Јазичните и религиските аспекти на македонскиот идентитет

Денес, се чини, се интензивираат политиките на дезинтеграција на македонскиот етнос врз религиско начело. Се релативизираат поимите етнички и национален идентитет. Се инсталира еден вид македонски „милет-систем“ на македонски верски идентитети кои се доминантен идентификатор на етничкиот. Македонскиот етнос го сочинуваат: Македонците – православни христијани, Македонците – муслимани, Македонците – католици, Македонците – протестанти (методисти, евангелисти, адвентисти, јеховини сведоци), а има и Македонци – атеисти. Со посредство на религискиот идентитет постепено се ревидира етничкиот. Ако се има предвид и широката т.н. мултиетничка слика и нејзе соодветната мултиконфесионална (мултирелигиска) слика, тогаш ќе се види дека религискиот фактор станува дури примарен фактор на идентификација и ги засенува јазичниот и културно-историскиот

Нацијата и религијата во модерните времиња не се едно исто. Религискиот идентитет бил идентитетски фактор во минатото, како на пр. во Отоманската Империја која била уредена според „милетскиот“ етнорелигиски систем каде што е изедначен етносот со верата, при формирањето на првите национални држави на Балканот во постотоманскиот период – на пр. во Грција (Хеленска Република).
За македонскиот народ важни чинители на идентитетот биле јазикот и културата. Во тој контекст, и верската припадност била битен, но не и пресуден, а ниту исклучив чинител на националниот идентитет. Според јазикот – а врз основа на достапните, важечки и референтни научни сознанија – македонскиот јазик е словенски и припаѓа на групата индоевропски, словенски, па и балкански јазици и се смета за древен јазик и признаена кодификација која датира од деветтиот век и со којашто тој е вграден во основата на сите словенски јазици.
Во отсуство на стабилни државни институции, а при вековно присуство на империјалистички, колонијалистички, хегемонистички и денационализаторски пропаганди, Македонците го чувале јазикот како нива темелна култна идентитетска карактеристика. Јазикот бил простор на помнење, сеќавање, чувствување, општење, предание, творење, благословење, лечење, озаконување… Поради тоа, македонскиот јазик прераснал во Дом на идентитетот, како јазичниот, така и културниот, историскиот и етничкиот. Затоа денес е толку голема чувствителноста и важноста на македонскиот јазик за македонскиот етнички, па и национален идентитет.
Македонскиот народ се смета за еден од словенските, јужнословенските и балканските народи, токму поради доминантниот јазичен маркер, иако многубројни историски факти и артефакти сведочат за неговиот милениумски континуитет и пред формирањето на Источното Римско Царство и легитимацијата на словенската култура. Македонскиот етнокултурен идентитет често се поврзува со раната фаза од појавата на христијанството, за што постојат изворни историски показатели, фактографски, археографски и фолклористички (народно предание, колективна меморија). Теоријата за античкото потекло на Македонците и за нивната поврзаност со Античките Македонци (генетска, географска, културна, називот и идентификацијата на народот и на државата во минатото и денес) не стана зона на истражувачки ни политички интерес на современата македонска држава, напротив, во еден период беше деградирана и сатанизирана.

Со Преспанскиот договор од јуни 2018 година, пак, кога се воведени две дефиниции и толкувања на називот Македонија и македонски народ, нашата држава се откажа непримерено од претсловенската и античката димензија на македонското потекло, континуитет и идентитет, вклучително и од недвосмисленоста на називот македонски јазик, признаен во науката многу одамна, а во Обединетите нации од 1945 година. Стеснетата дефиниција на македонскиот јазик и на македонскиот народ се одрази негативно и врз неговиот статус, опсег, клучната улога на државотворен фактор што оттогаш па наваму ја споделува со неограничен број етнички малцински заедници. Политичката реторика веќе го одомаќини називот македонска етничка заедница наместо македонски народ. Грција, од друга страна, доби меѓународен легитимитет да се повикува на македонскиот антички идентитет (народ, империја, културно наследство, па и јазик). Преспанскиот договор стана генератор на многу дискриминаторски и омаловажувачки политики и дискурс против македонскиот народ и неговата културна историја и стварност. Со тоа се доведе во прашање стабилноста на македонската нација која е всушност трансетничка категорија и која во современиот свет се сфаќа реално како синоним за државноста и државата. Наместо да имаме денес силна нација претставена од македонскиот народ, малцинствата и сите граѓани на Р Македонија, еднакви пред законот, без каква било дискриминација, со силни граѓански, државни, политички, образовни научни и културни институции кои ќе ја интегрираат нацијата, а нема да ја делат по сите основи (јазична, верска, етничка, стратешка)…
Јазикот и денес е битен фактор на македонскиот идентитет, но се локализира сè повеќе за македонските етнички рамки, додека другите етнички заедници се затвораат во својата јазична, верска и политичка заедница. Некои од нив се билингвални, а некои и целосно еднојазични, и не покажуваат интерес за познавање и употреба на македонскиот јазик. Притоа, треба да се има предвид дека врз исламскиот дел од македонскиот народ се вршат притисоци за нивна конверзија по јазична, верска и етничка основа или се јавува тенденција на замена на македонскиот јазик со албанскиот и турскиот. На тој начин, Македонците со исламска вероисповед кои последните два-три века ја нијансираа сликата на македонскиот етнорелигиски идентитет, без да го нарушат интегритетот на македонскиот етнос, денес се соочуваат со деликатни предизвици, егзистенцијални, политички и јазични.
Денес, се чини, се интензивираат политиките на дезинтеграција на македонскиот етнос врз религиско начело.

Се релативизираат поимите етнички и национален идентитет. Се инсталира еден вид македонски „милет-систем“ на македонски верски идентитети кои се доминантен идентификатор на етничкиот. Македонскиот етнос го сочинуваат: Македонците – православни христијани, Македонците – муслимани, Македонците – католици, Македонците – протестанти (методисти, евангелисти, адвентисти, јеховини сведоци), а има и Македонци – атеисти. Со посредство на религискиот идентитет постепено се ревидира етничкиот. Ако се има предвид и широката т.н. мултиетничка слика и нејзе соодветната мултиконфесионална (мултирелигиска) слика, тогаш ќе се види дека религискиот фактор станува дури примарен фактор на идентификација и го засенува јазичниот и културно-историскиот.
Освен тоа, во националната структура на македонската нација има цел спектар од мали верско-етнички заедници и верски групи (интензивна фрагментација по етничко и верско начело): албанска муслиманска и христијанска (католици, православни) заедница, еврејска верска и етничка заедница, влашка христијанска заедница, бошњачка и ромска муслиманска заедница… Во рамките на македонската јазична заедница постојат неколку религиско-културни заедници: православната, католичката, протестантската, муслиманската, еврејската и др. Се добива впечаток дека јазикот и верата се претвораат во (дезинтегративен) фактор на делба, а не во (интегративен) фактор на обединување на македонскиот народ со одделните етнички, јазични и верски заедници во нација со трансетнички, граѓански и цивилизациски идентитет.
Јазичната заедница е поопшта категорија од верската и културната. Македонската нација подразбира повеќе јазични и верски заедници. Во традиционална смисла на зборот, македонскиот народ е составен од неколку етнокултурни и религиско-културни заедници. Се чини дека религискиот идентитет, верските традиции и верскиот етички кодекс генерираат, со тек на време, специфични супкултурни формации. Тие денес го сочинуваат богатството на македонската нација.

Македонците кои имаат исламска вероисповед ѝ припаѓаат на македонската јазична заедница. Тие говорат македонски јазик со извесни примеси на исламска верска терминологија, а на културен план формираат засебна супкултурна матрица обележана од исламската теозофија, етика и светоглед, како и од исламските обредни практики. Но, и покрај тоа, постои заеднички македонски етнокултурен супстрат што го споделуваат сите Македонци, независно од нивната религиска определба.
Древните народи како македонскиот се обележани од многубројни „записи на културата“. Затоа, треба да се прави разлика меѓу експлицитната и имплицитната манифестација на верскиот идентитет. Некои заедници и граѓани македонското државјанство го користат како дополнителен идентитет, повеќе административно одошто суштински.
Иако е унитарна држава според Уставот, Македонија денес е раслоена етнички, верски, јазично, територијално, политички, па и институционално. Во такви услови започнаа да се прогласуваат нови етницитети, етнорелигиски заедници и „делови од народ“. Една од таквите заедници се Македонците со исламска вероисповед, делумно самопрогласени и како Торбеши (во Струшкиот Регион). Таквото прогласување е направено во голема мера врз паушални историски аргументации и пристрасни автоперцепции. Поради тоа, се актуализира и потребата од идентитетско интегрирање на Македонците, независно од нивната религиска определба. Иницијативата за прогласување на „Македонците муслимани“ како посебна етнокултурна заедница е обид да се озакони еден идентитет на отпорот во легитимен уставен идентитет. Маргинализирањето на една малцинска верска заедница е една од причините за нејзиното етничко редефинирање, проследено со манипулативни политики и имаголошки стереотипи на стигматизираната заедница.

Автор: Катица Ќулавкова