па да оди по брза лента. И со убедлива поддршка од пратениците. Претходно, уште во октомври беше објавен конкурсот за нови членови за оваа комисија, на кој се пријавија 39 кандидати. Чуден редослед на нештата.
Речиси нема ден некој од претставниците на власта да не се пофали со решителноста на Владата да се справи со корупцијата. Особено се зборуваше деновиве, пригодно, по повод Меѓународниот ден за борбата против корупцијата. Но што навистина се прави на овој план, се гледа на секој чекор, индиректно, преку ефектите од предолго толерираната корупција, како и од фактот што и покрај хиперпродукцијата на владините тела, органи, агенции…, веќе десет месеци не се наоѓаат време или сила да се избере нов состав на Државната антикорупциска комисија
Токму затоа, можеби конечно и треба да ѝ се даде право на опозицијата кога се сомнева во намерата на власта наскоро да ја истера оваа работа, особено сега пред претседателските избори. Веројатно не треба да се потсетува на улогата што треба да ја има комисијата во предизборен, но и постизборен период, пред сѐ од аспект на организирање и на финансирање на кампањите. Но, треба да се потсети на августовскиот извештај на телото за борба против корупција на Советот на Европа – ГРЕКО, во кој беше заклучено дека Република Македонија спровела задоволително или на задоволителен начин само шест од деветнаесетте препораки, а од преостанатите препораки, осум се делумно имплементирани и пет воопшто не се имплементирани. Во таа насока, ГРЕКО и оцени дека во Македонија „нема опиплив напредок“ во борбата против корупцијата. ГРЕКО, исто така, забележува дека и извештајот на Европската комисијата објавен во април 2018 година, не забележал напредок во однос на зајакнувањето на истражните капацитети на антикорупциската комисија и на нејзината независност од политичките партии. „Севкупно, во оваа фаза од процесот, перформансите се очигледно разочарувачки, а земјата јасно треба да преземе поодлучна и фокусирана акција во однос на голем број препораки издадени пред четири и пол години“, беше наведено во извештајот со заклучокот дека усогласеноста со препораките е „генерално незадоволителна“.
Вистина, кон таквите оцени, во голема мера, придонесоа и самите членови на антикорупциската комисија од сите досегашни состави. Тие на само што ја толерираа корупцијата на сите нивоа на власта, туку и самите често си ги брцаа прстите, а неретко и цели раце во недозволеното. За некои случаи се водат дури и судски постапки. Наследството од деведесеттите и „политичката волја за борба против корупцијата“ што ја декларираа сите влади, кои се сменија потоа, си го направија своето. Создадоа голема фрустрација во општеството и тешко надминлива пречка на евроинтегративниот пат на Македонија.
Сепак, досегашната лоша практика не би смеела да биде причина за неоправдано долгиот временски вакуум барем во формалниот дел од борбата против корупцијата. Ако ништо друго, би морало да се знае на чија адреса треба да се испраќаат пријавите, поплаките, забелешките и укажувањата за корупцијата и за судир на интереси и да се знае кој треба да одговори на нив. А ако не одговори, да се знае кој не одговорил.
Вака излегува: нема закон, нема комисија, нема корупција. А времето си врви. Се читаме на оваа тема по следниот извештај на Европската комисија.