Хеленоманија

Преспа 2018: Анатомија на едно злосторство (3)

Поимот хеленоманија за ова поглавје, драг читателу, го позајмив од книгата на Мартин Бернал „Црна Атена“, преведена и на македонски („Табернакул“ ‒ Скопје 2009). Како што се гледа, тој има нагласена психолошка нијанса со она манија, амалгамизиран суфикс со она „хелено“ што се однесува на хеленизмот како израз за старогрчката цивилизација и култура. Тој назив, пак, е par excellence фројдовски како неконтролиран наплив на несвесното во грчката „хеленска“ психа, која на тој начин ја проектира потсвесно својата болна megali idea, за која, како што знаеме, крваво се жртвувани на грчкиот и меѓународниот жртвеник Македонија и Македонците. Тоа жртвување, пак, трае веќе столетие и половина, почнувајќи од Берлин 1878, а потоа со жесток континуален ритам од Букурешт 1913, сè до Преспа 2018, и понатаму.
Прецизно: поимот „хеленоманија“ под кој е заведено едно од поглавјата на книгата на Мартин Бернал par excellence го изнесува на површина не само психолошкиот синдром „манија“ како дефект на Грците туку и на западната европска цивилизација. Цивилизацијата всушност која ги подразбира моќните европски колонијалистички народи и нации што го колонизираат за свој профит, уништувајќи ги домородните култури, светот посебно од Колумбо наваму, за што имаат претходно основа во западното варварство на темпларите и крстоносците, претходници на инквизицијата, кои под претекст дека се свети Христови воини ги опљачкаа Ерусалим и Константинопол, што е всушност почеток на западниот европски планетарен грабеж. Така, драг читателу, но со поимот „хеленоманија“ на Бернал сјајно коинцидира и на иста бранова должина на магнетните струи, дури и поефектен од него во експресионистички стил, дијагностички по однос на западната цивилизација синтагмата „грчка вреќа“ на англискиот романсиер и поет Д.X. Лоренс, автор на славниот еротски роман „Леди Четерли“. Неа тој ја извел како некој вид откровение кога во јанѕа сфатил зошто неговата омилена етрурска култура, претходничка на европскиот експресионизам, стои на маргините на европските енциклопедии во кои некритички доминира до апсолут, до помрачение грчката култура и цивилизација. Неговиот заклучок тука е дека „Европа по инерција трупа сè во грчка вреќа“!
Да. Така. И тоа е, да се послужиме со еден поим од астрофизиката, драг читателу, сингуларитет, црна дупка на западната европска цивилизација во која пропадна, ја снема во Преспа 2018 и Македонија заедно со Македонците и целокупното нивно културно-историско благо. Грците отсекогаш копнееле за Македонија и нејзината историска и цивилизациска слава. Во таа смисла и Анастасија Каракасиду, Гркинка на која Грците ѝ се закануваа со смрт заради нејзиниот праведен поглед кон Македонците и македонската судбина, го цитира Јон Драгунис од неговата книга „Крвта на Maкедонците и хероите“, во која тој вели: „Јас сум еден од последните Грци што гледаат на Македонија со византиски спомени и со надеж дека таа ќе стане грчка“. Да. И тоа е, драг читателу, како што гледаш, чиста грчка екстаза при допирот со името Македонија.

Таа е вглобена силно и кај најекспонираниот во Европа грчки поет Константин Кавафис, кој ја исфрли во оптек парадоксалната хипотеза: „И варварите се решение“, имајќи ја предвид уморната и атрофирана цивилизација на културата. Тоа е адекватно на теоријата на Освалд Шпенглер во неговата книга „Пропаста на Западот“, со таа разлика што тој сепак падот на цивилизацијата не го решава како Кавафис со варварите, туку едноставно спонтано со нејзината цивилизациска и културолошка истрошеност. Да. Ама во актуализацијата на варварите за решение на цивилизацијата, драг читателу, тука во грчката слика на нештата, што и да има на ум Кавафис, страдаат Македонците. Со тоа, со грчкото и со европското гркопатолошко варварство кон Македонците се дојде до финалниот замислен резултат Преспа 2018.
Да. Но тука е пак доблесната Анастасија Каракасиду (која како да има некоја македонска генетска шифра), која во книгата „Полиња од жито, ридови од крв“ го цитира американскиот историчар Јуџин Борза со неговиот категоричен став: „Кога се во прашање Античките Грци, Македонците не биле Грци“. Нешто што не сме го слушнале од ниеден Грк, а кај Европејците ќе се најдат некои што се на магнетна линија со Борза, како што е тоа професорот од Оксфорд Хамонд. А тука, за несреќа на Грците и патолошки гркоманската Европа, е и децидниот став на американските историчари Г.В. Бетфорд и К.А. Робинсон, кој гласи: „Македонија може да се нарече прва држава на народите во Европа“ (G.W. Botsford и C.A. Robinson – Helenic history, New York). А за тоа, пак, за разликата меѓу таа високософистицирана држава, која е прашање дали некогаш jа постигнала модерна Европа, и да не зборуваме и да не ја споредуваме со провинцијализираните градови-полиси на Античка Грција, кои Александар Македонски ги вклопил во македонскиот државен систем. Ги вглобил и во системот на македонската „директна демократија“ во која монархот ја споделува директно власта со народот, нешто што е искривен антички модел на модерната западна либерална демократија. Да. Во походите на Александар Македонски на Исток тој тип на демократија добива апсолутно космополитски карактер како културолошки чин на природното право на сите народи дадено од Создателот. Европа патолошки заслепена од Грција како нејзина културолошка генеза и извор на нејзината демократија никогаш не разбра дека во неа и во времето на нејзиниот најпросветлен атински владетел Перикле цветаше робовладетелството, кое меѓутоа Македонците во нивните походи со Александар го укинаа, сметајќи ги сите луѓе еднакви и со еднакви права пред Создателот. Тоа е резултат на концептот на македонскиот космополитизам, кој впрочем и не можел да постои и да се оствари без отворениот хоризонт на универзалниот хуманизам.

Но станува збор за инвентивната кованка „хеленоманија“ на Бернал во основа синонимна со синтагмата на Д.Х. Лоренс „грчка вреќа“ во која по инерција Европа трупа сè. Таа европска патолошка манија во Европа особено зема замав во 19 век, за време на романтизмот, во кој се будат нациите и народите и ги бараат изворот на својата културолошка генеза и нејзините митови. Европа нив ги бара кај себе, но од културолошки аспект им дава примат на грчките митови, кои како и сè друго доселените од супсахарска Африка Данајци, предците на денешните Грци, како што тврди Херодот, ги позајмувале, што значи присвојувале од Пелазгите, домородното население на овие простори. А тука е и мислењето на Мартин Бернал, кое се надоврзува на него. Тој вели: „Според она што го нарекувам ’антички модел’, грчката цивилизација е резултат на доселувањето на странците во Егејот од југ и од исток…“ Притоа тој, сега во контекст на „грчката вреќа“, го цитира и негроафриканскиот американски филозоф Џорџ. Џ.М. Џејмс со неговата книга со симптоматичен наслов „Украдено наследство“ кога вели: „Грците не се автори на грчката филозофија, туку тоа бил народот на Северна Африка, попознат како Египќани“.
Така. А што да речеме ние Македонците, драг читателу, за „хеленоманијата“ како патолошки цивилизациски синдром на Бернал и „грчката вреќа“ синонимна со неа на Х.Д. Лоренс. Западниот европски романтизам посебно е грцизиран. Посебно кај Германците, кои Хердер на почетокот ги советува својата генеза да ја бараат во нордиската митологија, но потоа и него европатолошката идолатрија го свртела кон Грција како основа на западната цивилизација. Тука, во тој контекст е и грчката екстаза на Вилхелм фон Хумболт, кој ќе рече: „Од Грците земаме нешто што е повеќе од едноставно земено. Нешто што е речиси богообразно“.Тој став за грчката „богообразност“ е силно присутен и во поезијата на германските поети на романтизмот, пред сè кај Хелдерлин и Гете. Присутен е исто така и кај Французите, а посебно и кај англиските романтичари Бајрон, Шели и Ките. Бајрон опиен од европскиот патолошки Едипов грчки комплекс, дури и загинува во Мусолунги, денешна Албанија, борејќи се против Турците за слободата на Грција. Европа воопшто во епохата на романтизмот е поплавена од културолошкиот феномен „грчко чудо“ што го фрла во оптек францускиот енциклопедист Соломон Ренак во неговата прославена историја на светската уметност „Аполо“. Него тој го возвеличува со, според него, грчкото откритие филозофијата на Убавината како врховен естетски идеал, по естетски концепт на силата кај Сумерите и концептот на религиозниот монументализам на Стариот Египет.

Така стојат работите со еврогрчката идолатрија, драг читателу, кон Грција на која по ослободувањето од Турците и нејзиното формирање како нација Европа ѝ го востоличи за да ја раководи принцот Ото Баварски од Германија. Тој, покрај другото, преку својот велеучен советник Јохан Дројзен си постави за цел да ги грцизира Античките Македонци и така еднаш засекогаш да се реши спорното цивилизациско прашање дали Македонците се Грци или не, бидејќи без нив како грчки амалгам историската слава на Грција е енормно скусена. Специјално за таа намена, небаре лукав одисејски Грк, ѝ го сковува Дројзен поимот „хеленизам“, кој како еден вид на културолошка чума го заразува европскиот дух. А тој поим, драг читателу, како што гледаме сега по она што ни се случи во Преспа 2018, е вешто проектиран конструкт за да се затре автентичниот македонски идентитет и истиот тој да се прелее целосно во грчкиот. И тој лукаво подмолен концепт се покажа неверојатно функционален на тој план и на почетокот од ова столетие од третиот милениум на новата ера, кога силно проработи европската машина, новата софистицирана гилотина за ликвидација на Македонците. Гилотината на бриселска ЕУ довлечена од Брисел во Преспа на 18 јуни 2018 година за, според нивниот наум, засекогаш да ја пресече македонската идентитетска глава, и тоа во време кога најсилно свети сонцето и кога цветаат венчалните ружи за македонските љубовници и младоженци, кои во својата прегратка и љубовна постела го подготвуваат да стаса од иднина новото поколение Македонци. Да. И тоа е знак на европскиот садизам кон нас посебно од 1913 наваму, кој трае еве повеќе од едно столетие и сè уште не му се гледа крајот.
Туку сега тука во целиот тој контекст Мартин Бернал, неомилен кај Грците, во неговата книга „Црна Атена“, покрај психопатолошкиот културолошки поим „хеленоманија“, го исфрла во истиот фројдистички контекст во однос на потсвесниот патолошки синдром на западната европска цивилизација на нејзините колонијалистички нации и поимот „ариевизам“. А тоа значи дека европскиот грчки концепт или конструкт е расно дефиниран како еден вид на исклучив и супериорен европски цивилизациски модел на култура, наспроти сите други што не се вклопуваат во него и се некој вид „архаични остатоци“ (Фројд) од некоја полудива варварска култура. Во тој модел или конструкт се вглобени и Македонците и преостанатите јужнословенски народи на кои им е залепен, пак, од Дројзен заткарпатскиот синдром на диви племиња доселени на овие простори. За жал, таа историска теорија што не ја напуштаат кај нас и нашите историчари од суета, заглавени во неа, е пак конструкт на одисејски лукавиот и погрчен Германец Дројзен, а сè со цел денешните Македонци, неизлечивата болка на Грците, да се прикажат како варварски доселеници на својот автентичен домороден простор, на кој всушност се доселиле како Данајци Грците од супсахарска Африка со темен како јаглен тен, а потоа избелени во мешањето со домородното население.

Ете, тоа е вистината, драг читателу, отприлика со грчкиот културолошки ариевизам на кој упатува Мартин Бернал во својата книга „Црна Атена“. И тој, таквиот ариевизам е со западен царски печат запечатен на високо ниво и на европските западни универзитети: Кембриџ, Оксфорд и Сорбона, пред сè. А всушност ако ja погледнеме пошироко темата на ариевизмот, која е во основа расистичка, тука таа нашла плодна почва воопшто во психата на моќните европски колонијалистички нации под кои ние сè уште, барем во однос на овој чумав поим, ja подразбираме Европа. Нејзиниот, пак, ариевизам, кој таа најчесто го крие со завесата на лажната демократија и лажен космополитизам, како надуен болен чир мораше еднаш сериозно да пукне и да истече гнојот од него. И тоа и се случи со фашистичка Германија. Но дали истече гнојот од чирот на тој европски ариевизам и дали конечно со победата над Хитлер е оздравен и исчезнат тој? Важно прашање, драг читателу, на кое сепак одговорот е негативен: не е излечен, а за тоа најдобар показател е идентитетскиот колеж на Македонците во Преспа 2018, сличен на колежот од страна на Ирод на витлеемските деца не би ли го заклал меѓу нив штотуку родениот Богомладенец Христос. Е, тој Ирод сега нам во Македонија ни дојде од бриселска ЕУ.