„Галичката свадба“ не е само туристичка атракција туку жив музеј на македонското наследство! Низ генерации, „Галичката свадба“ беше манифестација на македонските обичаи, ора и на познатата галичка носија изработена со филигранска прецизност, а денес го негува живото сеќавање на македонското културно наследство, сплотувајќи ги Македонците. Зурлите и тапаните, традиционалната македонска носија или бричењето на зетот се манифестација на македонштината
Еден народ не живее во херметички затворен простор, тој е опкружен од други народи, односно од други култури и обичаи. Честопати во оние предели каде што се сретнуваат два народа или две култури доаѓа до попримање на одредени културолошки особености што не се типични за одреден етнос. Во минатото многумина го забележаа тоа, а совршен пример за ова е искажувањето на Васил К’нчов дека Македонците се многу гостопримливи и љубезни кон гостите, без разлика дали станува збор за познаници или странци. При посетата на многу македонски села и градови, тој насекаде бил добредојден, а според неговите зборови, секаде бил љубезно дочекуван без претходна најава кај домаќините. Но К’нчов забележал и една аномалија! Имено, во градот Банско во пиринскиот крај, денес во Република Бугарија, К’нчов морал да се најави кај домаќините, нешто што било во спротивност со непишаните прописи во другите македонски населени места.
На што се должи оваа аномалија? Во минатото кога средствата за комуникација и транспорт беа ограничени, пограничното население честопати општело со она население што било најблиску до него. Со други зборови, жителите на Банско што биле во близина на Бугарија честопати ги посетувале бугарските села и градови (поради трговија или други потреби), а оттука и ја прифатиле нормата за претходно најавување кај домаќинот, нешто што не е посведочено кај преостанатото македонско население. Денес, нештата можеби не се како во минатото, но факт е дека Македонците во споредба со Бугарите во 19 век биле многу гостопримливи, а ова го забележал и Ѓорѓија Пулески, кој вели дека „Македонците се вреден, гостопримлив, храбар и чесен народ“.
Секој народ има свои особености, без разлика дали станува збор за јазични или културолошки, а овие особености се уште повеќе поочигледни доколку се оддалечуваме од пограничните краишта. Ова го согледал и Крсте Петков Мисирков, кој ги постави темелите на современиот македонски јазик, акцентирајќи дека централното наречје (Велес-Прилеп-Битола-Охрид) треба да биде дијалектна основа на македонскиот јазик.
Денес, кога некој ги негира македонските национални особености, мора да разбереме дека македонската култура не е само реликвија туку и жива таписерија, која внимателно се негувала низ вековите и сѐ уште се негува. Македонската култура има длабоки корени во македонскиот културен идентитет, таа е огледало на историјата, таа ги спојува приказните што се пренесуваат низ генерациите, таа дава чувство на припадност. Покрај јазикот или историјата, тука секако се и обичаите, кои на македонскиот идентитет му даваат ритмичка стабилност, моменти што ги поврзуваат македонските семејства, но и поширокото македонско општество.
Во оваа смисла треба да ја разбереме и „Галичката свадба“, таа не е само туристичка атракција туку жив музеј на македонското наследство!
Низ генерации, „Галичката свадба“ беше манифестација на македонските обичаи, ора и на познатата галичка носија изработена со филигранска прецизност, а денес го негува живото сеќавање на македонското културно наследство, сплотувајќи ги Македонците. Зурлите и тапаните, традиционалната македонска носија или бричењето на зетот се манифестација на македонштината.
Нешта не се манифестираат случајно, оттука галичанецот Ѓорѓија Пулески беше меѓу првите што артикулираше јасна дефиниција за тоа што претставува македонската нација. Тој во својот „Речник на три јазици“, објавен во 1875 година, го запиша следното: „Луѓе кои се од исто потекло и кои зборуваат исти зборови и кои живеат и се спријателуваат едни со други, кои имаат исти обичаи и песни, се она што го нарекуваме нација, а местото каде што живеат тие луѓе се нарекува земја на народот. Значи, Македонците се нација, а местото што е нивно се нарекува Македонија“.
На крајот ќе завршиме со Мисирков, кој велеше дека културното наследство е извор на сила, како и дека преку независното проучување на македонската култура, Македонците се вооружени со „непобедливо оружје“ во борбата за човекови права и слободен национален живот.