„Секоја нација, како и секоја домаќинка, си ги полни пиперките на свој начин – и сите се во право“ Марта Кос
Македонскиот идентитет меѓу пештерата на Платон и полнетите пиперки на Марта Кос
Во прочуената алегорија на Платон луѓето се прикажани како затвореници во пештера, гледаат само сенки на предметите зад нив, уверени дека тие сенки се реалниот свет. Вистината, според Платон, се наоѓа надвор – но само ретките се подготвени да излезат и да го видат – како што мојата почитувана професорка Вера Георгиева инсистираше да го нарече – сетилно достапниот свет.
Во оваа метафора лесно е да го препознаеме македонското искуство. Нашиот идентитет долго време е набљудуван, толкуван и оспоруван однадвор – ние гледаме сенки фрлени од туѓи проекции: дали сме доволно „антички“, дали сме доволно „словенски“, дали сме „од 45-та“?
Наместо да бидеме субјекти на сопственото постоење, честопати сме објекти на нечија геополитичка потреба.
Македонецот, ако го замислиме во таа пештера, е оној што цели децении го гледа сопствениот одраз преку туѓи очи – балканскиот другар, европскиот бирократ, бугарскиот историчар, грчкиот политичар. Секој од нив фрла сенка врз нашиот идентитет, обликувајќи ја перцепцијата за тоа кои сме. А ние? Ние често остануваме приковани во пештерата, неспремни или уморни да се бориме за сопствената светлина.
Политичкиот шпорет и нашите пиперки
Во еден несекојдневен, но исклучително прониклив цитат (овој погоре е карикирање на нејзината изјава), словенечката новинарка и политичарка Марта Кос го споредува идентитетот со (меѓу другото) полнетите пиперки.
Токму во оваа едноставност се крие суштината на современата борба за идентитет – тоа е прашање на културен вкус, семејна традиција, локален контекст. Идентитетот не е универзален шаблон што го втиснува Брисел или некоја комисија од соседството – тој е жива, органска работа. Како што нема еден рецепт за полнети пиперки, така нема ни еден начин да се биде Македонец.
Но, што се случува кога некој ќе ти рече дека не смееш веќе да ги викаш пиперките „македонски“? Или кога ќе ти понуди нов рецепт, условен со ветување за влез во клуб што постојано ги менува правилата?
Идентитетот не (треба да) е преговарачка точка
Македонија излезе од пештерата на Платон и влезе во лавиринтот на условувања. Името, јазикот, историјата, историските личности станаа предмет на дипломатски пазари. На моменти изгледа како да ни се нуди идентитет по нарачка, „европски“, „толерантен“, „регионално прифатлив“, но во суштина тој идентитет не е наш.
Идентитетот, сепак, не е документ што се менува со анекс. Тој е чувство. Тој е мајчиниот јазик што се зборува без „суптитли“. Тоа е вкусот на гравот со запршка, мирисот на липите во јуни, тагата во народната песна, инаетот пред неправдата. За тоа другарката на Самоел „вашата земја“ Жбогар, дотичната Кос е во право.
Да се напушти пештерата, но што потоа?
Пештерата на Платон не завршува со бегството. Најтешкиот дел доаѓа кога тој што ја видел вистината треба да се врати назад и да ги убеди другите дека светлината постои.
Оспорувањето на идентитетот на Македонија не е ништо друго туку обид повторно да нè врати во пештерата – да прифатиме дека сме сенка на нешто друго, нечија историја, нечија култура, нечија интерпретација. А нашето бегство од пештерата не е завршено – тоа е процес, со болки, компромиси и мали победи. Да се биде Македонец денес значи да се инсистира на сопствениот вкус на полнети пиперки, дури и кога ќе ти понудат „рецепт“ однадвор.
Затоа, треба да бидеме храбри – не само да ја напуштиме пештерата туку и да ги научиме другите дека вистината не е една и дека сенките не се доволни. Треба да престанеме да се оправдуваме за тоа кои сме и да почнеме да готвиме свои пиперки, по свој рецепт. Не за да убедиме некого, туку за да се потсетиме себеси.
Во македонскиот контекст тоа значи храбро да го браниме правото на различност, на свое име, свое толкување, свој јазик, без потреба постојано да се оправдуваме. Да не дозволиме повторно да нè вовлечат во темнината на туѓи дефиниции. Да инсистираме дека нашиот рецепт за полнети пиперки е валиден – не затоа што е најдобар, туку затоа што е наш.
Европа и вкусот на различноста
Сведување на идентитетот само на кулинарски традиции, манастири и народни носии, без институционална и политичка гаранција за нацијата како субјект, значи симболичното да се става над суштинското.
Европската Унија ја почитува различноста на хартија, но еднаквоста не значи да се откажеш од разликата, туку да ја зацврстиш. Не можеме да бидеме еднакви со другите ако нашето име, јазик или историски наративи се предмет на условувања.
Да, Европа нуди рамка за зачувување на различностите, но автентичен национален идентитет бара признание, не само толеранција. Не е доволно „да се чувствуваме како Македонци“ ако немаме право официјално, правно и меѓународно да се именуваме и да се застапуваме како такви.
Ако Европа сака да биде вистинска заедница, мора да научи дека единството не се постигнува преку избришани разлики, туку преку нивно вреднување. Како што на една европска трпеза може да седат Французин со багет, Италијанец со пица и Грк со мусака – така може и Македонецот да дојде со неговите полнети пиперки и тавче-гравче.
И тоа не како „балкански придонес“, туку како полноправен глас во хорот на европските народи. Европа треба да нè прифати како различни, но рамноправни.
Тони Димитров
Авторот е директор на Културно -информативниот центар (КИЦ)