Реквием и капија на небескиот мир

Деновиве се збогувавме со еден од доајените на македонскиот пишан збор, Киро Кипроски. Ние двајца сме гостијарци. И не случајно бевме долгогодишни пријатели бидејќи нѐ поврзуваа многу нешта. Некаде во 1980-тите години патувавме низ Европа на начин што не може да се замисли во денешно време. Спиевме претежно во автомобил, но и во шатор. Некаде по кампови, по бензински пумпи и на паркинзи, на периферијата од европските градови. Спиевме и високо на Алпите, каде што изутрината ќе нѐ покриеше тенок слој од снег иако патувавме летно време, во кампинг во Андора Ла Вела, на пристапен пат до Барселона, по Азурниот Брег, Макарска и во ливадите на Војводина. Бевме поголема група, која користеше и најмала можност да оствари некои свои патувачки сништа. Во 1982 година, септември, друштво глобтротери (луѓе што патуваат од љубопитност, заради задоволство, да запознаат свет) се одлучивме за турнеја по Медитеранот. Моите сопатници и пред сѐ големи пријатели – Гостивар беше мала градска средина и секој со секого или беше роднина или се познаваше – ќе ги именувам по прекарите по кои беа и сѐ уште се познати. Освен Кипро, кој ги среди сите потребни документи и карнетки за групата од седум „величествени“ и постојани учесници во патешествијата, беа Бандуш, Шаре, Војо (брат на Киро), Ѕуп, Огнен и мојата дробност Кара (црниот на турски). Беа четворица братучеди и браќа Ќипроски и ние преостанатите тројца, нивните пријатели. Кинисавме со два автомобили. „Голф“ од прва генерација сопственост на Киро и „застава 101“ на Бандуш. За подготвеност и проверка на состојбата на автомобилите секогаш се грижеше мајстор Дракче. Почетна точка на маршрутата беше Гостивар, а потоа патот нѐ водеше кон Атина. Беше планирано да отпловиме кон Александрија – Египет, а потоа Каиро, право за Триполи – Либија, Тунис, Алжир, Мароко. Преку Гибралтар во Шпанија, Азурниот Брег и конечно повторно дома.
Во Атина бевме на гости кај Невенка Митревска, тогашна дописничка на „Нова Македонија“ од Грција. Повторно благодарение на пријателството и колегијалноста со Кипро. Никогаш никој од нас нема да го заборави нејзиното гостопримство. Освен тоа, почитуваната дама ни обезбеди билети за брод штоп пловеше од Ираклион на Крит кон Александрија. Имавме величествена приквечерина и заод во Пиреја, каде што се потсетив на легендарната мелодија „Децата на Пиреја“ од исто така легендарниот филм на Хаџидакис, со Мелина Меркури, „Никогаш во недела“.
Бродот „Кантија“ со кој испловивме немаше категорија, но и немавме некој избор бидејќи времето не ни беше сојузник. Нѐ чекаше долг пат. Вечерта, немирно море – морска болест. Малку ни се испреврте во стомакот. Некои од нас јуначки издржаа, некои потфрлија. Се пресегнаа преку работ од палубата и започнаа да ги „хранат“ рибите. Како и да е, желбата да се издржи и да се оди понатаму во неизвесност и откривања ги надминаа маките на кои бевме изложени.
Во Ираклион, трансфер. На пристанот нѐ чекаше патнички брод за почит. Носеше име „Дана Сирена“, скандинавско луксузно пловило на неколку ката. Бродот беше сопственост на скандинавска фери-линија во служба на капетанијата од Анкона. Колку што ме држи сеќавањето, имаше над 2.000 патници, автобуси, автомобили. Мал трговски центар, киносала, можности за забава (танцови сали, стрелање глинени гулаби на палуба, базен…). Секако, по патот нѐ следеа јата делфини. Времето овој пат нѐ послужи бидејќи веќе запловивме по меридијани што беа сѐ поблиску до Екваторот.
Само што се сместивме на бродот, преку разгласот одекна повик со кој господата Ќипроски, Шаревски, Огњановски и Јованоски треба да се јават на бродската рецепција. Таму, полковник и капетан во униформи на египетската армија. Тие беа припадници на воената царина на Египет. Најпрвин полковникот нѐ праша каде сме добиле либиски визи. Откако му кажавме дека ни ги издаде амбасадата на Либиската џамахирија во Белград, тој одречно одмавна со глава. Кажа дека границата помеѓу Египет и Либија е милитаризирана зона со топовски цевки свртени едни кон други и дека нема да ни биде допуштено да ја минеме. Да, така беше. Неодамна, на свечена трибина за време на воена парада во чест на потпишаниот договор во Кемп Дејвид во САД, беше го застрелале Анвар ел Садат, тогашниот претседател на Египет, па во земјата била заведена воена состојба. Овој податок добиен од полковникот беше големо разочарување, но немавме каде. Се консултиравме помеѓу себе и падна предлог да побараме помош од нашата амбасада во Каиро.
Околу оваа тема, во „Нова Македонија“ пишуваше и Кипро, но бидејќи се случи немилиот настан, се обидов во име на целата наша група (за жал, Огнен почина, исто така) да дадам свое видување за нешто што во тие години и во таа југословенска федерација претставуваше вистинска сензација. И бидејќи приказната не завршува тука, со задоволство ќе го најавам крајот во идната колумна. Ова нека биде уметнички реквием за нашиот Кипро.
Бидејќи ништо не сме направиле доколку текстот не го зачиниме со нешто што е исклучително актуелно во моментов, а е поврзано повторно со патешествие на Кипро, кој заедно со македонска делегација на новинари предводена од Насев ја посети Кина пред повеќе од дваесетина години, ќе се обидам да извлечам некои сеќавања од минатото важни и за денешно време.
Во 1989 година, кинеските студенти доставија барања до раководните структури на КП за воспоставување демократија. Кинеска пролет можеби? Кинеските власти на чело со Денг Сјаопинг, големиот реформатор на КП Кина, одбија хаос и се определија за помалку болни реформи, но многу поразлични од оние на големиот водач Мао Ѕедунг и идеологот Чу Енлај. Денес, благодарение на мудроста на ЦККП на Кина, државата стаса на самиот врв од скалилото на најуспешни нации во светот како еден систем со две уредувања; комунистичко и капиталистичко.

Фасцинантно беше да се следи воената парада од плоштадот „Тјенанмен“ со извонредно дисциплинираната армија и импресивното вооружување. Вклучувајќи ги и првите парчиња вештачка интелигенција како гаранција за извонредните можности на научната фела. Во таа 1989 година, многу врвни умови и студенти со огромен научен капацитет пребегнаа во САД и Франција. Сега, во радикално изменети услови, секој од нив би посакал да се врати во татковината. На Запад се вели дека дури и во Америка, социјалните разлики се помали отколку во Кина.
Има сигурно симболика во името на плоштадот „Тјенанмен“ односно „Капијата на небесниот мир“ исправена пред уште една симболика „Забранетиот град“. Мудрата Кина и нејзиното раководство претпочитаат развој за мир во светот, а не за колонијални интервенции. Да се надеваме дека големиот плоштад ќе го оправда своето име во интерес на светскиот мир. Патем, бројот на високите гости беше импресивен, а пречекот топол и пријателски. Сѐ во интерес на глобалниот баланс.