Македонскиот дух на крстопат:
- Вербата дека е можно будење не е наивна утопија, туку реална надеж заснована на искуството дека промените почнуваат од мали, но упорни, решителни, визионерски чекори. Не е потребен голем историски пресврт, туку создавање културна структура во која вредностите ќе имаат подлабоко значење од партиската членска книшка…
- И ако Македонија сака да стане држава на достоинствени луѓе, а не само на тажни и апатични граѓани што преживуваат, тогаш мора да почне да инвестира не само во патишта и фабрики туку и во етички код, во култура на грижа, во едукација што создава карактер, во медиуми што инспирираат и во јавни простори што обединуваат. Државата не е надвор од нас, таа сме ние, во начинот на кој разговараме, во начинот на кој се создаваме, во начинот на кој мислиме и се однесуваме
Во изминатите триесет години, Македонија се обидува да ја изгради својата државност во време на историски бури, геополитички притисоци и внатрешни поделби, но впечатокот што доминира низ секојдневието е дека граѓанинот, оној обичниот човек, што станува секое утро со надеж дека нешто ќе се смени, тоне во сѐ подлабока апатија, рамнодушност и необјаснива лутина што се прелива од приватниот во јавниот простор. Веќе одамна не е доволно да се зборува за транзиција, за евроинтеграции, за геостратешки приоритети и економски реформи, кога Македонецот е изгубен во административни лавиринти, социјални понижувања и медиумски манипулации, во кои му е јасно дека достоинството се мери со тишината, а успехот со партиска припадност.
Македонската национална свест, онаа искрена и граѓанска, не онаа излитена и злоупотребена од дневната политика, е длабоко еродирана, не однадвор, туку однатре, од постојаното повторување на пораката дека ништо не вреди, ништо не е можно и никој нема да те праша како ти е, сѐ додека молчиш и се приспособуваш. Во тој дух на тивко преживување се изгуби и чувството дека државата е заеднички дом, дека улицата пред вратата е исто толку твоја колку и на градоначалникот, дека воздухот не им припаѓа на партиите, а природата не е ни на концесионерите ни на министерот, туку наша и на децата што ќе дојдат. Таа изгубена поврзаност меѓу граѓанинот и државата, меѓу граѓанинот и општеството, создаде колективна празнина, во која сѐ повеќе се населуваат цинизам, пасивност и културна дезориентација, што на крајот се претвораат во начин на живеење.
Преку образованието, некогаш замислено како орудие за напредок, денес се пренесува посредна порака дека знаењето нема вредност ако нема познанство, дека трудот е смешен ако не си со „врски“, дека интегритетот е товар ако не знаеш кога да молчиш. Учениците растат во училници каде што авторитетот се мери со број на „заслужени оценки“, а не со квалитет на мислата; наставниците се претворени во административни извршители на програми што не учат на одговорност, туку на репродукција, а родителите сѐ повеќе стануваат неми набљудувачи отколку сојузници во воспитување. Во ваков систем, националната свест се суши како дрво без вода, бидејќи се храни со празни зборови, а не со вредности, примери, навики и емпатија.
Исто така, односот кон јавниот простор, кон животната средина, кон зеленилото и чистиот воздух е болно отсликување на тоа каква врска имаме со сопствената држава. Градовите се претворија во бетонски архиви на недозволени градби и стиропор-ренесанси, каде што урбаното живеење значи изолација, бучава и отсуство на естетика, а парковите сѐ повеќе личат на заборавени остатоци од некое друго време во кое јавниот интерес имал тежина. Кога фрлањето ѓубре низ прозорец е навика, а гајлето за реката што тече покрај нас му е отстапено на некој друг, тогаш е јасно дека не станува збор за недостиг од правила, туку за целосна атрофија на чувството за заедништво и култура на живеење.
Медиумскиот простор, наместо да биде критичко огледало на општеството, стана фабрика за заборав и фрагментација, виртуелна турска серија, каде што вистината е заменета со сензационализам, а јавниот интерес со сензационалистички наслови, кои ќе те натераат да ја отвориш страницата на интернет и да прочиташ едно големо ништо. Во свет каде што граѓанинот е секојдневно бомбардиран со гласови што прават какофонија од индивидуални ставови, а малкумина што размислуваат, местото за сериозна дебата, за културно образување и за рационална анализа се претвори во маргина во која малкумина се надеваат дека ќе промени нешто. И кога една нација ги изгубила своите инструменти за саморефлексија, таа тешко може да најде пат до себе.
Но и покрај сето ова, вербата дека е можно будење не е наивна утопија, туку реална надеж заснована на искуството дека промените почнуваат од мали, но упорни, решителни, визионерски чекори. Не е потребен голем историски пресврт, туку создавање културна структура во која вредностите ќе имаат подлабоко значење од партиската членска книшка, каде што наставникот ќе биде повеќе ценет од „Жане од шалтер“, каде што општината ќе биде сервис, а не тврдина на корупција, и каде што јавниот простор ќе биде третиран како светост, а не како привремено складиште на нашата мрзливост.
Нацијата не е историски трофеј што се чува во музеј, туку жив организам што се гради со секој збор, секој гест, секоја одлука и секој избор. И ако Македонија сака да стане држава на достоинствени луѓе, а не само на тажни и апатични граѓани што преживуваат, тогаш мора да почне да инвестира не само во патишта и фабрики туку и во етички код, во култура на грижа, во едукација што создава карактер, во медиуми што инспирираат и во јавни простори што обединуваат. Државата не е надвор од нас, таа сме ние, во начинот на кој разговараме, во начинот на кој се создаваме, во начинот на кој мислиме и се однесуваме.
Македонија не чека спасител, ниту референдум. Чека будење. И тоа будење ќе почне не кога ќе дојде некој нов лидер, туку кога секој од нас ќе ја врати довербата во можноста дека нешто вреди да се направи, дека нешто вреди да се заштити, дека нешто вреди да се сака. И дека самите ние вредиме доволно за да живееме во подобра земја.
Кирил Колемишевски е обичен граѓанин што пишува за она што сите го чувствуваме, но ретко го кажуваме. Верува дека Македонија има душа што може да се разбуди, ако секој од нас почне со себе.