Боро Бојаџиев – последниот ваташки партизан

Културата на историското сеќавање не е работа на емоции туку егзистенцијална потреба за зачувување на историјата и идентитетот на еден народ. Таа е претставена низ негување традиции, усни преданија, текстови, споменици, прослави, парастоси и слични форми на оживување спомени од минатото. Има две школи на мислење во тој контекст. Едната смета дека сегашноста го одредува нашето разбирање за минатото, другата дека минатото влијае на нашето однесување во сегашноста. А секој човек живее со своето, индивидуално сеќавање и со колективната меморија на народот на кој му припаѓа.
Оваа пролет, по предлог на пријателот Ѓоше Мирчев, без некоја посебна организација, бев во неколку града во Македонија. Двапати бев во Кавадарци, каде што присуствував на две споменични одбележувања. Првиот пат беше во април на скромното потсетување на 81-годишнинината од загинувањето на народните херои Димче Мирчев и Киро Крстев Атанасовски, а вториот во јуни, на 82-годишнината од стрелањето на 12 младинци во Ваташа, исто така скромно, но достојно одбележување. Историските факти говорат дека и во двата случаја, загинатите биле погубени од бугарскиот фашистички окупатор. Првите двајца како активни партизани и револуционери убиени во заседа, а 12 ваташки младинци со стрелање извршено врз голораки цивили, злосторство што никогаш не се заборава, не се простува и не застарува. Најмладиот имал 15, најстариот 27 години, десетмина по 17 години, деца што не дочекаа полнолетство. Тоа е денот кога „ми заплакало селото Ваташа“.
Таму ми се наметна размислувањето за вредностите на сеќавањето, за културата на паметењето настани поврзани со блиската историја на нацијата. Поточно со партизанската историја, една од најславните, најблескави и најчисти епизоди во вековната македонска борба за слобода и независност, која, за жал, смислено се турка на маргините, се третира со зла намера, се настојува да се потцени, измести, фалсификува, дури и избрише. Со учество на странски служби и домашни анационални гуланфери.

Во Кавадарци го запознав господин Боро Бојаџиев, претседател на Сојузот на борци, поддржувачи, последниот ваташки партизан, кажано фигуративно. Роден во 1940 година, значи сега 85-годишен, во секое време е подготвен усно да ви ја раскаже сета кавадаречка и ваташка историја, од пред Илинден, кога е роден татко му, до денешен ден. Кога зборува, мислите дека негде во главата има печатена книга и оттаму чита течно и точно цела испишана хронологија. Имате чувство дека во белите дробови му работи некое моторче што го одржува во постојано вдахновение речиси да рецитира без да здивне, без да направи пауза. Памти настани, датуми, семејства, поединци, имиња и презимиња, градови, села, кој од каде бил, со кого бил, адреси, фотографии до детали што ретко кој би ги сметал за важни.
Ќе ви каже дека од 18 години бил на работна акција во Словенија, точно на денот кога почнала изградбата на „автопатот на братството и единството“ од Триглав до Гевгелија. Како подоцна во два наврата одел по врвиците на Февруарскиот поход во границите на Република Македонија. Како бил шеф на одржувањето на машинските постројки во рудникот ’Ржаново, каде што се копала рудата за „Фени“. Не се занимавал со бојаџискиот занает, некогашниот семеен бизнис што му го одредил и презимето, тргнал по друг пат да го оформува образованието и да ја бара егзистенцијата. Речиси за сите работи зборува со насмевка, на сѐ што е лошо не гледа со критика туку со оптимизам дека нештата ќе се поправат.
Татко му, Ѓошо Бојаџиев, му ја всадил љубовта кон Македонија. А Ѓошо бил роден патриот и активист, еден лик сличен на ликовите од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Учествувал во Тиквешкото востание во 1913 година, прв организиран масовен народен оружен отпор против српската власт, која ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Потоа, во Првата светска војна бил војник на српската војска против која претходно војувал. Па, по војната бил протеран во Бугарија како еден од основачите на КПЈ во Тиквешијата.
Во Бугарија се оженил за пиринската Македонка Марија Дрицолова, учителска ќерка. Па, и таму не бил пожелен, кога гонет, кога затворан, се вратиле со сопругата во Ваташа. Ѓоше уште пред востанието од 11 октомври им се приклучил на тиквешките револуционери во борбата против бугарскиот окупатор. Активен, ширел партизанштина и комунизам низ селата на Кожуф Планина. Во нивната куќа била илегалната печатница, многумина поминале низ неа: Димката Ангелов Габерот, Мито Хаџивасилев-Јасмин, Вера Циривири-Трена, Никола Минчев, Ристо Џунов и многу други, познати и помалку познати.

Боро Бојаџиев, сегашниот наследник, е осмо, последното дете на родителите, татко му имал нецели 50 години. Последно родено и последно живо. Тој ги чува спомените на семејството, а преку нив на цело партизанско Кавадарци со неговата родна Ваташа како центар. Како претседател на борците од НОБ во општината, односно на нивните наследници и поддржувачи, се труди нив да ги одржи на површина, да им обезбеди барем спомнување и сеќавање. Речиси ништо друго, да не бидат избришани од меморијата, иако и самите наследници ги трчаат последните кругови од животот. Се труди Боро, трча ваму-таму, моли овој – моли оној, да се одбележи некој подзаборавен датум, некој подзаборавен настан. Контактира со други здруженија, држи пријателски врски со Неготино, со Прилеп, со други општини.
Тој вели дека има скромна но нужна соработка и разбирање од градоначалникот Митко Јанчев, благодарен е на уважувањето што го има од вработените во мошне агилниот Градски музеј, но нема помош од успешните тиквешки бизнисмени, тие живеат во друг свет. Моли еден, моли друг да му обезбедат на здружението барем легална регистрација, можеби некоја канцеларија со една маса и едно две–три столчиња, да може да ги прима колегите од здруженија што му доаѓаат од други градови, да разменат мислења, да покажат дека борбата не била залудна.

Нема Боро Ваташанецот канцеларија, нема службени телефони, сам си знае, свесен е дека наследниците на борците како форма на организација се на крајот на нечие уво. Но тој е упорен, водата спие, тој не спие, не губи надеж дека ќе живее културата на сеќавањето, дека оние што ги дале животот и оние што пролеале крв за слободна и независна Република Македонија, првата држава на македонскиот народ, нема да бидат заборавени или избришани од историјата. Знае неуморниот Боро Бојаџиев дека луѓето се живи онолку долго колку што се живи спомените за нив. Знае и кога трча да организира некој обичен или јубилеен настан или кога се засолнува со сопругата Ленче во затскриената куќа во нивното мало ваташкото лозје.

[email protected]