Зошто серијал за воспитувањето како интегрален дел од образовниот процес?
Како човек што подолго време работи во сферата на образованието и за образованието, како и од многубројните педагошко-психолошки и социолошки истражувања, дојдов до констатација дека и во сегашните современи услови на живеење и дејствување, наставникот и понатаму е во фокусот на интересирањето, анализирањето и проучувањето во согласност со современите тенденции, предизвици и потреби. Во контекст на изнесеното треба да напоменам дека наставникот, како субјект и партнер во едукациските процеси, со наобразбата, знаењата, способностите, особините, вештините и поведението е значаен и воспитен пример за младите генерации. Учениците гледаат на него не само како на образец, туку и како на трет родител, а сето тоа ги потврдува улогата и функцијата на наставникот. Во овој прилог сакам да напоменам дека наставникот, во текот на својата интеракција со учениците, ја презема „штафетната палка“ (улогата и функцијата на родителите) и дава свој придонес и за родителите на децата, односно за современото семејство, кое сѐ повеќе и повеќе е пред предизвици и кризи што бараат учество на наставниците, педагошко-психолошките служби и училиштето како едукативна институција. Во врска со изнесените ставови и видувања на теоретичарите и истражувачите за улогата на наставникот во наставата помеѓу теоријата и практиката треба да напоменам дека во литературата и периодиката од одреден број акциски истражувања (помеѓу теоријата и практиката) постојат искажувања, видувања и мислења на наставниците за значајните прашања во воспитно-образовната наставна работа. Во тој контекст, чувствувам силна потреба и обврска, во името на широк дел од јавноста, да образложам што значи воспитната компонента во образованието, како интегрален и неотуѓив дел од еден воспитно-образовен процес, чија главна цел е формирање психофизички здрави личности, морално и етички свесни за своето опкружување и заедницата, подготвени во сите сегменти на своето дејствување да ја унапредат и да придонесат кон сеопштиот просперитет и благосостојба.
Од авторот на анализата
Педагогијата како општествена хуманистичка наука, која за предмет на своето проучување го има феноменот на воспитанието, во центарот на своето интересирање го поставува системот на воспитанието. Во поширока смисла, педагогијата го согледува системот на воспитанието како вкупност на меѓусебно поврзани и обединети елементи што функционираат за реализирање на човекот како свесно и општествено битие.
Функционирањето на овој систем, а особено на оној дел што ги истакнува неговите остварувања во рамките на општествено организираните институции, од аспект на проучување претставува значајно педагошко прашање. Во таа смисла е забележано интересирањето за истражувањето во областа на системот на воспитанието и образованието.
Системот на воспитанието и образованието се заснова на општите принципи што се однесуваат на сите деца, ученици и возрасни и обезбедуваат еднакво право и достапност. Во согласност со тоа, во установите за воспитание и образование се негуваат отвореност, соработка, толеранција, мултикултурност, како и основите на моралните вредности. Процесот на воспитание и образование е насочен на детето и ученикот, така што различните форми на наставни и воннаставни активности задоволуваат различни потреби на учениците и им излегуваат во пресрет на различните потреби. Отворениот систем на воспитание и образование дава можности за соработка со родителите и нивното вклучување во процесот на воспитанието и образованието, како и различните форми на поврзување со локалната заедница и широкото општествено опкружување. Со системот се настојува за квалитетно воспитание и образование, кој се темели на тековните и постигањата на современата наука и кој е приспособен на возрасните и личните образовни потреби….
Целите на системот на воспитание и образование се насочени кон развивање на сите аспекти на детето и ученикот, вклучувајќи ги интелектуалните, емоционалните, социјалните, општествено-моралните и физичките аспекти на развојот. Воспитно-образовната работа се одвива во согласност со поставените цели, возраста, развојните потреби и интереси. Во согласност со тоа се настојува да се развиваат и творечко-креативните способности, способности за истражување и решавање на проблемите, како и поврзување на знаењата и вештините во понатамошното образование и професионална работа.
Системот на воспитание и образование, и покрај горенаведеното, има цел да ги развива клучните компетенции, неопходни за живот во современото општество, како и оспособување за работа и создавање стручни компетенции. Во таа смисла, системот на воспитание и образование е насочен кон развивање здрави стилови на живот, развивање свест за значењето и одржливоста на развојот, како и развој на способности и вештини за улогата на личноста – граѓанинот во демократски хуманото општество.
Дали има воспитание во образованието?
Како човек што подолго време работи во сферата на образованието и за образованието, како и од многубројните педагошко-психолошки и социолошки истражувања, дојдов до констатација дека и во сегашните современи услови на живеење и дејствување, наставникот и понатаму е во фокусот на интересирањето, анализирањето и проучувањето во согласност со современите тенденции, предизвици и потреби. Во контекст на изнесеното треба да напоменам дека наставникот, како субјект и партнер во едукациските процеси, со наобразбата, знаењата, способностите, особините, вештините и поведението е значаен и воспитен пример за младите генерации.
Учениците гледаат на него не само како на пример, туку и како на трет родител, а сето тоа ги потврдува улогата и функцијата на наставникот. Во овој прилог сакам да напоменам дека наставникот во отсуство на родител ги презема неговата улога и функција и дава свој придонес и за родителите на децата, односно за современото семејство, кое сѐ повеќе и повеќе е пред предизвици и кризи што бараат учество на наставниците, педагошко-психолошките служби и училиштето како едукативна институција. Во врска со изнесените ставови и видувања на теоретичарите и истражувачите за улогата на наставникот во наставата помеѓу теоријата и практиката треба да напоменам дека во литературата и периодиката од одреден број акциски истражувања (помеѓу теоријата и практиката), постојат искажувања, видувања и мислења на наставниците за значајните прашања во воспитно-образовната наставна работа.
Иако образованието и воспитанието се нераздвојни и се само два аспекта на еден ист феномен, за жал, моите истражувања во образовната практика покажуваат еден голем расчекор во образованието, односно недостига воспитната компонента. Поконкретно кажано, и наставниците и стручните служби (педагог, психолог итн.) воопшто не се занимаваат со потребите на децата – воспитанието. На сето тоа треба да работат службите, треба да имаат контакти со родителите, тоа е многу важно, не смее да има запоставеност на децата. Значајни се активностите на одделенскиот час, секој наставник треба да биде педагог. Суштината не е само да се предаде материјалот (наставното градиво) и да се стави оценка. Запоставувањето на децата во училиштата мора да се искорени, треба да има посебни воспитно-интервентни програми за работа и дејствување. За жал, кај нас го нема тоа. Нема такви програми по кои треба да дејствуваат и работат, како во училиштето така и во слободните активности и во самото одделение. Како што наведов, да повторам: недостига соработка со родителите.
Слободно можам да констатирам дека со години повеќе се гледа на образовната компонента отколку на воспитната компонента во образованието. Сведоци сме на девијантно ученичко поведение, врсничко насилство, разни форми на физичко и психичко малтретирања, понижувања, исмејувања, непочитување, насилство преку социјалните мрежи, промовирање искривени вредности на општеството. На сето тоа треба да работат службите, треба да имаат контакт со родителите, тоа е многу важно, не смее да се запостават децата. Треба да има стратегија со конкретни мерки и активности што ќе помогнат младите да се сплотат наместо да се двојат и меѓусебно да се навредуваат и омаловажуваат.
Што прави Министерството за образование и наука (МОН)? Тие немаат воспитна стратегија, тоа се виде и со таканаречената Концепција за основно образование на министерката Mила Цароска, а истото тоа го продолжи и министерот Јетон Шаќири. И, кога целосно ја запоставија воспитната компонента и ги изместија семејните вредности (наместо родител мајка и татко, се наметнуваше родител еден и родител два) и педагошки норми, не знаат како да продолжат и да се најдат стратегии во борбата со разните девијантни појави кај учениците, врсничкото насилство во училиштата и надвор од него и сл. Измислуваат „проценувања“, ќе „проценувале ризик од употребата на мрежата Тикток од учениците со можност за ограничување“. Ова нивна неосмисленост може да има само контраефект и не се постигнува целта. Зошто? Затоа што: сѐ што се забранува е љубопитност за децата-учениците! Напротив, ќе се овозможи децата-учениците да се снајдат на други мрежни поврзувања. И од тука се гледа дека воспитната политика во воспитно-образованите институции и други надлежни институции недостасува и е во голема криза, а така продолжува и ден-денес. Па оттука: образованието на децата не подразбира само создавање услови за стекнување знаења и вештини туку, пред сѐ, поддршка на децата да се развијат во здрави личности што ќе имаат одговорен однос кон себеси, другите и кон општеството во целина.
Наставните програми (како на пр. општество, животни вештини, мајчин јазик, етика во религиите и сл.) и организацијата во училишниот живот даваат можност за организирање најразлични активности во таа насока. Тука, пред сѐ, се мисли на организирање работилници, предавања од страна на наставниците, стручната служба, самите деца и здруженија, институции што работат во одредени специфични области. Сите да треба се запрашаме дали овие можности се максимално искористени од страна на училиштата. Но сметам (праксата го покажува тоа) дека наставниците и од страна на системот и од страна на родителите се ставени во ситуација да се фокусираат повеќе на остварувањето на едукативните цели и да го стават воспитниот момент во втор план, односно недостига.
Но факт е дека последниве години може да кажеме дека сме насочени да ги научиме децата на нивните права и слобода, но не ги учиме на нивните обврски, на тоа дека слободата треба да се користи одговорно. Овој систем на слобода, граници и одговорност треба да го повратиме не само кај децата туку и помеѓу сите чинители на системот што го поддржуваат детето: родителите, градинките, училиштата, социјалните служби, креаторите на политиките и сл.
Инаку, според одредени анализи од невладиниот сектор, 25-30 отсто од средношколците вршат одредено врсничко насилство спрема нивните врсници. Како причина за ваквото деструктивно однесување се наведува желбата да се привлече внимание.
Заклучокот што се наметнува по сите овие согледувања е дека сите проблеми и аномалии во однесувањето на децата и младите мора навреме да бидат препознаени и отстранети. Тука клучна улога имаат воспитната компонента во семејството и образованието и нивната меѓусебна синергија за изградба на психофизички здрави и функционални личности.
Продолжува утре: Врсничкото насилство во македонските училишта