Сведоци сме дека младите луѓе, особено оние во текот на школувањето, читаат сѐ помалку. Така, лектирите, кои секогаш биле задолжителни и кои порано се голтале во периодот на адолесценцијата, сега стануваат досадни, па учениците се служат со разни манипулации за да бидат оценети позитивно. Така, постојат на интернет разни скратени верзии во кои компјутерот го раскажува она што е најважно во дадената книга. Сепак, тоа е само површна информација за содржината и воопшто не е замена за целосно прочитано книжевно дело. Како последица на тоа, ние во образовниот систем забележуваме сиромашен речник, неможност за искажување, немање креативност.
Во мај 2025 излезе анализа за тоа како да се лекува осаменоста, која станува сѐ поизразена кај младите, а особено кај постарата популација.
Додека разни алатки базирани на вештачка интелигенција се продаваат како лек за осаменост, истражувањата покажуваат дека читањето нуди многу позначајни придобивки. Читањето фиктивни романи може да поттикне социјална врска, да го намали стресот, да ја зголеми емпатијата, па дури и да ја преобликува мозочната активност поврзана со социјалната когниција.
Докажано е дека заедничкото читање и клубовите за книги ја намалуваат осаменоста и го подобруваат менталното здравје, особено кај младите возрасни и постарата популација. За разлика од дигиталните интеракции, читањето ги активира мозочните региони вклучени во разбирањето на другите, нудејќи моќно, нискотехнолошко решение за модерната социјална изолација.
Осаменоста стана толку распространет проблем што милијардерите од Силициумската Долина сега нудат на пазарот некакви „придружници“ со вештачка интелигенција, а Марк Закерберг неодамна изјави: „Просечниот Американец има помалку од три пријатели“.
Ова всушност го одразува она што Светската здравствена организација го нарече криза на социјална изолација и осаменост. Тие известуваат дека околу 25 отсто од постарите возрасни лица се социјално изолирани, а она што е уште побитно е дека од пет до 15 отсто од адолесцентите се осамени. Но различни истражувања сугерираат дека читањето може да биде многу подобро решение од чет-ботовите.
Човечката интеракција е несомнено од огромна важност. Во една студија објавена во 2023 година, откриено е дека се потребни само околу пет блиски пријатели за децата и адолесцентите да напредуваат, што им овозможува подобра структура на мозокот, когниција, академски перформанси и ментално здравје.
Помалку од пет блиски пријатели можеби не обезбедуваат доволен социјален контакт. Но поголемиот број дружења е помалку веројатно да бидат сметани токму како блиски пријатели.
Дилемата со технологијата често значи дека и покрај тоа што некои луѓе имаат огромен број пријатели на социјалните медиуми, тие всушност воопшто не се блиски пријатели и затоа не ја обезбедуваат потребната социјална поддршка.
Слично на тоа, чет-ботовите не обезбедуваат вид социјална интеракција лице в лице што им е потребна на луѓето за да напредуваат. За време на пандемските карантини, една студија покажа дека комуникацијата лице в лице е многу покорисна за менталното здравје од дигиталната комуникација.
Но како читањето може да ни помогне да се чувствуваме помалку осамено и да имаме подобра ментална благосостојба?
Неодамнешна анкета направена во „Читалната соба на кралицата“, добротворна организација, и клубот за книги на кралицата Камила, но и други анкети покажаа дека читањето фикција и други книги значително го намалува чувството на осаменост и ја подобрува благосостојбата.
Друга добротворна организација, „Читачот“, спроведе анкета на приближно 2.000 учесници и откри дека ова е особено точно за младите возрасни. Педесет и девет проценти од оние на возраст од 18 до 34 години изјавиле дека читањето прави да чувствуваат повеќе поврзани со другите, а 56 отсто се чувствувале помалку осамени за време на пандемијата.
Уште една анкета, во соработка со Универзитетот во Ливерпул, на над 4.000 учесници, откри дека читањето нуди моќни придобивки, служејќи како врвен метод за намалување на стресот.
Дополнително, учесниците изјавиле дека читањето поттикнува личен раст, како што се подобрување на здравјето, запознавање со можни хобија и зголемување на емпатијата, при што 64 отсто од читателите подобро ги разбираат чувствата на другите.
Читањето и мозокот
Навистина, научните истражувања што ги испитуваат клубовите за книги и заедничкото читање го потврдуваат ова, откривајќи значајни емоционални и социјални придобивки од читањето. На пример, студентите пријавиле поголема поврзаност (42,9 отсто) со другите, подлабоко разбирање на искуствата и верувањата на другите (61,2 отсто) и намалена осаменост (14,3 отсто) како резултат на читањето.
Системски преглед на 11 современи студии покажа дека заедничкото читање кај постарите возрасни лица ја подобрува благосостојбата и помага во ублажување на осаменоста и социјалната изолација.
Анкетите пред сè се потпираат на тоа како луѓето известуваат за тоа како се чувствуваат, а не на објективна мерка. Но постојат и наоди од објективни мерења на мозокот, вклучително и невровизуализација.
Еден начин на кој читањето може да помогне во намалувањето на осаменоста е преку подобрување на нашата социјална когниција, што всушност претставува способност да се разбираме и да се поврзуваме со другите.
Студија со невровизуализација на млади возрасни лица откри дека читањето фикција, особено пасуси со социјална содржина, активира области на мозокот вклучени во социјалното однесување и емоционалното разбирање, како што е дорзомедијалниот префронтален кортекс. Овој мозочен регион беше поврзан и со посилната социјална когниција забележана кај честите читатели на фикција, што укажува на невронски пат преку кој читањето поттикнува поголема социјална поврзаност.
Она што е многу важно е што читањето може да го намали и ризикот од деменција. Една студија на 469 лица на возраст од 75 години и повеќе, без деменција на почетокот, беа следени 5,1 години. Меѓу активностите за слободно време како што се играње друштвени игри, свирење музички инструменти и танцување, читањето беше поврзано со 35 отсто намален ризик од деменција.
Битно е што голем број студии слично покажаа дека вклучувањето во когнитивно стимулирачки активности, како што е читањето, може да го забави когнитивниот пад и да го намали ризикот од деменција.
Истражувањето што е повод на овој напис, исто така, ги покажа придобивките од читањето за задоволство, практикувано рано во животот. Во голем примерок од над 10.000 деца во Студијата за когнитивен развој на мозокот кај адолесцентите, откриено е дека оние деца што читаат за задоволство рано во животот имале подобра структура на мозокот, подобра когниција, академски достигнувања, подолго траење на спиењето и подобро ментално здравје – вклучително и пониски симптоми на невнимание, стрес и депресија – кога биле адолесценти. Важно е да се напомене дека тие исто така имале помалку време поминато пред екран и подобри социјални интеракции.
Значи, иако вештачката интелигенција и чет-ботовите можат да ги подобрат нашите животи на многу начини, тие не се решение за сè. Знаеме дека иако технологијата има многу придобивки, таа исто така предизвикала многу непредвидени проблеми.
Клучни факти:
Засилување на социјалниот мозок: Читањето фикција ги активира мозочните области поврзани со емпатијата и поврзувањето.
Помош за менталното здравје: Читателите пријавуваат помалку осаменост, подобар сон и помал стрес.
Заштитен ефект: Честото читање е поврзано со помал ризик од деменција и когнитивен пад.
Апелот од овој напис е: Да ги решиме проблемите со осаменоста и социјалната изолација преку читање и клубови за книги. Читањето е исто така одличен начин за подобрување на структурата на мозокот, когницијата и благосостојбата. Научете ги децата на книги, читајте им наместо да ги ставите пред екраните!