Стрес на одмор

Анксиозноста за време на одмор е честа појава денес, а нејзините симптоми вклучуваат неразумен страв, губење контрола и несоница

Тропските денови пристигнаа, многумина веќе се на одмор, откако во градската врева долго време чекаа за да се излежуваат на пространите плажи и сонце. Сите често сме ги замислувале моментите на одмор со најблиските, далеку од метежот и проблемите на секојдневниот живот.
Уживањето во летните денови и одмори, туристичките агенции го најавуваат како време за релаксација, но за многу луѓе летниот период може да биде придружен со зголемена анксиозност. Топлината, недостигот од течности, промените во рутинските навики, патувањата и големите настани можат да предизвикаат стрес и непријатност, честопати дополнително оптоварувајќи ги оние што веќе страдаат од анксиозни нарушувања. Како може анксиозноста да се манифестира во текот на летото и како да се справиме со неа? Можеме ли, иако повремено сме вознемирени, да уживаме во нашиот одмор до максимум?
– Анксиозноста за време на одмор може да биде многу вознемирувачка. За да пристапиме кон стратегии за решавање на овој проблем, треба да знаеме кои се најчестите симптоми и причини за тоа чувство. Соодветните информации можат да помогнат во забележувањето и надминувањето на симптомите на анксиозност и страв – нагласува психологот Милица Требјешанин.
Како што објаснува таа, на одмор, анксиозните лица доживуваат неразумен страв, притисок, напнатост и паника. Присутни се и физички симптоми како што се забрзан пулс, плитко дишење, замор и мускулна напнатост. Не е исклучена и несоницата, за време на која, на пример, цела ноќ гледаат во океанот во надеж дека ќе заспијат, но не се невообичаени ниту несвестицата и губењето на апетитот. Важно е да ги препознаете овие симптоми и да ги одделите од органските болести, така што, ако сте вознемирени, да немате и страв дека сте физички болни, додава Требјешанин.
За време на нападите на анксиозност, луѓето често се жалат дека се чувствуваат како без контрола, претерано исплашено и одеднаш се целосно преплавени од тие чувства. Но зошто се јавува оваа анксиозност, особено на одмор, кој треба да биде релаксирачки и пријатен?
– Причините можат да бидат недовршена работа, прекумерни и нереални очекувања од самиот одмор, финансиска состојба, запознавање нови луѓе и култури, престој на непознато место, но и конфликти со пријатели и најблиски, разочарувања. За да се обидеме да ја спречиме анксиозноста, треба да направиме само неколку чекори пред самото патување. Деталниот план за патување и активностите е одлична стратегија што помага да се надмине чувството на неизвесност додека сме далеку од дома, но пожелно е да се завршат сите обврски пред одморот, за да не бидеме преоптоварени од мисли за работа и други должности. Треба да прифатиме дека не може сè да биде како што сме замислувале и дека предизвиците се составен дел од животот – вели психологот.
Ако се случи напад на анксиозност, нагласува таа, вежби за дишење и соодветна техника можат да бидат од голема помош, како и медитација, прошетка во природа, слушање музика и вежби на отворено. Поддршката од пријателите и семејството е исклучително важна; само преку отворен разговор може да се постигне вистинското решение, според психологот.
– Сведоци сме на разни физички подготовки пред летниот период, како што се тренинзи, правилна исхрана, масажи и третмани на телото. Верувам дека помалку значење им се дава на менталното здравје и моменталната психолошка состојба, што е многу важен фактор во секоја животна ситуација, вклучувајќи го и одморот. Доколку некое лице често доживува симптоми на анксиозност, треба да побара стручна помош. Анксиозноста и нападите на паника станаа вообичаени во денешниот брз свет и во овој поглед е потребно да се работи на своето психофизичко здравје – вели Требјешанин.
Нејзината цел, како и на нејзините колеги, секогаш ќе биде да ги охрабри луѓето да зборуваат за своите чувства, како и да побараат помош од психолози и психијатри, што не треба да биде табу-тема.
– Откривањето на проблемите пред професионалци може само да придонесе за подобро психофизичко здравје и благосостојба. Сосема е во ред да се чувствуваат притисок и психолошка вознемиреност, но не е во ред да не се лекува таквото чувство – порачува Требјешанин.

Мирјана Никиќ

(Политика.рс)