Алатка за ширење на македонската вистина низ светот: Бела книга за црниот геноцид врз македонскиот народ

Свето Тоевски

Генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза Петре М. Андреевски во октомври 1993 година во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ изјави: „Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. Долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како ‘Новоосвоени територии’“.
Натаму… На 25 јуни 2025 година се навршија 91 година од раѓањето на Андреевски.

Неговата порака за извршениот геноцид, искажана пред 32 години, е вонвременско предупредување за трагичната судбина на македонскиот народ, актуелна и денес, кога најновите случувања во Европскиот парламент околу македонскиот идентитет и јазик се обид да се изврши нов, овој пат духовен и идентитетски геноцид врз македонскиот народ. Токму тоа беа во својата суштина 300-те амандмани на грчките и бугарските амандмани кон предлог-извештајот на Томас Вајц за Македонија во Европскиот парламент, со кои се негира и самото постоење на засебен македонски народ со свој идентитет и јазик. Обидите да се изврши уште еден чин од ваквиот духовен и идентитетски геноцид врз македонскиот народ ќе продолжат и на пленарната седница на Европскиот парламент, закажана за 7 јули 2025 година, кога ќе треба да се расправа за конечното усвојување или неусвојување на конкретниот извештај на Вајц за македонското чекорење „на патот кон ЕУ“.

Денес, во 21 век, му се оспорува правото на еден народ воопшто да постои, слободно да живее и да се развива – ова е истата политика што е поставена со Букурешкиот договор од 1913 година и со сите случувања што произлегоа од него до денешен ден. Двата „добрососедски договора“ – Преспанскиот и Бугарскиот договор – денес се Букурешки договор број два, засновани врз истите цели како и од Букурешкиот договор од 1913 година, за бришење секаква трага од постоењето на македонскиот народ со своето колективно национално паметење, историја, јазик, идентитет и култура.

Како вовед пред „букурешкото“ распарчување на Македонија и нејзината етнојазична територија, на живото ткиво на македонскиот народ, особено од 21 јуни до 6 јули 1913 година, во Егејска Македонија се случија геноцидни масакри и колежи на македонското население во Гевгелија и Сер, Кавала, Кукуш и други градови и села во Егејска Македонија: монструозни убиства на цели семејства, деца, старци и бремени жени. Се случија палежи на цели градови и села, како што пишуваа грчките војници во писма до своите семејства, „по наредба на грчкиот крал“, „за да ја снема гнасната славофонска раса“. Се случи тогаш целосно опожарување на сиот град Кукуш, кој со децении во 19 век претставуваше важен македонистички преродбенски центар и едно од јадрата на отпорот против фанариотската пропаганда на грчките црковни власти кон македонскиот народ. Кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век Кукуш бил голем речиси чист македонски град. Поради својата национална разбуденост, Кукуш бил наречен политичко гнездо. Бил овековечен во песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов. Културно-политичката атмосфера, која била создадена во родното место на Гоце Делчев, благотворно повлијаела врз изградувањето на овој иден организатор на македонското народноослободително движење. Токму поради сево ова, грчката политика и војска до темел го уништија Кукуш, но и како простор за опстојување на кукушкиот дијалект на македонскиот јазик. Кукушкиот дијалект денес повеќе го нема на тој простор и е преселен и зачуван во македонскиот дијалектолошки атлас, благодарение на огромните напори на Коста Пеев. При палењето на Кукуш биле изгорени 1.846 куќи, 612 дуќани и 6 воденици. Во областа биле разурнати и опожарени манастирот „Свети Ѓорѓи“ и 40 други села. Македонското население беше принудено да избега и се расели во поголема мера во Пиринска Македонија. Ете ја геноцидната политика на бришење секаква македонска трага од Егејска Македонија, која, наспроти сѐ, не успеа да се спроведе во целина.

Дел од геноцидот врз македонскиот народ во Балканот се и Дабничкиот колеж на 19 септември 1942 година, кога кај селото Дабница се испозаклани 17 прилепчани и дабничани, потоа Ваташкиот масакр врз 16-те млади момчиња во Ваташа, но и низа други невидени злосторства извршени од бугарските фашистички окупатори врз цивилното македонско население и македонските партизани во Втората светска војна.
Случувањата во Европскиот парламент и усвојувањето на споменатиот предлог-извештај на Вајц во комитетот АФЕТ, со предложеното признавање на македонскиот идентитет и јазик, се важен показател дека барем некои чинители и делови на оваа политичка Европа се свесни за сето она што му се прави денес на македонскиот народ од страна на Бугарија и Грција, штедро потпомогнати од ЕУ. Ова е и еден од првите, можеби сѐ уште скромен показател дека започнува постапно да се менува меѓународната клима во врска со Македонија и Македонците, околу македонското прашање.

Токму поради тоа сметам дека сега веќе е дојдено времето да се подготви, така да ја наречам, „Бела книга за црниот геноцид врз македонскиот народ“, македонско сеопфатно досие за сите геноцидни акти вршени врз македонскиот народ и во периодот на делбата на Македонија во 1913 година, во текот на Втората светска војна, потоа за време на Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година, сѐ до денешен ден. Во подготвувањето на оваа македонска „Бела книга“ нека партиципираат сите оние што ја сакаат вистината. И правдината! Индивидуалната и колективната меморија треба да се запише на едно место, а свој придонес да дадат Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за историја, македонската научна мисла и самата македонска држава, Владата на Република Македонија. Да се има на едно место интегрален и аргументиран приказ за севкупниот физички, духовен, јазичен и идентитетски геноцид врз македонскиот народ од сите што го вршеле во сите периоди и да послужи како политичко-дипломатска алатка за претставување и ширење на македонската вистина низ Европа и светот, за да можат македонските политичари, дипломати, научници и разни други официјални и неофицијални претставници на македонската држава во светот со таа „Бела книга“ да посочуваат во меѓународните форуми и организации, на меѓународните конференции, на геноцидните постапки што се вршени врз Македонците, но кои и натаму продолжуваат да се вршат во духовна, идентитетска и културна смисла.

Во одреден и реалполитички оптимален и добро подготвен меѓународен момент ќе треба и ќе мора македонската „Бела книга“ да се презентира и директно во Организацијата на Обединетите нации, во моментите кога ќе дојде на ред да се поднесе апликација за враќање на уставното име Македонија на македонската држава.
Поведувајќи во најшироката македонска јавност иницијатива за подготвување „Бела книга“ за извршениот геноцид врз македонскиот народ, нагласувам дека воопшто не смее да се сфати дека зад ова се крие намера за некаква, каква било одмазда кон оние што го вршеле геноцидот, ниту за нови бранувања на Балканот. Напротив, целта е само да се укаже на сѐ што се случувало, за да не се заборави, со предупредување никогаш повеќе да не се случи тоа.

А „цивилизираната“ Европа повеќе од сто години молчи и замижува во врска со геноцидот врз македонскиот народ, иако тоа се случува токму пред нејзини очи. Уште повеќе, денешната политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, веќе и учествува во идентитетскиот, духовен и јазичен геноцид врз Македонците, стоејќи на страната на официјална Софија и официјална Атина против Македонија со поддршката за „добрососедските договори“, а сега со барањето за промени на македонскиот устав, во функција на бугаризацијата на Македонија и македонскиот народ.

„Белата книга“ треба да послужи и како основа за помирување на народите на Балканот, ако се признаат сите обиди за уништување и асимилација и другите форми и политики на геноцидот врз Македонците и ако му се стави крај на сето тоа во оваа нова геополитичка ера.

Го започнав овој коментар со Петре М. Андреевски, со тој визионер-книжевен растајнувач на македонската национална судбина. Сакам со него и да го завршам овој текст, потсетувајќи на дел од неговиот „Македонски манифест“ од 2003 година, за да имаме предвид дека е конечно време самите да ѝ ставиме крај на оваа продолжена геноцидна сага на македонскиот народ, преземајќи ја својата судбина во свои раце и порачувајќи му на светот дека ние, ова македонско поколение, нема да дозволиме повеќе да се сотрува нашата трага од лицето на Земјата.

Петре М. Андреевски има порачано во својот „Македонски манифест: „Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо што е наше. Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, кои ги позајмиле од нас. Сите оние што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме. Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме“.