За иницијативата на координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области во врска со возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид
Во наредните три броја ќе ги пренесеме ставовите на Ѓорѓи Илиевски, наш колумнист, виш просветен инспектор во пензија, во врска со иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, иницирана од предлагачите
и од координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области, а потоа развиена во елаборат подготвен во согласност со законски поставените нормативи и стандарди
По добивањето иницијатива за Светиклиментовиот универзитет во Охрид од предлагачите и од координативното тело составено од охридски универзитетски професори од повеќе научни области и со нејзино развивање во елаборат подготвен во согласност со законски поставените нормативи и стандарди и водење на сите идни постапки што ќе доведат до операционализација на оваа идеја, решив да го дадам својот придонес. Иницијативата, како што е наведено, е поддржана од повеќе интелектуалци, како и од градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а е со цел возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, од кој уште во деветтиот век произлегле над 3.500 ученици – идни учители што продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија, а исто така низ сите словенски земји ги ширеле словенската писменост и наука.
Кон оваа иницијатива лично и целосно се придружувам за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, затоа што иницијативата е реална и остварлива и нема некои финансиски импликации.
Охрид е нашиот христијански Ерусалим на Балканот
Затоа:
Визијата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет се темели на реафирмирање на Светиклиментовиот дух како просветител, но и на современото високо образование. Од една страна, на поттикот и желбата да му се оддаде должно признание на Свети Климент Охридски, односно реафирмирање на неговото дело и традиционалните универзални Светиклиментови морални и духовни вредности, како еден од најголемите словенски просветители и епископи, и на градење концепт на модерно квалитетно и инклузивно високо образование, од друга страна.
Свети Климент како духовен водач и просветител треба и мора да стане повеќе, да биде позначаен за градот Охрид. Преку возобновување на Светиклиментовиот универзитет да му покажеме на светот дека на овие простори функционирала просветна и културна институција што е позната како најстар универзитет во Европа и пошироко, она со што сите ние ќе се гордееме, не само Охрид, туку цела Македонија. Охрид, Ерусалим на Балканот, жариште на историјата и културата со Светиклиментовиот универзитет ќе добие нов културолошки сјај и ќе стане меѓународно познат универзитетски центар.
Со идејата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид ќе ги покажеме и нашата должна почит и слава кон делото на светителот и чудотворец охридски, Свети Климент, првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа – најстарата средновековна македонска книжевна школа формирана во 886 година, како прв Словенски универзитет и најстар универзитет во Европа.
Од Охридскиот универзитет произлегле над 3.500 ученици – идни учители што продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија, а исто така низ сите словенски земји ги ширеле словенската писменост и наука. Свети Климент Охридски бил едноставен и близок со луѓето, морален и духовен човек и благодарение на неговата работа црквата станала чувар на верата, но и на националниот идентитет на народот. Ги насочувал учениците да напредуваат во знаење и во добродетелство, низ силата на животната неуморност и самопрегор да се стремат кон постојано учење и осознавање.
Свети Климент напишал околу 50 дела, од кои само на 15 се потпишал. Сите дела ги оставил во манастирот „Свети Пантелејмон“ (на Плаошник) што го изградил тој, во Охрид. Освен што пишувал поучни и пофални слова со стил близок на народните маси, се занимавал и со преведувачка дејност.
Светиклиментовите морални и духовни вредности се темелите врз кои се базира нашата иницијатива за возобновување на Светиклиментовиот универзитет со перманентна тенденција за имплементирање на современите цивилизациски достигнувања во просторот и времето во кое живееме. Иницијативата ќе биде насочена кон градење перспективи што ги задоволуваат примарните научни и образовни процеси и други потреби на студентите во подготовката за врвно и професионално успешно вклучување во пошироката општествена заедница.
Делото на Свети Климент Охридски е вонвременско, универзално по својата големина и значење и ќе биде привилегија преку возобновениот Светиклиментов универзитет во Охрид да ги следиме неговиот пример и делото што го создал во многу поинакво и потешко време од денес. Постулатите на возобновениот Светиклиментов универзитет како модерен мултидисциплинарен високообразовен наставно-научен центар се стремеж кон создавање нова слика за високото образование во Република Македонија, блиска до најпрестижните европски и светски универзитети за применливо знаење, како и преточување на Светиклиментовите вредности во нови современи визии за новите науки и технологии, во визии за развој на иднината на македонската и светската научна мисла. Така ќе им оддадеме најголема почит на величините како Свети Климент Охридски, но ќе оставиме и вредности за идните поколенија, кои ќе треба да продолжат по тој пат, дека образованието е единствениот и вистински пат до успех во животот. Славењето и продолжувањето на традицијата на Светиклиментовото просветително дело во Охрид ќе значи и славење и на сите наши знајни и незнајни учители во сите епохи.
Возобновувањето ќе оди преку интегрирање
Возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет ќе се постигне преку интегрирање на постојните универзитети, факултети и научни институти на подрачјето на Охрид и градовите што имаат природна врска, Кичево, Струга и Дебар. Новиот универзитет ќе се основа со припојување на постојниот државен Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, со трансформирање на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид со припојување на Одделението за економски науки од Струга, со припојување на Факултетот за правни науки од Кичево и Одделението во Струга што природно припаѓа на овој универзитет, како и со припојување на Институтот за филм – Филмска академија и Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Досегашното работење на спомнатите високообразовни институции се покажа несоодветно во новонастанатите услови, поради што опаѓа интересот за студирање, што, пак, предизвика сериозни штети и ретроградни процеси во Република Македонија. Имено, денес е повеќе од очигледно дека постоењето на квалитетно високо образование е неопходен услов за одржлив развој на современото општество, затоа што го одредува квалитетот на човечките ресурси во земјата.
Ѓорѓи Илиевски
(Продолжува утре)