За да потврдиме дека станува збор за апсурдна ситуација во пресрет на локалните избори, ќе посочиме дека додека албанските политички чинители во Македонија се занимаваат да ги убедат своите гласачи дека локалните избори ќе имаат одредница на „стратешки политики и плебисцитарни изјаснувања“, граѓаните во Арачиново немаат водовод, а своите потреби за пивка вода и хигиена ги задоволуваат со бунари. Каква бесмислица! Само замислете, во 21 век, населено место со околу 8.000 жители и на 10 километри од главниот град, нема постројка за довод на вода. Совршени локални избори во Македонија никогаш нема да има, но ќе се доближиме до совршеноста кога македонските политички чинители ќе разберат дека на локалните избрани авторитети им се делегира мандат од граѓаните за да ги решаваат нивните локални проблеми – водовод, струја, патишта, училишта, градинки, канализација, игралишта, зеленило, комунална хигиена, паркинг итн. и да за се подигне квалитетот на локалното живеење…
Од филозофски и научен аспект, но и од секојдневното човеково искуство, слободно можеме да кажеме дека совршените нешта не постојат. Многу филозофи велат дека нештата се во постојано движење, па оттука совршеноста како нешто статично и непроменливо е невозможно. Истовремено не смееме да заборавиме дека субјективноста ја оневозможува совршеноста бидејќи некој може да рече дека нешто е совршено, но во очите на друг тоа е несовршено. Од друга страна, во физиката сите нешта тежнеат кон неред, оттука совршеноста е само мисловна именка. Со други зборови, совршеноста е идеја, мисла или ментален процес, но тоа не треба да нѐ спречува да се стремиме кон совршеноста или во најмала рака да се обидуваме да замислуваме совршени ситуации.
Доколку хипотетички замислиме совршени локални избори за градоначалник, клучни елементи ќе бидат јасните правила за кампања, кандидатите ги разбираат и ги следат етичките стандарди за собирање средства и водење кампања, отворена комуникација и дискусии со гласачите за проблемите со кои се соочуваат, сите кандидати добиваат еднаков пристап до медиумите. Во оваа хипотетичка ситуација, кампањата е фокусирана на реалните проблеми, како што се транспортот, домувањето, паркинг-местата, образованието итн. Во овој совршен свет, нема политички клеветења, се нудат решенија, а не празни слогани, а кампањата е насочена кон промислени планови и политики, кои се поткрепени со информации. На денот на изборите имаме непартиско тело што го надгледува целиот изборен процес, притоа брзо ги решава сите недоразбирања и спорови. На крајот, по пристигнувањето на конечните резултати, сите кандидати објавуваат заеднички изјави во кои им се заблагодаруваат на граѓаните и се обврзуваат на континуиран граѓански ангажман – без разлика дали ќе победат или ќе изгубат. Овие избори се совршени, затоа што не се избира само градоначалник или советници за општините туку се галванизира заедницата, сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност или социјален статус.
Како што совршеноста не постои, така и совршени локални избори никаде во светот не постојат! Но ако земат предвид некои параметри, можеме слободно да укажеме дека локалните избори во Норвешка и Шведска можеби не се совршени, но се најблиску до совршеноста. Зошто? Последните локални избори во Норвешка се одржаа на 11 септември 2023 година, притоа акцентот на кампањата беше насочен кон здравствените услуги и негата, односно проширувањето на капацитетот на домовите за стари лица и домашната нега за стари лица беа главна тема. Паралелно, норвешките кандидати се фокусираа кон квалитетот и капацитетот на градинките и средните училишта, како и електрификацијата на автобуските возни паркови, инвестициите во велосипедските патеки или мерките за заштита од поплави. Слични се и последните локални избори во Шведска. Тука политичките чинители беа насочени кон образовната рамноправност и зелената транзиција, односно политики што ќе бидат насочени кон енергетски ефикасни јавни згради, поддршка за локални проекти за обновлива енергија и приспособување кон зголемувањето на нивото на морето во крајбрежните градови итн.
Очигледно е дека на локалните избори во Норвешка или во Шведска се избираат градоначалници, но во Македонија непосредно пред локалните избори добиваме впечаток како да ќе се избира премиер. Во овој контекст треба да ја разбереме и оцената на Демократската унија за интеграција, која вели дека „претстојните локални избори се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство“. Аман бре?! Каков апсурд? Многумина во македонското општество заборавија дека на локалните избори се избира локална власт што треба да ги менаџира општините и да им ги решава проблемите на граѓаните, како што се улиците, проблемите со вода, канализација, струја, игралишта, паркинг-места, атмосферската канализација, училиштата, градинките… има уште многу за набројување, и тоа конкретни комунални предизвици што чекаат да бидат решени за да се подигне квалитетот на живеењето на луѓето по тие основи. Тие предизвици, појави и проблеми се најблиску до луѓето и тие најмногу ги чувствуваат. А не некои лебдечко-имагинарни, етнички, конфесионални, евроинтеграциски поглавја и „стратегии“?! Ама, ајде ви се молам… Само кај нас локалните избори се издигнуваат на ниво на парламентарни, се трошат огромни финансиски средства, се трошат ресурси, а во меѓувреме нештата во Македонија се во мирување. Да потсетиме, граѓаните избираат кој ќе го менаџира уредувањето на тротоарите и зелените површини, а не премиер.
Крајно време е албанските политички субјекти во Македонија да престанат да ги третираат локалните избори како „стратешко и референдумско прашање“ што не одговара на унитарноста на државата, туку води кон своевидна општинска регионализација. Истовремено треба да согледаат дека додека се занимаваат со стратешки прашања, не ги решаваат проблемите во општините каде што нема инфраструктура или водоснабдување. На минатите избори, а и сега, има најава од Албанија и од Косово за поддршка на одредени албански чинители тука во Македонија, нешто што може да се разбере и како мешање во внатрешните работи, но на крајот на денот, мора да разбереме дека политичарите од Албанија и од Косово нема да им ги решат локалните проблеми на граѓаните без разлика на етничката или јазичната припадност, туку градоначалниците што ќе бидат избрани.
За да потврдиме дека станува збор за апсурдна ситуација, ќе посочиме дека додека албанските политички чинители во Македонија се занимаваат со стратешки нешта, граѓаните во Арачиново немаат водовод, а своите потреби за пивка вода и хигиена ги задоволуваат со бунари. Каква бесмислица! Само замислете, во 21 век, населено место со околу 8.000 жители и на 10 километри од главниот град, нема постројка за довод на вода. Совршени локални избори во Македонија никогаш нема да има, но ќе се доближиме до совршеноста кога македонските политички чинители ќе разберат дека тие се тука за граѓаните и да ги решаваат нивните локални проблеми – патишта, училишта, градинки, канализација итн.
На крајот ќе завршиме со античкиот филозоф Аристотел, кој велеше дека еудаимонијата (човечкиот процут) е највисока форма на совршенство, со други зборови, ја нагласуваше реализацијата на доблест и разум, притоа не смееме да заборавиме дека разумот ни вели дека локалните избори се само локални избори и ништо друго, а доблеста дека треба да се има смелост за решавање на проблемите на граѓаните.