Наместо промптен одговор на заканите по уставниот поредок и законите, уставните судии често се прогласуваа за ненадлежни, со години чуваа во фиока поднесени иницијативи за оценка на уставноста, едноставно функционираа како испостава на секоја политичка партија на власт. Така, влеговме во една спирала на непочитување и игнорирање на Уставот и законите, првенствено од оние етаблирани во некоја од властите (на пр. извршната), а особено во судската власт. И, замислете, сите тие останаа неказнети. Замислете, избегнувањето на поведението утврдено со Уставот стана правило за да биде неказниво и сите оние што го правеа тоа најумешно беа прогласувани за „махери и експерти на својата професија“?!
Многу работи ѝ се случија на оваа наша Македонија во изминатите 35 години, по кои таа од корен е променета, далеку од онаа држава што прогласи самостојност на 8 септември 1991 година, кога конечно се оствари сонот на македонскиот народ и сите други за сопствена земја.
Но не треба да се заборави дека македонската држава си имаше континуитет и претходно, институционално функционираше и пред сукцесијата од југословенската федерација, со единствена разлика што беше дел од тогашната сложена државна заедница. Без разлика, и тогаш имаше македонска влада (извршен совет), македонско собрание, судство, академија на науки и уметности, македонски универзитет, училишта, телевизија, радио, весници, буквално сѐ што претставува државен атрибут. Тие и такви институции ја градеа македонската државност, која со независноста само продолжи онаму каде што заврши југословенскиот сојуз. Немаше прекин, немаше ново формирање институции, нови беа опструкциите на меѓународната заедница, која очигледно остана затечена од новата состојба на Балканот и реафирмирањето на македонското прашање.
И ден-денес во некој неврзан разговор ќе слушнам констатација од типот „Ех, тоа беше држава!“, носталгично копнеејќи по она што значеше функционални и силни институции.
Тие реминисценции за минатото кај граѓаните се враќаат бидејќи три децении гледаат како се разградува државата по сите основи, се демонтира делче по делче, сето тоа затоа што институциите се претворија во партиски испостави што многу повеќе се грижеа за спроведување на партиските наместо на државните интереси. Тоа ја зголеми разочараноста, но и недовербата на граѓаните кон институциите, кои не одговорија на вистинскиот предизвик, да бидат гарант за градењето силна македонска држава.
Највисоката институција што требаше да го брани уставноправниот поредок во земјава беше Уставниот суд, кој наместо да биде ненадминлива бариера за незаконските процеси, со тактизирање и чување во фиока на претставките и иницијативите им кумуваше на многу процеси со кои се преобликува македонската држава. Наместо промптен одговор на заканите по уставниот поредок и законите, уставните судии често се прогласуваа за ненадлежни, со години чуваа во фиока поднесени иницијативи за оценка на уставноста, едноставно функционираа како испостава на секоја политичка партија на власт. Така, влеговме во една спирала на непочитување и игнорирање на Уставот и законите, првенствено од оние етаблирани во некоја од властите (на пр. извршната), а особено во судската власт. И, замислете, сите тие останаа неказнети. Замислете, избегнувањето на поведението утврдено со Уставот стана правило за да биде неказниво и сите оние што го правеа тоа најумешно беа прогласувани за „махери и експерти на својата професија“?!
Таквиот однос ја доведе Македонија во состојба на беззаконие, секој да прави што сака, да си ги толкува законите како сака, да носи неуставни закони и да го ремоделира карактерот на самата држава, претворајќи го македонскиот народ во заедница без сопствена матична држава, туку како некој затекнат на одредена географска територија.
А сето тоа се случи токму поради непостапувањето сиве овие години на чуварот на уставноправниот поредок, во кој функцијата уставен судија се заслужуваше исклучиво со партиска послушност и исполнителност.
Пред некој ден Уставниот суд поништи одредби од методологијата за пописот што се одржа во 2021 година, со образложение дека не биле во согласност со Уставот. Значи, на Уставниот суд му беа потребни четири години да утврди неуставност во она што целата македонска јавност уште тогаш го гледаше од авион, дека се прави политичка наместо статистичка операција. Лично, како новинар, го следев пописот од почетокот до крајот, при што се консултирав со многу експерти од оваа област. Луѓето во старт ми кажаа дека ова е политички договор меѓу тогашните коалициски партнери во власта, дека е спротивен на препораките на „Евростат“, а целта му е исклучиво да се набилда процентот на албанската заедница во земјава и ништо друго. Тоа беше главната причини зошто Македонија немаше 20 години попис, само затоа што на една заедница не ѝ одговараше прикажувањето на вистинската состојба за тоа колку навистина ги има. И некој смисли соломонско решение, ќе внесеме „резиденти“ и „нерезиденти“ и на крајот ќе си поиграме весела математика и ќе дојдеме до 30 проценти. Ако се развеселеа со математиките, можеби ќе дојдеа и до 50 проценти на сметка на Македонците, кои некој без око да му трепне почна да ги брише, па прекуноќ исчезнаа над 100 илјади, небаре сме во Бугарија во времето на Живков, кога меѓу два пописа мистериозно исчезнаа над 200 илјади Македонци таму.
Ако тогаш Уставниот суд беше на висината на задачата и веднаш се изјаснеше, фаличен попис немаше ни да се одржи.
Пописот е само еден пример за тактичката неажурност на Уставниот суд. Тој пред извесно време реши да се огласи и за спорните одредби од Законот за употреба на јазиците, кои ги оспори и Венецијанската комисија. Но рипнаа истите оние што го фингираа пописот, се заканија со дестабилизации и некако се стиши работата, односно судот се повлече, да бидеме попрецизни. Замислете, дури и некои од уставните судии се ставија во функција на партија, па ја напуштија седницата и се заканија дека нема да учествуваат во работата на судот ако се расправа по тие претставки за јазикот. Нивна работа е да оценуваат уставност на закони, а не да бидат етнички амбасадори во судот. Да се случеше такво нешто во американскиот или кој било друг европски уставен суд, тие судии одамна ќе работеа нешто друго, секако надвор од судството.
Уставниот суд скри во фиока и многу други претставки и иницијативи, и за територијалната поделба, за автентичното толкување за амнестијата со која им се брише вината на многу лица обвинети за воени злосторства, кои и ден-денес се во политиката, за незаконски избраниот собраниски спикер во 2017 година што резултираше со редица закони со кои се промени името на државата, а кои според сета правна логика треба да бидат неуставни и ништовни. Сето тоа Уставниот суд го тргаше настрана и молчеше, па да му текне по пет или десет години да ги извади и да оценува и утврдува уставност. Пост фестум е неважно што ќе каже, бидејќи штетата е веќе направена, а тој Уставен суд не ја завршил својата задача, не го зачувал уставноправниот поредок на земјата. Поентата на постоењето на оваа институција е да ги спречува законите што ѝ прават штета на државата, а не да им угодува на партиите на власт и заедно со нив да тактизира. Да си ја вршеше работата како што треба, Македонија сега немаше да биде со променето име, под закана за идентитетски инженеринг и постојани напади од соседите.
Пред некој ден имаше расправа во МАНУ за македонскиот пат кон ЕУ, при што полскиот амбасадор јасно порача дека прво треба да си ги средиме работите дома. Сами! А прва работа што треба да се среди се институциите, да се департизираат, потоа да се професионализираат и на крајот да се дигитализираат. На тој начин тие ќе станат имуни на партиски притисоци, ќе станат вистински сервис на граѓаните, но истовремено ќе придонесуваат во градењето една силна македонска држава, која ќе биде посакуван европски партнер. Сега треба да почне процес на санирање на штетите. Она што низ годините не го направија Уставниот суд и многу други институции, кои служеа само за ухлебување на послушните партијци, треба да го направи актуелната власт, оваа, но и секоја друга во иднина. Имаше лош попис, време е тоа да се исправи така што ќе се направи електронски попис не заради одмазда кон некого или заради намалување на процентот на некоја заедница, туку вистински да се преброиме колку сме во државата и врз основа на тие бројки да градиме развојни политики. Тоа е важно за сите граѓани, да добијат проекти засновани врз нивните реални потреби, а не парите да одат во ветер. Да се отстранат и фалинките во Законот за употреба на јазиците, повторно, за тој да биде вистински функционален, а не пречка при одредени постапки. Ќе се најде чаре и за неуставната промена на името. Трезвено, во некоја поволна временска рамка работите ќе си дојдат на свое место бидејќи ништо што е накриво насадено не може да фати корен. Сите работи може да се исправат, но треба сплотеност и работа, постојано аргументирање, наоѓање решенија, проактивност на секое можно поле.
За некој ден во Европскиот парламент повторно ќе се гласа за Извештајот за напредокот на Македонија, а тоа е добра можност да се покаже единство, да се стави Европа на тест, дали е доследна на сопствените принципи или ќе се приклони кон она против кое своевремено се бореше. Што и да се случи во ЕП, македонските граѓани не треба да се обременуваат, туку да притискаат во градењето силни институции што ќе бидат гарант дека ништо повеќе во иднина нема да ја загрози оваа држава, нејзиниот народ, идентитет, јазик, историја и култура. Тогаш можеби и ќе почнеме почесто да слушаме: Е, ова е држава!