Следува третото, македонско полувреме

Знаете што беа седницата на Европскиот парламент и гласањето за извештајот на Томас Вајц? Натпревар меѓу Бугарија и Македонија! А што претставуваше резултатот 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“? Да, тоа беше негаторски удар врз македонскиот идентитет и јазик во режија на Софија, поддржана од Брисел, но гласањето во Стразбур беше и удар врз самата Софија, чија политика кон Македонија е разобличена во центарот на политичка Европа. На 9 јули Европа и светот видоа дека Бугарија целосно ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ и оти се обидува да изнуди од Македонија не само промена на Уставот туку и серија нови последователни „добрососедски отстапки“, кои се агенда за ремоделирање и бугаризирање на македонскиот идентитетско-јазичен комплекс.
Седницата на Европскиот парламент ми предизвика одредени асоцијации со прочуената реплика „Македонија е свето име бе, мамето ваше!“ од македонскиот игран филм „Трето полувреме“ од 2011 година. Го изгледав „Трето полувреме“, ја изгледав и проекцијата на евробугарскиот филм во Стразбур со наслов „Бришење на македонскиот идентитет и јазик“, па сега мислам дека ќе следува прикажување и на филмот со наслов „Македонија и македонскиот идентитет и јазик се свети бе, мамето ваше!“ Веќе отсега како да ја наслушнувам македонската публика како извикува во хор пркосно: „Ќе го играме и третото, овој пат македонско полувреме, ќе ве поразиме, како што ве поразивме и во 1941-1944!“
Во својата докторска дисертација со наслов „Пиринскиот дел на Македонија меѓу 1949-1968 година“ од 1997 година, д-р Васил Јотевски ја наведува резолуцијата за македонското прашање, која ја донесе Бугарската работничка партија (комунисти) на 10-от проширен пленум, одржан на 9-10 август 1946 година. Во оваа резолуција со историска важност за сиот македонски народ било признаено неговото постоење во Бугарија и Македонија, како и на македонскиот јазик и македонската етничка засебност и национална самосвест.
Арно ама, 79 години по донесувањето на овој официјален бугарски документ, со кој се констатира објективната македонска политичка и историска реалност, Европскиот парламент донесува своја резолуција, со која е верификувано бришењето на македонскиот идентитет и јазик од предлог-извештајот на Томас Вајц под жестокиот притисок на бугарските и грчките европарламентарци. Напразно, реалноста и историјата не може никој да ги избрише. Токму затоа и ќе повторам дека по евробугарскиот филм во Стразбур со наслов „Бришење на македонскиот идентитет и јазик“, ќе следува режирање и прикажување и на филмот со гореспоменатиот наслов.
Овде сметам дека е корисно да се потсетиме на неколку извадоци од споменатата докторска дисертација на Јотевски. „Во резолуцијата за македонското прашање, Бугарската работничка партија (комунисти) истакнува дека основниот дел на македонскиот народ ce има организирано државно и национално во рамките на ‘Федеративна Народна Република Југославија како Народна Република Македонија. Обединувањето на другите делови на македонскиот народ претстои да ce изврши врз база на Македонската Република во рамките на ФНР Југославија.

БРП (К) смета дека е неопходно во периодот до присоединувањето на пиринскиот крај кон Народна Република Македонија систематски да ce работи на културното зближување на македонското население од тој крај со HP Македонија, на популаризирањето во нивната средина на работата и постигањата на Македонската Народна Република, на македонскиот јазик и македонската литература, на запознавањето со историјата на македонскиот народ како што ce предава во училиштата во Македонија, кои ќе придонесат за развој на националната свест кај македонското население и ќе го олеснат неговото обединување со основниот дел од македонскиот народ во Народна Република Македонија“, се наведува исто така во таа резолуција на БРП (К).
Јотевски констатира дека политиката на Бугарија во однос на македонското национално прашање во периодот од септември 1944 до јуни-јули 1948 година, со мали исклучоци на одредени субјекти, била сообразена со објективната историска стварност за постоењето на македонската нација и нејзината држава во рамките на југословенската државна федеративна заедница. „За таквата бугарска политика придонесе македонскиот народ пред cè со своето активно учество во националноослободителното и револуционерно движење во подалечното и поблиско историско минато и, особено, во антифашистичката војна за време на Втората светска војна“, посочува д-р Јотевски во дисертацијата.
Со оглед на жестокоста, со која денес официјална Софија го негира македонскиот јазик, обидувајќи се да го прогласи де како „модерен“, де како „дијалектна норма на бугарскиот јазик“, со оглед и на тоа колкави напори се чинат македонската автентична и засебна историја да се прогласат како дел од „заедничката историја со Бугарија“, укажувам на еден исклучителен документ на Министерството за народна просвета на HP Бугарија: одлуката во 1947 година во сите гимназии и прогимназии во пиринскиот дел на Македонија да се воведат како посебни наставни предмети Македонски јазик и Македонска историја. Во 1947 година е признаен во Бугарија македонскиот јазик, а денес се тврди дека не постои!
Пратениците во Европскиот парламент, но и денешната Влада на Бугарија, нивниот потпретседател и историчари, треба да ги имаат предвид овие официјални документи на бугарската држава, а не тие да се сокриваат и во име на „евроинтеграцијата“ и „балканското добрососедство“ да се фалсификува и да се прикажува како бугарско сѐ што носи идентификациски предзнак „македонски“.
На сите оние што советуваат дека во име на „светлата европска иднина“ не треба „многу да буричкаме“ во своето македонско минато, ниту да „креваме врева“, сакам да им укажам на жестоката реакција на македонскиот револуционер, новинар, публицист, историчар и општественик Ангел Динев (1.10.1891-17.2.1952), откако на 13 јули 1948 година на својот 16. пленум Бугарската комунистичка партија донесува резолуција, односно акт, со кој ја укинува културната автономија на Пиринска Македонија, а со тоа и политиката за признавањето на македонскиот народ, јазик и историја.

Динев праќа протестно писмо до Централниот комитет на Бугарската комунистичка парија и на 20 август 1948 година илегално ја напушта Бугарија. Денешната резолуција на Европскиот парламент со бугарскиот шовинизам кон македонскиот идентитет и јазик, вграден во неа, е во многу елементи слична како и споменатава резолуција на БКП од 13 јули 1948 година. Во 1944 година Ангел Динев ја објавува брошурата „Етнографската идеја на македонските Славјани“, а подоцна и „Илинденската епопеја“ I-II, во кои смело го истакнува постоењето на македонската нација.
Динев, човекот што ѝ го посвети својот живот на македонската национална кауза, ќе напише: „Долу фалшивиот лозунг ’македонски Бугари’. Да живее нашата етнографска идеја!“Мислам дека ќе биде поучно на европарламентарците да им се укаже на оваа знаменита мисла на Ангел Динев. За да ја сфатат и денешните Европејци и европарламентарци суштината на бугарската политика и во оваа 2025 година.
За да се оградам однапред од чија било помисла дека ширам омраза кон бугарскиот народ и Бугарија, првин ќе потсетам на дел од колумната на Слободан Томиќ од 7 јули 2025 година под наслов „Македонија под удар: Додека сиромашниот Бугарин го брани левот, бугарската елита го краде македонскиот јазик“. „Бугарија е во политичка паника. Илјадници Бугари излегоа на улиците за да го одбранат бугарскиот лев, а бугарската елита сонува за туѓа историја. Народот сака референдум, плебисцит, пред да го смени земјата својот идентитет во еврозоната. Но наместо да го слушне својот народ, бугарската политичка елита уште еднаш погледна, не кон Брисел, туку кон Скопје. Зошто? Зашто е полесно да се фалсификува историја отколку да се обезбеди иднина“, пишува Томиќ.
Навистина, бугарските политичари, бугарската политичка елита, бавејќи се со антимакедонска шовинистичка политика, го запоставуваат својот бугарски народ и фактички работат против неговите интереси. Бидејќи, интерес на бугарскиот народ е неговото државно-политичко раководство да води сметка, да се бори за неговиот животен стандард, за бугарската економија. Не е никаков интерес ниту на бугарскиот ниту на македонскиот народ да живеат во омраза, како што поттикнуваа Радев и Желјасков и Јотева и цела сурија други софиски политичари и историчари. Бугарското државно-политичко раководство работејќи против македонските државно-национални интереси, негирајќи ги Македонија, Македонците и македонскиот јазик, фактички работи против интересите и на сопствениот бугарски народ, чија иднина на Балканот не е во судири со македонскиот народ, туку во заемно разбирање, признавање, помагање и соработка.
Јас како Македонец се залагам против омразата кон Бугарите и за вистинско македонско-бугарско уважување, засновано врз заемно признавање како засебни народи со свои засебни јазици.

Од свои геополитички причини, и Европската Унија работи против овие вистински интереси на бугарскиот народ во Балканот. На Европската Унија не ѝ е важно тоа што бугарските пензионери примаат 165 евра месечна пензија, тоа што Бугарите се најнесреќната нација во Европа, како и тоа што Бугарија е една од државите со најслаба економија во Европа. Уште помалку им е важно на бриселските еврократи дали таму постојат некакви Македонци што говорат некаков македонски јазик. Всушност, челниците на ЕУ се „скарани“ најпрвин со своите европски народи!
Е, затоа здружените европски суверенисти веќе на големо го пишуваат сценариото на филмот „Да ја демонтираме оваа ЕУ и да ја направиме пепел“! Е, затоа и ќе се прави и филмот со тој насловот, што неколкупати, простете, го споменувам погоре, во кој една од главните реплики ќе биде „Долу фалшивиот лозунг ’македонски Бугари’. Да живее македонската етнографска идеја!“

Свето Тоевски