Денешниот напис е посветен на една негативна психолошка црта кај современите луѓе, која, по мое мислење, станува многу силно изразена и проширена. И токму таа е причина за разни негативни појави во секојдневниот живот.
Психопатијата претставува конструкт на личноста што е еден од најсилните предиктори за агресивно и насилно однесување. Поединци со силни психопатски особини најчесто извршуваат повеќе кривични дела, предизвикуваат поголеми повреди и имаат поголем ризик од рецидивизам во споредба со непсихопатските субјекти, што претставува не само висок финансиски товар за општеството туку и психолошки и физички товар за жртвите.
Психопатијата е концептуализирана преку афективни и меѓучовечки дисфункции како и антисоцијално однесување. Оваа карактеристика не е експлицитно категоризирана во класификациите на болестите (МКБ 10 или ДСМ 5) како нарушување на личноста и не е целосно идентична со дијагнозата – антисоцијално нарушување на личноста. Психопатијата во практиката се одредува преку стандардизиран прашалник PCL-R (Psychopathy Check-List- Revised).
Првиот фактор што се одредува преку прашалникот ги опишува меѓучовечките и афективните проблеми и често се нарекува основна карактеристика на психопатијата. Се манифестира на пример со патолошко лажење, грандиозно чувство на самопочит и недостиг од емпатија, немање на каење или чувство на вина. Поединците кај кои овој фактор е силно изразен се често наизглед шармантни, но многу манипулативни, покажуваат недостиг од емоционална реактивност и површен афект, високи нивоа на предаторско однесување и инструментална агресија. Неспособни да доживеат подлабоки чувства, овие лица покажуваат генерално ниска емоционална реактивност и, следствено, ниски нивоа на анксиозност.
Втората димензија во прашалникот опишува импулсивно и антисоцијално однесување и се рефлектира во барање сензации, неодговорно однесување, лутина, паразитски и нестабилен начин на живот, како и рана појава на девијантно однесување и висок рецидивизам.
Иако двете димензии се тесно поврзани во феноменот на психопатија, тие сочинуваат фундаментално различни модели на однесување и особини. Оттука, разумно е да се претпостави дека тие се засноваат на различни невробиолошки основи.
Со цел да се утврдат невробиолошките специфичности кај оваа негативна човечка димензија, правени се невроимиџинг студии, најмногу со магнетна резонанца.
Структурната магнетна резонанца (МРИ) е користена со цел да се пронајдат меѓуиндивидуални разлики во структурата на мозокот што се поврзани со психопатија. Структурните мерки биле анализирани преку групни споредби, на пример помеѓу психопатски и непсихопатски испитаници.
Поновите студии за снимање на мозокот покажуваат дека структурните разлики најчесто се наоѓаат во сивата материја, но регионалните локализации во различни студии се разновидни и се распространети речиси низ целиот мозок.
Неколку студии објавија претежно негативни асоцијации помеѓу вкупниот резултат на од тестирањето и волуменот на целиот префронтален кортекс (PFC), регионите во орбитофронталниот кортекс (OFC) и амигдалата. Студиите за асоцијациите помеѓу двете главни димензии во прашалникот и структурата на мозокот сугерираат дека првиот фактор, меѓучовечките и афективните проблеми, може првенствено да бидат поврзани со намалување на волуменот на сивата материја во префронталните, орбитофронталните и темпоралните региони и со намалување на сивата материја во медијалните структури на темпоралниот лобус како што се хипокампусот и амигдалата. Слични намалувања се пронајдени и во студија во која се споредуваат на пример натпреварувачки џудо-спортисти со неспортисти, што ја демонстрираше димензионалноста на психопатските особини без нужно да вклучува криминално или антисоцијално однесување.
Една метаанализа ги сумира резултатите од седум студии за морфометрија базирана на Воксел на морфологијата на целиот мозок и резултатите од психопатија. Да појаснам, Вокселот е слика од тридимензионален просторен регион ограничен со дадени големини, кој има свои координати на јазлите во прифатен координантен систем, своја форма, свој параметар на состојба што укажува на неговата припадност на некој моделиран објект.
Авторите на студијата пронајдоа негативни корелации на PCL-R фактор 1 со сивата материја во фронталниот кортекс, соматосензорни региони, моторни региони, лев цингулат и билатералните инфериорни темпорални гируси.
Анализата на групните разлики помеѓу психопатските субјекти и контролната група покажа дека глобалниот мозочен волумен на психопатските субјекти е намален, а овие разлики може да му се припишат особено на церебралниот кортекс. Додека овие разлики го исполнуваа критериумот за повеќекратно тестирање, регионалните ефекти на подетални нивоа не го исполнија. Така, и покрај значајниот глобален дефицит на сива материја, не се појавија изразени регионални фокуси на дефицити на волумен, што укажува на значителна меѓуиндивидуална варијабилност во просторното ширење на загубите на волумен. Едно толкување е дека кај испитуваните психопатски субјекти се појавило нарушување на развојот на мозокот, со меѓуиндивидуално хетероген просторен или регионален модел, при што индивидуалниот регионален модел на овие нарушувања (покрај другото, на пример влијанија врз животната средина) влијаел на фенотипот на однесувањето, мерено со скалата на PCL-R.
Оваа претпоставка би можела да објасни и зошто групните разлики, пријавени во различни студии, се исто така хетерогени во нивните просторни модели. Сепак, волуменските дефицити во дорзолатералните фронтални региони, амигдалата, хипокампалната формација, предниот цингуларен кортекс и изоларниот кортекс се слични на наодите во претходните структурни МРИ-студии, а функционалните МРИ-студии кои исто така пронајдоа разлики во активирањето помеѓу психопатските субјекти и контролите во овие региони.
Познато е дека овие паралимбични и лимбични региони се многу ангажирани во обработката на социјалните информации, регулирањето на емоциите, вниманието и внатрешната контрола, а недостатоците во овие области често објаснуваат дисфункции во однесувањето, агресија, импулсивност, недостиг од емпатија и плиток афект, кои се типични психопатски особини.
Без да навлегуваме во детали, да споменеме уште две теории што претпоставуваат дека невронските кола вклучени во процесите на учење што лежат во основата на социјализацијата, донесувањето морални одлуки, но и контролата на реактивната агресија, може да бидат нарушени кај психопатијата. Ова коло опфаќа особено медијален орбитофронтален кортекс, амигдала, но и периаквадуктална сива материја во мозочното стебло, кои потсетуваат на регионите каде што се пронајдени или негативни асоцијации со фактор 2 или волуменски дефицити во споредбата на групите. Заедно со други наоди, овие би можеле да покажат дека повеќе невронски кола можат да бидат вклучени во психопатијата.
Најновите резултати од студиите сугерираат дека нарушувањата во однесувањето што се опфатени од фактор 2 во прашалникот се поврзани со волуменски дефицити во региони што им припаѓаат на фронтално-супкортикалните кола што би можеле да бидат вклучени во контролата на однесувањето.
Невробиолошките супстрати на особините на однесувањето што лежат во основата на фактор 1 од прашалникот се чини дека се поразновидни, што сугерира дека за нивно откривање може да бидат потребни поспецифични процени на однесувањето.
Резултатите од споредбата на групите сугерираат доста широко распространето нарушување на развојот на мозокот кај психопатски субјекти. Прашања за идните студии се на пример до кој степен овие структурни разлики се наследни или поврзани со фактори на животната средина.
Во секој случај, оваа негативна димензија на личноста треба да се земе предвид во секојдневните комуникации и да се избегнуваат зближувања со вакви личности зашто се можни негативни искуства. Особено е важно ваквите личности да не бидат на раководни функции зашто дури тогаш се можни лоши последици.