Депресијата може да сигнализира хронична болка години пред таа да започне

Популацијата на средна возраст и постарите лица што доживуваат болка имаат поголема веројатност да доживеат влошување на симптомите на депресија до осум години пред почетокот на болката, е најважниот наод во новата студија на истражувачите на УЦЛ (Универзитетски колеџ во Лондон). Студијата, објавена во списанието „еКлиникалМедисин“, во мај 2025, сугерира дека кај оваа возрасна група, третманот за депресија може да помогне во спречување или намалување на подоцнежните болки.
Да се потсетиме дека депресијата е честа состојба на менталното здравје, која се карактеризира со постојани чувства на тага, губење интерес за разни вообичаени активности, како и промени во начинот на размислување, спиење, јадење и однесување. Може да се јави кај секого и може да се лекува преку психотерапија, со лекови или комбинација од двете. Сепак, факт е дека популацијата што наполнила или е над 65 години многу почесто страда од депресија.
Хроничната болка, од друга страна, е болка што трае или се повторува подолго од три месеци. Позната е и како постепена болка со чувство на печење, електрична болка, пулсирачка болка или мачнина. Овој вид болка е спротивна на акутната болка, која е поврзана со одредена органска причина што може да се ублажи со лекување на причината и се намалува или престанува кога причината ќе се открие. Хроничната болка, од друга страна, може да трае со години. Постојаната болка всушност нема никаква медицински корисна цел, зашто не упатува на одредено физичко нарушување.
Студијата за која станува збор ги објаснува поврзаноста на овие две чести појави кај возрасната популација. Во студијата се користеле податоци што опфаќаат цели 21 година од Англиската лонгитудинална студија за стареење (ЕЛСА), во која национално репрезентативен примерок од популацијата во Англија одговарал на широк спектар прашања на секои две години.
Имено, потврдено е дека хроничната болка најмногу е поврзана со лоша психосоцијална благосостојба. Во тој контекст се покажало дека осаменоста, социјалната изолација и депресивните симптоми се развиваат многу време пред почетокот на болката или веднаш по почетокот на болката. Затоа студијата ги испитала траекториите на овие моменти во животот пред и по почетокот на болката.
Осаменоста и депресивните симптоми прогресивно се зголемувале во интензитет неколку години пред почетокот на болката. Затоа е потребен холистички пристап кон болката, кој вклучува рани психосоцијални интервенции и целни стратегии, особено за ранливите популации.

Имено, возрасните на средна возраст и постарите лица што доживуваат хронична болка често покажуваат влошување на симптомите на депресија дури до осум години пред почетокот на болката. Студијата од голем обем објавена неодамна покажа дека депресивните симптоми и осаменоста се зголемиле долго време пред почетокот на болката, што укажува дека менталното здравје може да игра причинска улога во подоцнежната физичка непријатност.
Спротивно на тоа, возрасните што биле без болка покажале релативно стабилна емоционална благосостојба во истиот период. Овие наоди ја истакнуваат важноста на раното испитување на менталното здравје и давањето социјална поддршка за потенцијално спречување или одложување на хроничната болка, особено кај ранливите популации, кои најчесто се со помалку ресурси.
Така, осаменоста и депресивните симптоми биле потешки кај групата со болка многу време пред почетокот на болката отколку кај групата без болка. За осаменоста, оваа разлика постојано се зголемувала во текот на периодот на студијата
За депресивните симптоми, разликата нагло се зголемила при почетокот на болката и потоа останала стабилна. Разликите во депресивните симптоми биле најизразени кај помалку образованите и помалку богатите учесници.
Во групата со болка, тие откриле дека депресивните симптоми брзо се влошиле во осумте години пред болката, достигнале врв на почетокот на болката и останале високи во годините потоа, додека во групата без болка, депресивните симптоми биле помалку сериозни, помалку распространети и релативно константни.
Исто така постоел сличен тренд за осаменоста, која се зголемила и во годините пред и по почетокот на болката, но останала ниска и релативно константна за оние во групата без болка.

Истражувачите понатаму испитувале дали постои врска меѓу социјалната изолација и искуствата со болка, но, за разлика од осаменоста, пронашле мала разлика во социјалната изолација меѓу групите со болка и оние без болка.
Иако причината за болката не била идентификувана, повеќето учесници рекле дека имале болки во грбот, коленото, колкот или во стапалото. Поточно, три четвртини од учесниците во студијата во групата со болка пријавиле болка во грбот, коленото, колкот или во стапалото. Од преостанатите, 1,9 отсто пријавиле болка низ целото тело, 0,5 отсто пријавиле болка во устата или забот, а 20,7 отсто пријавиле болка на други места.
Факторите како што се депресијата и осаменоста можат да придонесат за болка преку неколку механизми. Со предизвикување стрес, тие можат да го зголемат воспалението, што може да доведе до болка.
Тие исто така можат да ја зголемат чувствителноста за болка со промена на имунолошките одговори и со дисрегулирање на нашиот автономен нервен систем, мрежата нерви што ги контролираат несвесните процеси како што е одговорот „бегство или борба“.
Овие наоди ја истакнуваат важноста на пристапувањето кон болката не само од биолошка перспектива. Интервенциите за ментално здравје исто така може да бидат важни.
Во тој контекст како клучни факти од оваа студија би биле:
Постои долгорочна врска: Депресијата и осаменоста се влошиле години пред да започне болката кај возрасни над 50 години.
Нееднакво влијание на економската состојба и образованието: Трендот бил најсилен кај луѓето со пониски приходи и ниско ниво на образование.
Потенцијали за превенција би биле: Раните интервенции за ментално здравје и социјални интервенции би можеле да ја намалат или да ја одложат болката.