Чувствувам и голема одговорност веродостојно да ја прикажам државата за која кај нас веројатно не се знае доволно и истовремено на соодветен начин да се оддолжам за љубезноста и гостопримството што ги искусив од нејзиниот народ. „Запознај се со вистинската Кина и претстави ја до читателите во Македонија“ беше веројатно единствената молба што можев да ја слушнам од кинеските новинари, кои сметаат дека водечките светски медиуми ретко објавуваат содржина што ги нагласува позитивните аспекти од животот во нивната држава
Опишувањето на Кина во еден напис со цел да се доближат нејзината богата култура и традиција, силен развој, импресивна модернизација и организирано општествено уредување до македонската јавност изгледа како навистина тешка задача додека впечатоците од четиримесечниот престој во Пекинг сѐ уште се свежи. Како сето искусено во текот на патувањата низ покраините Хајнан, Шандонг, Џеџијанг и во Шинџијанг на пространата азиска држава да се преточи во десетици реда на страница хартија? Притоа чувствувам и голема одговорност веродостојно да ја прикажам државата за која кај нас веројатно не се знае доволно и истовремено на соодветен начин да се оддолжам за љубезноста и гостопримството на нејзиниот народ. „Запознај се со вистинската Кина и претстави ја до читателите во Македонија“ беше веројатно единствената молба што можев да ја слушнам од кинеските новинари, кои сметаат дека водечките светски медиуми ретко објавуваат содржина што ги нагласува позитивните аспекти од животот во Кина.
За таа цел, имав можност да известувам од најважниот годишен политички собир во Кина – „Двете сесии“, што дава единствен поглед одблиску врз кинескиот политички систем и начинот на носење одлуки при управување со државата. Разговарав со водечки кадри на големи технолошки компании, кои ги претставуваа нивните достигнувања на полето на вештачката интелигенција и роботиката. Присуствував на големи меѓународни форуми на кои се обратија државници, дипломати, дел од најценетите светски говорници и претставници на меѓународни организации. Ги посетив најпрестижните кинески универзитети и образовани институции и слушав предавања на истакнати професори, кои се обидуваа да ги доближат сите аспекти од функционирањето на кинеската држава. Поминав време во најголемите кинески медиуми каде што кинеските колеги несебично го претставија нивниот начин на работа и изразија отвореност за размена на искуства. А треба да се напоменат и посетите на голем број фабрики, институции, музеи, историски локалитети и туристички атракции што ми помогнаа да обликувам сеопфатна слика за Кина.
Секако дека дел од искусените нешта беа изненадувачки, но помогнаа и во разбивањето на одредени предрасуди за Кина наметнати однадвор, конкретно за наводната затвореност на државата.
Еден таков пример се однесува и на системот на безбедносни камери во градовите за кои имате чувство дека го следат секој ваш чекор, но тие не ве вознемируваат, туку напротив, даваат чувство на слобода, знаејќи дека нивната функција е одржување на безбедноста. Токму безбедноста, чистотата и организираното функционирање на најголемите кинески градови со повеќе од 20 милиони жители ми оставија силен впечаток.
Од друга страна, присутноста на западната култура преку најголемите брендови и компании, филмови и музика, како и интересот за професионалните спортски натпреварувања од Европа и од САД се доказ за отвореноста на Кина кон светот. Впрочем, во рамките на програмата под покровителство на Министерството за надворешни работи на Кина, преку која престојував во Пекинг заедно со уште 118 новинари од 100 други држави, беше организирана и заедничка посета на кинопроекција, при која не гледавме кинески филм, туку го следевме осмото продолжение на познатиот холивудски филмски серијал „Невозможна мисија“, со Том Круз во главнатa улога, во екот на трговската војна со САД.
Кина работи и на привлекување туристи, во што можев да се уверам во Шангај, кој е особено привлечен за странски посетители како значаен финансиски, трговски и културен центар. Но надлежните власти не се задоволуваат со сегашната популарност на градот, туку имаат амбициозен план допрва да ја зголемат преку развивање на неколку туристички знаменитости од светска класа, како и етаблирање на Шангај во водечко глобално пристаниште за крстосувања.
Настрана од известувањето и официјалните настани, за разбирање на кинеската култура и општество придонесоа и љубезноста и гостопримството на кинескиот народ, слични на оние во Македонија, при што дури и кога постоеше јазична бариера домаќините се трудеа да излезат во пресрет и да помогнат. Познанствата и пријателствата со локалните жители, но и со луѓе од различни делови од светот, со нивната отвореност и желба за дружење, во голема мера го направија попријатен престојот далеку од дома. Сето тоа го прави моето искуство во Кина позитивно, зацврстувајќи ја определбата и понатаму да придонесувам за подобро меѓусебно разбирање и продлабочување на односите меѓу двата народа и држави, преку споделување на моите впечатоци од Кина.