Нов концептиран пристап за постигнување највисоки образовно-академски стандарди и вредности

За иницијативата на координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области во врска со возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (2)

Во три продолженија ги пренесуваме ставовите на Ѓорѓи Илиевски, наш колумнист, виш просветен инспектор во пензија, во врска со иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, иницирана од предлагачите и од координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области, а потоа развиена во елаборат подготвен во согласност со законски поставените нормативи и стандарди

Мисијата за возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет во Охрид произлегува од историската обврска на високовоспоставените нивоа на Свети Климент Охридски во процесот на образување генерации со цивилизациски вредности. Во оваа насока ќе се настојува да се образуваат стручни кадри чие знаење ќе биде апликативно не само во Република Македонија туку и во светот. Тоа подразбира приспособување на образовните содржини, примена на различни пристапи, организација и стратегии за да се овозможи квалитетно високо образование. За да се смета образованието севкупно за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и наставните програми на факултетите и инфраструктурните услови за спроведување практична (клиничка) настава.
Квалитетното високо образование ќе придонесе за осознавање и усовршување на слободномислечки личности, кои покрај знаењето и умеењето ќе се изградат и како карактерни личности насочени кон современите цивилизациски придобивки во сите области на животот.
Со вака поставени цели, универзитетот ќе работи со нов концептиран пристап во постигнувањето највисоки образовно-академски стандарди и вредности усогласени со потребите на студентите, општеството (пазарот на трудот, администрацијата) и проектираните национални и регионални перспективи, кои кореспондираат со европскиот образовен систем во високото образование. Универзитетот ќе овозможи стекнување општи (теорија и пракса) и специфични научни и уметнички знаења и умеења низ иновативни процеси, кои се во функција на збогатување на ризницата на материјални и духовни вредности. Специфичноста во реализацијата на научноистражувачки и уметничкоистражувачки проектни активности ќе биде со активно учество и придонес на студентите, кои низ менторско и експертско водство ќе навлегуваат во тајните на научноистражувачкиот процес. Тенденција на возобновениот Светиклиментов универзитет во Охрид ќе биде постигнување највисоко ниво во наставата, што ќе придонесе за поголема научна институционална релевантност. Универзитетот во своите концептуални рамки ќе настојува да постигне максимално почитување на образовните и други разлики меѓу корисниците на услугите, со што ќе ги засили своите хуманистички и демократски димензии.
ВРАЌАЊЕ НА ДУХОТ НА СВЕТИКЛИМЕНТОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ 
Со намера во законска процедура да иницираме и да креираме нова димензија и нови вредности во високото образование во Република Македонија, протежирање клиничка настава адекватна на потребите на пазарот на трудот и нова цивилизациска иднина на високото образование во земјава, имаме чест да ја доставиме оваа иницијатива за возобновување и отворање на Светиклиментовиот универзитет во Охрид.
Со оглед на фактот дека во 2007 година е започнато возобновувањето на овој интегриран универзитет, основната замисла беше да се спои сакралното со световното, да се направи една симбиоза на времето Светиклиментово со времето на двaесет и првиот век. Оваа иницијатива има цел да го врати духот на Светиклиментовиот универзитет во симбиоза со просторот и да се вклопи во крајоликот на цитаделата Самуилова – Самуиловата тврдина, Плаошник и „Свети Јован Канео“. Иницијативата е да направиме еден центар што ќе ги спојува сите овие елементи. Што значи тоа? Тоа значи дека во изградениот, во возобновениот Светиклиментов универзитет се планира интегрирање и на Теолошкиот факултет во соработка со МПЦ.
Идејата за возобновување и враќање на духот на Светиклиментовиот универзитет во Охрид е создавање современа интегрирана и модерна образовна научна институција во земјава, која ќе почива врз темелите на просветната дејност на светителот и основач на Охридската книжевна школа, Свети Климент. Идејата е да се создаде најоригинален и целосно препознатлив едукативен (универзитетски) центар во Република Македонија, кој на уникатен и автентичен начин ќе го спои времето на македонскиот и словенски учител и просветител Свети Климент и неговата педагошка школа, од која образование стекнале 3.500 ученици (ширејќи ја писменоста низ целиот свет), со идејата за поинтензивна континуирана менторска работа со студентите (менторски систем) за создавање регионална и меѓународна мрежа на кадри едуцирани во овој универзитет, распоредени во систем на мрежа од вработени студенти во економскиот сектор, политиката, администрацијата и други сфери, повторно поврзани со универзитетот преку концептот за соработка и доживотно учење.
Во 21 век, возобновениот Светиклиментов универзитет, според иницијативата, треба да претставува интегрирана целина (интегриран универзитет) на повеќе факултети, која треба да биде соодветно вклопена во образовниот систем и според одредбите во Законот за високо образование во Република Македонија. Светиклиментовиот универзитет во Охрид треба да биде и место каде што ќе се собираат квалитетни научни работници, уметници и други кадри од земјата и од странство, место за сите млади подготвени за динамично, сеопфатно и квалитетно образование.
Кај постојните универзитети се става акцент на теоретската настава со недоволна примена на праксата, односно практичната работа на факултетите е многу слабо застапена или, пак, на некои воопшто и ја нема поради разни причини, некаде поради лошата опременост на факултетите, а некаде поради немањето професионален кадар.
Отворањето на Светиклиментовиот универзитет, кој ќе биде прв универзитет за практична (клиничка) настава во високото образование во Република Македонија, ќе донесе прогрес во македонското високо образование. За квалитетно високо образование е потребно материјата да се предава со современи наставни методи, кои вклучуваат и практична (клиничка) настава, што ќе поттикнат и ќе овозможат самостојно истражување од страна на студентите, односно ќе овозможат критичко размислување. Ваквиот концепт на високо образование на Светиклиментовиот универзитет ќе придонесе Охрид покрај духовен да стане и универзитетски центар што ќе ги обединува современата наука и научните достигнувања приспособени за обука на студентите, кои по завршување на високото образование ќе имаат покрај теоретското знаење и практични вештини, што ќе им овозможи компетентност и конкурентност на пазарот на трудот.
Универзитетот, низ менторскиот систем на работа и клиничкиот научно-наставен систем на работа со студентите, ќе биде мошне интересен за идните генерации, кои во уникатниот поврзан образовно-научен систем ќе препознаат современа иновативна мултидисциплинарна научноистражувачка дејност за стекнување квалитетно образование и знаење. Тука, како своевремено во Светиклиментовата школа, низ организиран систем на научно-наставниот процес заедно ќе работат професорите и студентите, ќе се создава образовен процес во сите нивоа на академското образование и ќе се креираат новиот развој и напредок на македонското општество. Тие нови генерации како високоедуцирани професионални кадри ќе бидат способни да ги задоволат современите потреби на пазарот на трудот за квалитетни високо образовани кадри оспособени да ги задоволат потребите во сферата на општествениот и приватниот бизнис-сектор…
…Генералната идеја за возобновување и отворање на Светиклиментовиот универзитет се темели на трансформирање и соодветно структурирање на постојниот државен Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, трансформирање на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид во Факултет за економски науки со студиска програма за туризам и угостителство или и Факултетот за туризам и угостителство со припојување на Одделението за економски науки од Струга, како и припојување на Факултетот за правни науки од Кичево и Одделението во Струга, што природно припаѓа на овој универзитет. Кон новиот универзитет е планирано да се приклучат и Институтот за филм – филмска академија, како и Хидробиолошкиот институт од Охрид, и да се акредитираат нови студиски програми значајни за натамошен развој на нашето општество.
Постоењето на Светиклиментовиот универзитет е во духот на идејата на Свети Климент Охридски, за кој се вели дека никој никогаш не го видел да се одмора, туку напротив – постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката при пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие. Тој знаел, а и другите постојано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло. Особено настојувал да ја искорени мрзливоста, да ги навикне луѓето на работа, да ги скроти и спитоми жестоките срца, да ги приведе кон покајание и да ги исполни со вистинско знаење за Бога и за блажениот живот на праведниците во царството небесно. Неговиот труд не останал без плод: неговите ученици напредувале и во знаење и во добродетелен живот. Неговата слава сѐ повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал надалеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Тогаш ги зголемил уште повеќе своите грижи и трудови за доброто и душевното спасение на своите духовни чеда. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините што ги учел…
Ѓорѓи Илиевски
(Продолжува утре)