По поминати четири години, Република Македонија (Северна) пак ги отвора вратите за избор на градоначалници и градски советници. Осумдесет општини и градот Скопје, некаде во првиот, некаде во два круга, ќе ги добијат своите градски лидери. Градоначалникот е челник на одредена општина или град, шеф или градски шериф, градски татко или очув, мајка или маќеа. Тоа е лицето што е избрано да им го подобри животот на луѓето во својот град, тоа лице е лицето на градот или општината. Избраник што има големи надлежности, а никакви одговорности. Оние што не веруваат дека е така нека се приспомнат само на еден пример – на примерот на градоначалничката на Скопје.
Сликата е секогаш иста, непроменлива. Како кандидати многу ќе ветуваат, како избраници малку ќе остварат. Главна задача по изборот им е да го обвинуваат претходникот, да фрлаат по него дрвја и камења, исти онакви како што подоцна ќе примаат на своја адреса. Впрочем тоа е востановена македонска повеќепартиска политичка традиција, да се критикува, да се негира и да се обвинува сѐ што било претходно, а да не се прави ништо таа традиција да се смени.
Градоначалниците ја делат судбината на министрите, на многу јавни функционери. Распнати пред предизвикот да работат истовремено за државата, за партијата што ги избрала, за граѓаните или за себе, често не можат да се снајдат да состават листа на приоритети. Од тие причини го менуваат распоредот и ги мешаат службениот и приватниот интерес, со предност на приватниот, се разбира. А зошто да не го прават тоа кога само еден градоначалнички мандат во мала општина носи убав стан во Скопје, а од мандат во поголем град заслугите се мерат со повеќе станови, деловни простори и далеку побогати конта. Ако им е за верување на оние што немаат друга работа туку ги мерат туѓите џебови, скопските градоначалници, брат брату, фотелјите ги напуштаат со суми зад чија прва бројка се пишуваат шест нули.
Во Македонија ова лето не е жешко само по надворешните пеколни дневни температури, туку и по изборот на партиски кандидати за градоначалници. Процес зад кој се кријат стотина партиски и лични амбиции, надежи, ветувања, измами, дадени, па одречени ветувања, разочарувања, пцости и изненадувања. Додворувања и откажувања, партиски и лични пресметки и одмаздувања, вријат партиските котли во кои се варат амбициозните кандидати. Изборот не е лотарија, таа е игра на сѐ или ништо, на сега или никогаш. Една, прва и последна шанса, така е барем во Македонија. Ако пропаднеш еднаш, пропаднат си засекогаш.
Зборот кандидат на прв поглед не ветува некоја занимлива приказна, но во неа се кријат низа предзнаци и историски вистини. А таа приказна потекнува од древниот Рим и го отсликува тогашното време што ни било претставено преку голем број филмови. Имено, оние што учествувале во трка, што биле кандидати за јавни функции, за време на изборите биле облечени во бело, а носеле бело и кога ги вршеле јавните функции на кои биле избрани. Особено биле воочливи сенаторите по белата наметка наречена – „тога“, на чија чистота посебно внимавале и се труделе да им биде блескаво бела.
Блескавото бело на латински се викало „кандидус“, а носителот на јавната функција се нарекувал „кандидатус“. Попросто преведено: кандидат е оној што е облечен во бело, што значело дека тој е бел, чист и без флеки. Кој е неизвалкан. Крајното потекло на придавката „кандидус“ произлегува од глаголот „кандаре“, што значи: блеска. Во истата фамилија на зборови се и зборовите кандило и канделабар, предмети што треба да осветлуваат, да блескаат, а во преносна смисла што помагаат за снаоѓање во темнина или го покажуваат патот за излез од темнината.
Значи, освен многуте други нешта, Римјаните (Латините) во наследство на светот му го оставија и овој поим – кандидат. И во тогашно и во денешно време, како што се развивале општествено-демократските односи низ светот, тој поим во политичкиот јазик значел и би требало да значи – да се избираат кандидати кои немаат флеки, кои се без дамки, без петна, без валканици зад себе. Историските искуства ни покажуваат дека со текот на времето тој императив останал како основен изборен принцип, но често се кршел, се запоставувал, изигрувал, фалсификувал или бил злоупотребуван со измами и со употреба на сила.
Има примери што сведочат за избор на совршени кандидати, како што има примери и за промашени избори, иако кандидатите биле ем блескави ем без флеки. Може да се набројуваат примери кога биле предлагани или избирани кандидати што не морале да блескаат, но биле без дамки, или обратно: биле извалкани ама блескале и на тој начин ги покривале валканиците. Има и многу примери и периоди каде што биле избирани и примани кандидати ем со дамки ем без блесок, со помош на различни периферни и сомнителни методи. Како што има кандидати што пред изборот биле без ниедна флека, а по него излегле со многу валканици, негови или што му ги залепиле други. Има категорија и на вечни кандидати, секогаш амбициозни и желни за слава, за престиж и за пари или за ситни привилегии, а никогаш неизбрани.
Светските речници, главно, му одредуваат неколку значења, кои се прифатени и во македонскиот јазик. Во нашиот, зборот кандидат е именка од машки род со следните толкувања: кандидат е лице што конкурира, што ги исполнува условите пропишани за прием во некоја служба, за одредено звање и слично. За кандидат се вели дека е и: ученик или студент што полага некаков испит. Во таа смисла што е кандидат најдобро знаат оние што со години конкурирале за работно место, а не го добиле, или оние студенти кои полагале еден ист испит по дваесет-триесет пати кај некој самобендисан или подмитлив универзитетски професор. Според нашиот речник, кандидат е и лице што има намера да се ожени (омажи) за некого. На пример, не ретко за некоја жена може да се чуе дека во младоста имала голем број кандидати, но сепак останала немажена или пак за некој маж дека од толку убавици кандидатки што можел да ги избира ја избрал најгрдата и најлоша.
Во некои древни источни верувања се кажува дека за да се дојде до целта, која подразбира достигнување на совршенство, кандидатите што се јавуваат за да го изодат тој пат треба да поминат низ четири врати обрабени со физички пречки и тешки искушенија. До врвот стигнуваат само избраните, најхрабрите, најмудрите, а за да се поминат сите врати, учесниците во трката мора да се одликуваат со четири неодминливи карактеристики: со беспрекорно морално однесување, со интелектуална надмоќ, со голем ентузијазам и со знаење по некој марифет.
А марифет во македонскиот јазик е турцизам што исто така, во својата основа, подразбира четири квалификативи: вештина, снаодливост, лукавство или некои тајни способности. Ако нив не ги поседува, залудна може да биде кандидатурата на кандидатот за тоа што се кандидирал или го кандидирале негови партиски комитети, лидери, пријатели, негови приврзаници. Ретки се оние што можат да ја кријат долго својата неспособност, вклучувајќи ги тука промашените кандидати избирани за градоначалници во минатото.