Лесно е без вујко владика, тешко без партија

На Запад ништо ново. Продолжува градењето нови династии.
Никого во светот не го зачудува ниту го потресува тоа што претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека неговата снаа, Лара Трамп, ќе биде „прв избор“ да го замени Том Тилис како сенатор од Северна Каролина. Нема коментари дека станува збор за непотизам, термин што ги објаснува блиските врски меѓу владетелот, роднините и пријателите.
Не трeба да се оди далеку во американската историја за да се припомнат таквите фамилијарни случаи. Кога во раните шеесетти години од минатиот век, Џон Фицџералд Кенеди беше претседател, неговите браќа беа министри и сенатори. Еден од неговите внуци е министер за здравство и во сегашниот состав на Трамп. „Династијата“ на Бушови се протега на двајца претседатели на државата (таткото Џорџ Сениор и синот Џорџ Буш Јуниор) и на еден гувернер, кој не стана кандидат за претседател иако имаше такви амбиции. Бил Клинтон, поранешниот претседател на САД, направи сѐ неговата сопруга Хилари да ја добие функцијата министер за надворешни работи, а беше и првата жена што беше кандидат и учествуваше во трката за избор на претседател на државата. Загуби од Трамп на изборите во 2016 година.
Исто е и на Исток, во арапските земји и Азија, каде што династии владеат со векови. Во Индија долги, долги години главниот збор, кога на власт кога во опозиција, го имаше семејството Ганди. Да не зборуваме за комунистичките „династии“ во Кина, во времето на Мао Ѕедунг и сега во Северна Кореја каде што владеат три фамилијарни генерации. Да ги земеме за пример поранешните советски републики (Азербејџан, Узбекистан, Туркменистан) сега независни држави, кои по структурата на власта стануваат нови „царства“ каде што покрај доживотните лидери, владеат нивните жени, ќерки, зетовци и роднини. Посебен пример е Чеченија каде што сѐ уште малолетниот син го наследува таткото.
Во Европа ретко се среќаваат такви случаи, освен на Балканот. Во времето на Тодор Живков во Бугарија неговата ќерка беше министерка за култура, а зетот претседател на бугарскиот Олимписки комитет. Во соседна Грција, по падот на кралот Константин, веќе седумдесетина години се менуваат на власт неколку колена на најмоќните фамилии: Караманлис, Папандреу и Мицотакис. Татковците, синовите, внуците и внуките ги менуваа фотелјите на претседател на државата, на премиер, министри на повеќе ресори, градоначалници. Синот на поранешниот премиер Константин Мицотакис е сегашен грчки премиер, ќерката Дора Бакојани беше министерка за надворешни работи, нејзиниот син до скоро беше градоначалник на Атина.
За разлика од тие земји, демократски, диктаторски или ројалистички, непотизмот, заедно со корупцијата, е старо-нова болка на сите држави што се осамостоија од поранешна Југославија, од Триглав до Гевгелија. Непотизмот и корупцијата, која се раѓа од него, имаат однос на брат и сестра. И таму, како и во Македонија, освен во политичките партии и во парламентарно-владините кабинети, непотизмот е најзастапен на универзитетите, во здравството, судството и во други значајни области, сѐ до спортот и шоу-бизнисот.

Не случајно се измислени поговорките „ако имаш вујко владика ќе станеш поп“ и една од понов датум, која гласи „не е битно што знаеш, битно е кого го знаеш“. Денес, овде кај нас, не мора да имаш вујко владика за да станеш нешто. Денес партијата ја има улогата на вујко, на татко, мајка, брат, сестра. Лесно е без поп, тешко без членство во партија. Партијата човека го храни, го вработува, го збогатува. Тешко онему што нема партиски врски, што не знае кого треба да го знае. За што било, за каде било, за мака и од мака најмногу.
Политичкиот и финансискиот непотизам во Македонија сѐ повеќе се преобразува во чисто партиски, не е лесно видлив, тој е подзаскриен, не добил третман на недемократска појава. На негово место се роди нов вид непотизам – непотизмот во тендерите и во крадењето на државните пари. До нив доаѓаат само најблиските до оние што се на власт или до врвот на партијата, која било, од која било ориентација, национална припадност и религија. Тука нема разлика, леви, десни, македонски, албански. Сложно се фаќаат на оро браќа, сестри, зетовци, снаи, балдаски, братучеди до трето колено. И така редум, да не чуе ѓаволот. Македонија е првата држава во која не мора да имаш образование, не мора да го знаеш јазикот на државата, не мора да знаеш каде ти е канцеларијата, ама мора да имаш „државна“ работа и да примаш плата од државниот буџет. Дури и не мора да одиш на работа, а мора да примаш плата, ако имаш вујко, чичко, татко или брат што поминале неколку дена во шума. Така беше, прашање е дали е сега поинаку.
Но да не се потресуваме и да не веруваме во заблуди. Непотизмот ниту е од сега, ниту е комунистичка измислица, ниту е остаток или последица од стариот еднопартиски систем. Ако сe погледнат дефиницијата и историјатот, ќе се види дека влече корени уште од средниот век, поврзан со состојбите во Католичката црква. Поточно, од 12 век кога католичките папи почнале да им даваат на своите внуци видни места во хиерархијата, како и многу други привилегии. Не е непознато дека некои од тие „внуци“ биле прикриени вистински синови на папи или кардинали, кои успевале тајно да го прекршуваат заветот на чесност и неженство.

И самиот поим – непотизам произлегува од латинскиот збор – непос, непотис- што значи внук или потомок, директен или индиректен наследник. Тој е поврзан со настојувањата на папите да им ги делат честа, функциите и имотите на членови на своите фамилии, а со тоа да ги зајакнат личните позиции во борбата со противниците за превласт во Рим. Во 15 и 16 век непотизмот израснал во систем, тоа било премолчено прифатена владејачка доктрина во црквата, па некои папи на своите внуци им давале да управуваат цели покраини и кнежевства или да ја водат државната политика на Ватикан.

[email protected]