Во утрешниот меч (од 18 часот) Англија ја брани европската титула, а Шпанија сака да го додаде тој трофеј на освоените на Светското првенство во 2023 година и во Лигата на нациите лани
ФУДБАЛ – ЕП 2025
Во утрешното финале на 14-то Европско првенство (ЕП) за фудбалерки во Швајцарија ќе играат актуелниот европски првак Англија и актуелниот светски шампион Шпанија (од 18 часот, во Базел).
Патот на репрезентацијата на Англија до нејзината прва европска титула во 2022 година беше остварен со шест победи и со само два примени гола. Нивната одбрана на титулата е ролеркостер, во кој загубија во првиот натпревар од Франција, се вратија со импресивни победи на дуелите со Холандија и со Велс, а потоа губеа до доцна во натпреварите со Шведска и со Италија во нокаут-рундата, но тимот на селекторката Сарина Вигман и добро опремената клупа со резерви продолжуваа да наоѓаат начин, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Секако дека сум среќна, а уште посреќна сега што се пласиравме во финалето. Никогаш не се откажуваме. Велиме дека можеме да победиме на кој било начин, а овој тим продолжува понатаму – изјави Вигман, пренесе УЕФА.
Репрезентацијата на Шпанија беше импресивна од самиот почеток, постигнувајќи 14 гола во трите натпревари во групната фаза, а потоа имаше малку потешки работи во нокаут-натпреварите, но, сепак, се пласира по средбите со домаќинот Швајцарија и со европскиот вицешампион од 2022 година, Германија, за да стигне до првото финале на европските шампионати за фудбалерки, пишува УЕФА. Шпанија е актуелен светски првак од 2023 година и победник на Лигата на нациите во 2024 година.
– Неверојатна радост е да се биде во финалето. Многу сум среќна за играчите, персоналот и за сѐ што градиме тука во Швајцарија – вели Монсе Томе, селекторката на репрезентацијата на Шпанија, пренесе Европската фудбалска унија. Н.М.
ДОСЕГАШНИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ
Германија 8
Норвешка 2
Шведска 1
Холандија 1
Англија 1