Оваа пролет се одржа една ретка културна манифестација, за чие одржување вратите ги отвори Националната опера и балет во Скопје. Станува збор за прославата на кинескиот Фестивал на фенерите, на толку живописен начин што привлече големо внимание. Црвените фенери ја красeа сцената, создавајќи чувство на радост и хармонија. Во таква атмосфера се изведуваа елегантни церемонии за приготвување кинески чај, како и богата изложба на калиграфија. Посетеноста ги надмина нашите очекувања. Се покажа дека за голем број македонски граѓани ваквите културни манифестации од други култури се исклучително привлечни. Од првична љубопитност до подлабоко разбирање, присутните непосредно ги почувствуваа уникатната убавина и богатство на кинеската цивилизација. Оваа манифестација, како и многу други во минатото, беше организирана благодарение на напорите на Институтот „Конфуциј“, кој постои во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Основани во 2004 година, институтите „Конфуциј“ претставуваат глобална иницијатива за промоција на кинескиот јазик и култура, поддржана од НР Кина. Во изминатите две децении овие институти се проширија во над 160 земји, па така сега можеме да кажеме дека функционираат 500 институти, кои опфаќаат голем број училници во основните и средните училишта. Слично на Британскиот совет, Гете институтот или Француската алијанса, и институтите „Конфуциј“ претставуваат важни платформи за културна размена меѓу земјата домаќин и Кина. Единствената разлика од другите слични платформи е во тоа што како нивни основачи се јавуваат кинески и локални универзитети, кои и раководат со нив. На тој начин, сметаме дека се обезбедуваат висококвалитетни ресурси и разбирање и приспособување на локалните потреби.

Во 2013 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Југозападниот универзитет за финансии и економија од Кина заеднички го основаа Институтот „Конфуциј“ во Република Македонија. Преку заедничко раководење и договарање, Институтот настојува да нуди различни, односно соодветни курсеви за изучување кинески јазик за заинтересираните од сите слоеви на општеството и за луѓе со различни образовни нивоа. Многу македонски студенти, обучувани од нашите посветени наставници, постигнаа извонредни резултати на натпреварот „Кинески мост“, кој потоа им отвори можност за понатамошни студии во Кина.
Проширувајќи го образовниот опфат, Институтот организира курсеви и културни активности и во други градови, како Битола и Прилеп. Само во 2023 година, над 1.500 ученици од над 20 училишта од Скопје, Битола, Прилеп, Ресен, Македонски Брод и Вевчани посетуваа курсеви. Дури 80 отсто од нив посетуваа настава во живо, а преостанатите 20 отсто имаа можност да ја следат наставата онлајн. Некои училишта го воведоа кинескиот како изборен предмет, со намера да ги истакне основните јазични вештини.
Покрај ова, Институтот активно обучува локални наставници по кинески јазик, градејќи професионални едукатори и продлабочувајќи го кинеското образование во Северна Македонија, со што се зајакнуваат меѓукултурното разбирање и познавањето на јазикот меѓу младите.
Освен јазичното образование, Институтот организира многубројни и богати културни настани, како што беше веќе споменатиот Фестивал на фенерите. Настапите на локалните ученици, кои пееја кинески песни на течен мандарински, ги трогнаа кинеските едукатори и уметници. Во 2024 година, Институтот организираше изложба на кинески слики, промовирајќи интеракција меѓу кинески и локални ликовни уметници.
Курсевите на Институтот „Конфуциј“ се отворени за сите, бидејќи идејата е во промоцијата на интерактивна и двонасочна културна размена, а секој настан го приближува кинескиот културен свет до локалната заедница – и обратно.
Овој јули, 16 македонски студенти ќе учествуваат во десетдневен културен летен камп „Кинески мост“ во Ченгду, Кина. Истовремено, воведени се курсеви по македонски јазик за кинеските наставници во Северна Македонија, додека Пекиншкиот универзитет за странски студии почна да нуди курсеви по македонски јазик за кинеските студенти.
Придонесите на Институтот добија топло признание од мнозина, а меѓу нив и неформалното признание од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која ги изрази својата почит и поддршка за посветеноста на Институтот во продлабочувањето на културното разбирање и јазичното образование.
Во иднина, Институтот ќе продолжи со локализација, дигитални иновации и квалитативна извонредност. На тој начин ќе испишеме ново поглавје во развивањето на пријателството меѓу Северна Македонија и Кина.
Автор: проф. д-р Лијао Веј
Авторот е директор на институтот „Конфуциј“ при Универзитетот
„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје