Заканувачки жешко и возбудливо лето. Пожари на сите страни. Што се случува, никој не знае. Бетер е од лето на лето. Горат хектари дрвја, кои се грижат за нашето дишење, климата се менува, па имаме дури и снег на северната полутопка среде лето. Не ќе да е дедо Боже да го заборавил календарот – како што имаше обичај да каже мојот старец. Море, сигурно некој шири политички хаос. Демократијата како да се сведе на две големи политички партии, а преостанатите како во чун за време на бура. Де ваму, де таму и уживај! Интелектуалци и разум? Тивки се и мудруваат. Веројатно се чудат на толку многу глупости и застранувања, ама можеби и на сопствените.
И на 40 над нулата, нема одмор за градежните работници, кои му пркосат на врелото сонце врескајќи на сиот глас. Небаре се обидуваат да искорнат мака од душите. Нема одмор ниту за туристичките работници и работниците од естрадата. Но за нив, сега е жетвата. Нема мир ниту за војниците и преостанатите од редовите на ордите на Арес. Сведоци сме за реа на смрт и сурови воени судири на сите страни од планетата. И сето тоа доаѓа преку спектакуларни образложенија и стратешко–тактички мудрувања на луѓе во зрели години – генерали. Политичарите се заднина. Тие се најумни. Јунаци зад грмушки. Бомби од толку и толку тони, артилерија, тенкови и нешто што ја обележа војната во Украина – дронот. Тој ја испреврте целата воена стратегија наопаку. Преговори за мир и долготраен мир – малку морген! Олтарот бара толку и толку кутри и невини жртви. Со овој ум и треба да се требиме.
Спокојно, долго, вистинско лето. Повторно назад во шеесеттите години од минатиот век. Што знам? Некако спокојот како да лежи таму некаде иако имавме кубанска закана. Медиумот што се обидува да поврзе два века, ќе спомне дека сѐ беше поинаку и дека човештвото беше многу далеку од најави за вештачка интелигенција. Немаше потреба тоа да го прави кога не постои замена за природната интелигенција. Само, таа треба да креира нешто корисно за човекот, а не „универзален војник“. Ван Дам беше нејзиниот зачеток на филмско платно. Здрав ум или интелект, воопшто не треба да мисли за пренаселеност кога планетата и не е тоа. На пример во Азија има 87 жители на квадратен километар, во Амазонија едвај 0,2. Австралија како континент, а има само 28 милиони жители итн. Гренланд е со 60.000 жители на над два милиона квадратни километри, Канада, Русија… Кога некој се обидува да манипулира во интерес на неговото височество профитот, за очекување се и многу други работи. Но како и да е, светот не може да опстане без кутри души – аргати, а богатите не ќе можат да се снајдат околу вештачката интелигенција ако нема да „купат“ научен ум за да им го води посакуваниот процес. Денес во дваесет и првиот век сведочиме за сѐ посилно изразената потреба на богатите да бидат нови Миди. Не знам дали ќе бидат задоволни и со тоа. Среќни нема да бидат во ниту еден случај.
Гледам, слушам и не можам да се изначудам. Наши соседи во Европскиот парламент се обидуваат да ни ги одземат основните цивилизациски атрибути без кои ќе бидеме разнебитени. И покрај двете големи војни што однесоа над 70 милиони жртви, Европа е колепка на културата и уметноста, на напредокот. Ама дозволете да бидеме искрени. Ниту едната ниту другата членка, кои се и наши соседи, не се во позиција самостојно да носат одлуки. Бугарија особено. Нејзе најубаво ѝ стои позиција на трабант. Не знам дали во чекалницата сѐ уште е трпеливата Турција, која на влез чека од тие шеесетти години на минатиот век.
По две вкрстувања и два тунела кај Радуша, по два часа пат, ете го Скопје. Гледано кон Бит–пазар, втората зграда од раскрсницата и една од петте тогашни згради на булеварот Б. Кидрич, беше нашата конечна цел. Ние две братчиња од провинција бевме многу возбудени заради средбата со нашата братучетка и со „бесните“ скопјанчиња, кои, освен тогаш и за нас добро познатите детски игри, знаеја и за Сарај, Матка, Кривина, Руска плажа, езеро, море, хулахоп и јо-јо.
Брканица и „крижи–мижи“ односно жмурки, игравме на големата тераса на покривот од зградата, а кога возрасните ќе нѐ избркаа поради опасност некој да не падне преку оградата, се селевме долу во нејзиниот заден дел. Кон старата чаршија водеа калдрмисани (поплочени) сокачиња со приземни олуци за одвод на дождовница или таканаречени „ѓеризи“.
Во тие шеесетти години од минатиот век, по булеварот имаше поставено бутки со весници, леблебиџилници, метални стативи на кои се печеа вкусни костени. Имаше и содаџилници со стаклени садови во вид на големи ампули. Тие беа полни со сок за растворање од малина, лимон и оранжада. Содаџијата ќе ставеше еден прст сок на дното од чашата, а потоа ќе го измешаше со аерат или сода–вода. Освен убавиот мирис, наоколу се ширеа облачиња од капки на сода. Чашата вриеше од воздушни балончиња што го освежуваа лицето.
Со паричките што кришум од родителите ќе ни ги дадеше нашата баба при збогувањето во Гостивар, јас и моето помало братче стоевме долго пред тие бутки и бараки раскинати во желбите. Се разбира, немаше за сѐ. Алуминиумските парички од динар, два и пет, а потоа и неколку „банки“ што вредеа повеќе, требаше да се искористат најдобро што може. Долго ќе се измачувавме за да донесеме одлука, а потоа ќе изнајдевме соломонско решение. Договорени, ќе купевме „зелен додаток“ со стрипот за Тарзан од Едгар Рајс Бароуз и славниот стрип-серијал на хрватскиот стрип-мајстор Андрија Мауровиќ–Тројцата во Темнината и Сокриената тврдина.
Можеби за една енергична личност, таа тогашна летаргија и тромаво придвижување на времето беше вистинско мачење. Впрочем, тие амбициозни суштества, кои бараа промени во општеството и кои со својата инвентивност и упорност придонесоа тоа да се претвори во наше секојдневие, ги забрзаа процесите на новото време. Легална изведба? Ајде, жити бога. Впрочем, ретко кој не се „офајдил“ користејќи ги лукаво услугите на државата. Не попусто во својот „Бандите на Њујорк“, Мартин Скорсезе ги спомнува луѓето со претприемачки сенс како „раце што ја изградија Америка“. По филмот, знаеме какви се тие раце. Но оттаму доаѓаа и убави нешта. Прекрасно беше да се слушнат „Бикини со жолти точкици“ во изведба на Брајан Хиланд, како и „Џамболаја“, песна на американскиот кантри-пејач Хенк Вилијамс, напишана и објавена во далечната 1952 година. Да не зборувам за филмовите „Доктор Живаго“ на Дејвид Лин, „Моите песни, мои сништа“ со Џули Ендрјус и Кристифор Плумер и „Кет Балу“ со Џејн Фонда и Ли Марвин. Волшебни спротивности.
Сепак, мораше да се вратиме назад во Гостивар. Со трчање, право во паркот и на песочните плажи на Вардар. Нашиот духовен хоризонт повторно беше раскошно отворен да прифати прекрасни тонови. Шумеше Вардар бистар како солза. Со гитари во рацете, младите луѓе ги пееја популарните мелодии од филмските стории. Веројатно и тие тогаш сонуваа да ја напуштат татковината. Лилихипот е сладок ама бргу се арчи. Тоа општество имаше и забрани, поуки и совети. Младите сили беа потребни. И сега армија млади луѓе итаат кон елдорадо (богата рајска земја). Армија незадоволни? Не знам зошто кога сме во демократија. Треба да знаат дека ова македонско небо не се купува со никакви пари.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател