Тие ги исчистија реките, ние ставивме табла: Забрането капење!

На кејот на Вардар (да е само Вардар) младите го оставаат секојдневно својот потпис на гневот, на протестот дека се отуѓени, заборавени, напуштени и препуштени сами на себе и на улицата. Потписот оставен на кејот на Вардар доаѓа во време кога „Евростат“ ни удри шлаканица за освестување – ние сме трета нација на европскиот врв по иселување, ние сме на демографска мина, гледаме како уште една изгубена генерација ја продаваме на светскиот пазар на мозоци. Чаре? Има, има!

Една вест вредеше да се прочита, а таа дојде од Кина. Од Кина уште многу убави работи ќе доаѓаат, зашто Кина оди напред. Го носи новото, новиот свет. Така било 6.000 години и тоа не би требало да нѐ чуди. Особено не нас Македонците, кои во тие шест милениуми, барем половината сме ги поминале во содејство, интеракција, соработка, трговија како две моќни цивилизации. Спроведувајќи една десетгодишна еколошка програма под логото „Прекрасна Кина“, оваа џиновска земја каде што течат околу 2.400 реки што се главни актери во испишувањето на оваа древна цивилизација, успеала да напредува до момент кога над 90 проценти од водите се еколошки чисти.
Огромен напредок е постигнат и во унапредувањето на амбиенталниот воздух, па така, во Кина сега речиси 90 проценти од целата година се дише здрав воздух. А само пред неколку години се сеќавам како американската амбасада во Пекинг постави инструменти за мерење на загаденоста на воздухот, при што постојано се добиваа лоши резултати. Но, нели, е срамно некој друг да ти кажува дека си лош, па така, сериозен народ ги засукува ракавите и оди кон подобро. Кина го постигнува тоа. Тоа е успешен модел не само на индустриски развој туку тој оди со еколошка заштита како приоритет во нејзиниот социјален и економски развој.

И Западот ги собираше историските лепешки оставени насекаде додека се развиваше на јаглен, покрај крадењето на ресурсите секаде низ светот, па дојде до момент кога планината од ѓубришта не можеше да се догледа и одеше некаде во вселената таложејќи таму јагленични гасови. Но, ете, Британците ја исчистија Темза, Французите Сена, каде што се вратија и капачите, Германците Рајна, во реката Содерсторм во Стокхолм пливаат лососи, иако некогаш таа била енормно загадена… Сите овие земји имале проекти. Ние имаме ли, со какви проекти можеме да се пофалиме?
Забрането капење! Ова е кај нас, во нашата Македонија каде што екологијата и еколошката свест се на смртна постела. Знаеме дека некоја река (речиси сите) е загадена, ќе ставиме предупредување (и тоа не се ферма), ама не знаеме како да ги исчистиме реките. Во суштина, па, и немаме некои реки, повеќето се рекички, ама барем има водичка. Додека ја има. На оваа наша територија сѐ што лета се тепа, па што има да лета мајчината, над мене, уште да ми се испокака, сѐ што плива се треби, сѐ што се движи се ништи, сѐ што е тревка или дрвце се пали или се сече… Ние сме на Марс. Опустошена мала планетичка.
Да се биде спортски рибар како мене е тешко. Многу тешко, верувајте. Шетам низ наш Вардар, Лепенец, понекогаш на Треска, и фрлам ловејќи на мушичка, изум на Античките Македонци, запишано дека во времето на Александар Македонски некој се сетил да лови риби на вештачка мамка. И тоа успешно. Тој начин на рибарење се смета за врв во спортското риболовство, оти бара одличен вид, одличен избор на мушичка, а мајсторија е да го откриеш местото каде што се крие рибата. Особено кај нас, оти такви места има сѐ помалку. Кога влегуваш со долгите чизми во Вардар ти се чини дека влегуваш во некој подводен отпад. Не газиш на камен, ниту на песок, туку на некоја тиња во која се заглавиле чевли, ќесиња, столчиња, церади, тикви и лубеници, пластична амбалажа, детски играчки. Покрај тебе милозвучно и милосмрдливо жуборка водопатче од канализациска цевка, која каде ќе оди ако не во Вардар. Раздвојувањето атмосферска од фекална канализација за нас е цивилизациски недостижно дело.

Кина соопшти дека веќе стигнала до точка кога над 90 проценти од водите ѝ се чисти (земјата има над 2.400 реки), но не запира, туку продолжува со проектот „Прекрасна Кина“, Британците ја исчистија Темза, парижани се капат во Сена, во Рајна пливаат пастрмки…, а ние го решивме проблемот со тоа што на мостовите на реките ставивме табли со натпис: Забрането капење!

Чудо е што воопшто има некаков жив свет! Чудо! Ама рибите се борат за да опстанат, чекаат шанса од луѓево, кои ништејќи ги реките се ништат самите себе. Не сме го достигнале тоа ниво на разум, но ако сме го допреле дното, еден ден, белким, ќе видиме каде сме згрешиле. Дотогаш нека шетаат министрите за екологија како пауни низ земјава ловејќи предизборни гласови, притоа мавтајќи со некои папки извикувајќи – имаме еколошка програма!
И така шетам по кејот на Вардар кај Влае, штотуку заминав од „састав“ каде што Лепенец влегува во Вардар и се движам кон мостот „Обединети нации“. На секој чекор понекоја лименка, фрлени цели пластични вреќи со износена облека. Никогаш не било вака. Една група возрасни лица од селото Влае вообичаено си седат на една масичка што самите си ја направиле. Се поздравуваме. Им велам: „Не памтам ваква нечистотија на кејов“. „А, ги виде ли шприцовите“, ме прашува еден од групата. Ги видов уште вчера, беа фрлени на куп, стотици искористени шприцови. Дојде време да се организираме во ноќни стражи и да се штитиме, не оди на арно работава, се дофрла еден со коментар. Добар е предлогот, зашто кога државата е отсутна, граѓаните ги преземаат нејзините функции.
Зарем дотука дојдовме, си помислив, ние повозрасните да живееме поздрав живот од младите? Дали тие со тоа го оставаат својот протест дека се напуштени, оставени сами на себе, порака до нас дека им требаат прегратка, внимание, да им каже некој од блиските дека тие им значат, дека имаат своја вредност со сите добрини и мани? Некои прашања налагаат итни одговори. Податоците што ни ги соопшти „Евростат“, според кои сме на врвот во Европа по иселување, дека сме на демографска мина и одиме кон амбис, оти без народ нема функционална држава, треба да ни значат шок-терапија, адреналинска инјекција што мора да ни ги врати виталните функции и разумот. Имаме уште една загубена генерација, системски и систематски уништени кариери, изградени нефункционални семејства чии деца се создадени само како извозна стока. Ние сме жигосани! И пече, ама ни тоа бре не нѐ буди. Во колку длабок сон е пропаднато нашето општество?! Изгледа во многу, штом крикот на нашите деца не нѐ буди.
И сега нормално е да прашате – а чаре? Значи не знаеме, така? Тоа е проблемот. Успани сме, нѐ успаа, научени сме некој друг да ни ги решава проблемите, ама, ете или не знае или не сака да го прави тоа. Сакаме да бидеме „ангели на отпад“, да живееме во отпад. Па, тогаш ќе си живееме. Знаеме ли што е тоа политичка екологија? Не знаеме, но ете и тоа ти е наука. Ни го убија духот за заедништво, за заедничко, за општо добро. Уште еден нивен успешен проект за уништување. Излезот, сигурно го има, е во нашиот активизам, во нашето верување дека можеме да ги смениме работите ако дејствуваме, ако ги браниме нашите права, ги притискаме институциите да си ја работат својата работа. Така и ние ќе станеме критична маса, ќе се зближиме. Тоа е нашата сила.
Да, еве, доаѓаат локалните избори, тие во една демократија се најважни за нашите заедници, па следете ги кандидатите, особено за еколошките прашања, и ловете ги во нивното незнаење и казнете ги блеферите!