Европската Унија молчешкум дава согласност за прекршување на слободите

Европската Унија е соучесник, затоа што молчењето е одобрување. Досега Брисел не се спротивстави на прекршувањето на човековите и малцинските права. Со други зборови, Европската Унија преку молчењето даде согласност за прекршување на слободите, таа досега можеше повеќепати да се спротивстави, но остана нема и глува

Архитектите на денешната Европска Унија, како што е Роберт Шуман или Жан Моне, честопати говореа за нејзините основни идеали, како што се мирот, солидарноста, демократијата или човековото достоинство. Оттука, суштинските столбови на ЕУ треба да бидат мирот, помирувањето, солидарноста, демократијата, заштитата на послабите региони, човековите права, владеењето на правото и сѐ така до бесконечност. Не случајно Шуман нагласуваше дека обединета Европа мора да се потпира на „заедница на морални вредности“, заснована на меѓусебна доверба и почитување на човековото достоинство, или Конрад Аденауер, кој европското обединување го поврза со помирувањето и слободата, велејќи дела „Европа мора да стане заедница на право и слобода, без простор за потиснување на поединецот“.
Доколку внимателно ги проследиме нештата, не треба да се зачудуваме што почетоците на Европската Унија беа слободарски. Тоа се потврдува и од заложбите на Алтијеро Спинели, кој останува запаметен како политички теоретичар и еден од основачите на Европската Унија. Тој во својот нацрт-договор од 1984 година за основање на Европската Унија, познат и како планот на Спинели, ги поставил човековите права во срцевината на секое идно европско политичко уредување. Во преамбулата на својот нацрт-договор, Спинели тврдел дека „народите на Европа, свесни за своето заедничко наследство и за своите одговорности кон идните генерации, решени да промовираат во рамките на заедницата сè поблиска унија заснована на слобода, демократија и почитување на човековите права… ги прогласуваат како основни цели на Унијата заштитата на индивидуалните слободи и човековото достоинство“. Во членот I-2, нацрт-договорот експлицитно ја задолжува ЕУ да „обезбеди почитување и развој на човековите права“, со што заштитата на слободата станува не само водечки принцип туку и обврзувачка обврска за институциите на ЕУ.
Но каде е денес Европската Унија во областа на почитувањето на човековите права и слободи? Една посуштинска анализа може да нѐ доведе до заклучокот дека состојбата е апсурдна! Од една страна, Брисел и неговата бирократија бараат промена на македонскиот Устав и навлегува во идентитетски прашања, а од друга страна ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани. Врз основа на логично расудување можеме да установиме дека ЕУ не знае во кој правец се движи, со други зборови – од еден слободарски проект се претвори во монструм.
Нештата не треба да се хипергенерализираат, затоа што нагласеното обопштување ја искривува реалноста. Но не можеме да го избегнеме фактот дека Република Грција и Република Бугарија само формалноправно се залагаат за почитување на човековите и малцинските права, но двете членки на ЕУ немаат потпишано или ратификувано неколку инструменти што се насочени кон подобрување на првата на националните или јазичните малцинства. За Атина и Софија особено се проблематични Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства од 1995 година и Европската повелба на Советот на Европа за регионални или малцински јазици од 1992 година, поради што никогаш правно не станаа обврзувачки кај нашите соседи.

Само замислете, уставите на Република Грција и Република Бугарија не признаваат национални малцинства. Грција ги третира своите граѓани како религиозни заедници, а Бугарија говори за „граѓани од различна етничка припадност“, но ја избегнува формалноправната категорија „национално малцинство“. Ратификувањето на споменатата Рамковна конвенција или Европската повелба за малцинските јазици би ги обврзало да ги изменат сопствените устави и домашното законодавство. Со други зборови, Атина и Софија ќе бидат обврзани да дадат колективни права, како што се образованието на мајчин јазик или културна автономија, кои во моментов немаат правна основа. Нашите соседи имаат одредена параноја околу припадниците на македонскиот народ што живеат надвор од границите на македонската држава, оттука непотпишувањето и нератификувањето на споменатите меѓународни акти се должат во голема мера на македонските малцинства. Двете конвенции носат обврски за следење, известување и имплементација (јазик во образованието, двојазичност во јавниот сектор, консултативни малцински совети).
Но непотпишувањето или ратификувањето на споменатите меѓународни акти не треба да нѐ зачудуваат. Досегашното политичко битисување потврдува дека Атина и Софија постојано ги прекршуваат човековите и малцинските права. За потсетување, во периодот 1984–1989 година Бугарија ги принуди етничките Турци да ги променат своите имиња, ја забрани јавната употреба на турскиот јазик и ги забрани религиозните и културните практики. Масовните турски протести во 1989 година беа пречекани со полициско насилство, а над 300.000 етнички Турци во Бугарија избегаа или беа протерани во Турција до крајот на годината. Тука секако треба да се спомене и прогонот на етничките Македонци. Бугарските судови постојано одбиваа регистрација на македонски културни или политички здруженија, блокираа петиции и конфискуваа пасоши на познати активисти. Државните безбедносни служби ги заплашуваа македонските организатори, а јавното изразување на македонскиот идентитет беше потиснато како „антидржавна“ активност.
Слична е состојбата и кај нашиот јужен сосед. Единаесет баратели на азил се удавија кај островот Фармакониси во 2014 година откако пресретнувањето од страна на крајбрежната стража тргна наопаку. Европскиот суд за човекови права ја осуди Грција за прекршување на правото на живот (членот 2) и забраната за нечовечки третман (членот 3), истакнувајќи ги неуспесите и во употребата на сила и во последователната истрага. Од друга страна, Врховниот административен суд на Грција го забрани формалното регистрирање на политичка група што ги претставува етничките Турци во Западна Тракија, а Амнести интернешнл нотираше дека некои баратели на азил во Грција се соочиле со тепање, одбивање на процедурите за азил и притвор во бедни услови, нешто што во суштина е прекршување на нормите за непротерување и хуман третман.

Што се однесува пак до Македонците, и малите деца веќе се запознаени со фактот дека нивните колективни политички и културни права остануваат во голема мера непризнаени, што доведува до системски бариери во граѓанското учество, образованието и културното изразување. Истовремено, секое тврдење за македонски идентитет се соочува со негирање од страна на државата и понекогаш со правни мерки. Не случајно грчките судови забранија основање македонско-културни здруженија и гонеа поединци за објавување или предавање на македонски јазик. Исто така не смее да се заборави дека грчките власти рутински ги пресретнуваат или казнуваат едукаторите и активистите што предаваат на македонски јазик или организираат културни настани, а неколку релевантни извори потврдија дека македонските активистите се под надзор на
безбедносните сили, со што се создава клима на страв и се обесхрабрува отвореното изјаснување на македонскиот етнички идентитет.
Во сето ова Европската Унија е соучесник, затоа што молчењето е одобрување. Досега Брисел не се спротивстави на прекршувањето на човековите и малцинските права. Со други зборови, Европската Унија преку молчењето даде согласност за прекршување на слободите, таа досега можеше повеќепати да се спротивстави, но остана нема и глува. Време е Брисел и неговата бирократија да изразат противење на овие политики, доколку не се согласуваат, да го кажат својот став, наместо да бараат промена на македонскиот Устав или да покажуваат разбирање за бугарските апсурдни уцени.