Кон книгата „Името: болка и екстаза“ од Љупчо Коцарев и Ефтим Клетников
Сите вие на кои в рака ќе ви падне книгата „Името: болка и екстаза“ ќе дојдете во пресрет на судбата што не може да се избегне – нужноста да се трае и истрае и покрај сè. Тоа е нашата судба.
Да, името е болка, колективна траума, „идентитетски колеж“, како што ќе рече Клетников, или „идентитетски геноцид“, како што ќе подвлече академик Коцарев, но не очајувајте – та не е тоа саде сега и не саде првпат, а многу веројатно, за жал, нема да биде ни последен пат – а ние сепак сме тука. И нема да исчезнеме, како што ќе каже Клетников, во претпоследниот есеј во книгата, „нема да исчезнеме оти сме соткаени од електроните на воскресението“! И ете сме, ете сме воскреснати по секоја голгота, ете сме живи и вознесени, по секое распетие. Тоа е таа судба кон која и дојдовме во пресрет. Amor fati – на нас мислел Ниче, драги мои, кога порачуваше дека судбината мора да се прегрне!
И ете сме во пресрет на таа судбина, стоиме пред оваа книга – „Името: болка и екстаза“ – како пред свето писание за македонската коб. Двајцата автори, академикот Љупчо Коцарев и Ефтим Клетников, со секој ред, со секоја реченица болуваат за таа „колективна траума“, но не бадијала болката за името воедно ја поврзуваат и со екстаза. Со тој екстатичен извик „Ии-ии-ииих“ од македонските песни и ора, со кој и започнува Клетников во првиот есеј „Македонскиот архетип ии-иии-их“, кој се провејува како лајтмотив низ речиси секој негов есеј. Токму тој звучен архетип е тој екстатичен восклик кој е антиномичен – и болка и радост и очај и надеж – каква што е и нашата, македонската судба. Е во тој извик е нашиот elan vital. Затоа, нема песимизам, ниту кај Клетников ниту кај Коцарев. Има болка, да, како кај секој од нас, но не и песимизам, не и очајување. Оти тој гласовен архетип „и-ииих“ е преобразба на болката во радост. „Архетипот на македонската душа“, ќе каже Клетников, „и во животот и во смртта е свадбарски, празничен“.
Книгата е збирка на есеи, колумни, кои авторите ги објавувале во дневниот печат во изминатиот период, а тематски се поврзани со идентитетскиот геноцид што се врши врз македонскиот народ. Академик Коцарев е застапен со 22 есеи, додека Клетников со 10. Во сите нив, тематската нишка е, како што реков, таа колективна траума на промена на името и идентитетскиот инженеринг под странски диктат.
И затоа оваа книга не е само збирка колумни/есеи, таа е многу повеќе – таа е метафизичка алхемија што ја трансформира македонската траума во светлина и убавина, болката во екстаза, сѐ поткрепено со онаа зачудувачка верба на Достоевски дека убавината е спасителна сила.
Она што е особено важно и што сакам да го потенцирам овде, а за што и самиот сум пишувал, е фактот дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се дел од ист план, иста стратегија. Тоа го констатира академика Коцарев веќе во првиот есеј: „Преспанската спогодба и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија се две димензии на една иста општествена испреплетена реалност однапред осудена на пропаст, па затоа, тие не треба да се разгледуваат и анализираат одвоено. Оттука, или двата документа ќе се величаат, ќе се почитуваат и ќе се имплементираат, што дефинитивно ќе доведе до исчезнување на Македонците, или и двата документа ќе се оспоруваат, ќе се негираат и ќе се раскинат. Нема можност за избор помеѓу нив: или двата или ниеден“.
Така, кој не виде дека до Бугарија нè донесе „Преспа“, ако не е неук, тогаш е крајно злонамерен. Бугарија е само логичен, политички след на Преспанскиот договор. Таа е неговото логично продолжение. Бугарските барања целосно се во рамките на истиот историски и политички наратив, на истиот историски дух што зрачи од „Преспа“. Што значи тоа? Тоа значи дека, со овие два договори, конечно Македонија и македонизмот се редефинираат по терк на соседите и соседните политики и однос кон Македонија присутни одамна. Политики актуелни барем од 1913 година па наваму, а ако ги читате писанијата од оваа книга, дури и од порано. Односно од Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913, кога територијата на Македонија е разделена помеѓу соседните (Србија, Грција, Бугарија).
Со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија ние самите си го оверивме Букурешкиот договор уште еднаш, доброволно. Идејата за македонизмот, таква каква што ја знаеме, се докрајчува со овие договори, се довршува она што почна во Букурешт. Или она што не можеше да се заврши физички, се завршува идејно-политички. Имено, со овие два договора се редефинираат Македонија и македонизмот по терк на соседите. Наједноставно кажано, со двата договора просторно, временски и идентитетски се омеѓува македонизмот. Преспанскиот договор, со фамозниот член 7 ја лишува Македонија од секое право на античкото наследство (временско омеѓување) и од Македонците во егејскиот дел (просторно омеѓување). Откако се изврши оваа „преспанска операција“, на ред се Бугарите да го довршат и идентитетското омеѓување. Бугарската офанзива е само последица на Преспа; всушност, тоа е дел од една заедничка, поширока слика и однос кон Македонија и македонизмот на соседите и светот.
И тоа во неколку наврати го реафирмираат и академик Коцарев и Клетников. И затоа, академик Коцарев многу нагледно го црта решението, во неколку наврати, во неколку од своите есеи; а тоа е: „Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Повторно, двата атрибута на македонството се неделиви еден од друг, две димензии од иста сплотена реалност, па затоа тие не можат да се одвојат. Оттука, негирањето на постоењето на Македонците во Егеј и во Пирин повлекува непостоење на македонските дијалекти, тоа, пак, повлекува непостоење на македонскиот јазик, што значи и непостоење на македонскиот народ и македонскиот идентитет“.
Ете, толку е просто. Не знам кому не му е јасно и особено кому не му беше јасно кога ја потпишуваа Преспа и кога ја договараа Бугарија!?
Или, навистина мислеа и мислат дека тоа е добар пазар, дека направивме добра трговија. Но, не е така, како што маестрално покажува академик Коцарев во еден од неговите можеби најбрилијантни есеи во книгава „ЕУ и идентитетскиот геноцид на Македонците“, каде што преку Фројд покажува што ќе се случи кога цената што ја плативме за целта – членство во ЕУ – ќе се претвори во обичен фетиш! Членството во ЕУ, „тој мрачен предмет на желбата“, е она што сега за сега сѐ уште не држи колку-толку здрави, преку отфрлање и негирање на фактот дека нам ни е извршен геноцид.
Но кога членството нема да дојде, како што нема да дојде, или кога ќе умре хрчакот, кажано метафорично, оној хрчак за кој зборува Славој Жижек во книгата „Во одбрана на изгубените причини“ (2008 г.) кога раскажува приказна за маж што ја доживува смртта на својата сопруга говорејќи, на прв поглед, студено и нечувствително за неговите трауматични последни моменти со неа. Наскоро, неговите пријатели забележуваат дека ваквото однесување е последица на тоа што додека зборува за неговата почината сопруга, тој секогаш во рацете држи хрчак – нејзиното домашно милениче, сега неговиот фетиш – објект што го отелотворува отфрлањето на нејзината смрт. Кога, неколку месеци подоцна, хрчакот умира, човекот психички се распаѓа, што доведува до негова хоспитализација на подолг период. Е, и во нашиот случај, кога ќе се разбудиме и ќе сфатиме дека нашиот хрчак ЕУ – членството – е мртов, тогаш и ние ќе се распаднеме како тој несреќен сопруг. Генијална аналогија на академик Коцарев.
А има ли потреба да се арчат слова за тоа како слови Клетников? Клетников златоуст, Клетников поетот, публицистот, есеистот, но и на мое пријатно изненадување и Клетников филозофот. Есеите „Адаме, кај си“ и „Македонија и Спиноза“ се филозофски есеи par excellence. Во „Адаме, кај си“ тој глаголи за светоста на плотта, целосно на линија на моите омилени руски мислители, меѓу кои Берѓаев и Мерешковски, но иако тоа е моја омилена тема, во случајов би била непотребна дигресија.
И не само како вистински поет, туку и како длабок филозоф, тој и разбира и покажува дека имињата не се празни – тие се вистинскиот живот на нештата, нивното онтолошко средиште и жива метафизичка реалност, и оттука не е безопасно преименувањето. Тоа не е само политички, дури не е само и историски чин – тоа е длабоко онтолошки чин на менување на суштината! За Клетников, дури и уште повеќе – „јазикот, словото, а сходно на тоа и имињата имаат божествено потекло“. Оттука, ние не сме само размакедончени, ние сме и обезбожествени.
Но, не очајувајте. Кај Клетников, исто како и кај Коцарев, нема место за очај. Колку и да се чини дека сè е сторено пепел, имајте на ум дека пепелта никогаш не го заборава огнот! Оти како што вели Клетников: „не можат тие темни да го скротат огнот на името во пепелта на столченото племе, ставено во мртовечка урна“!
Оптимизмот, надежта, екстатичноста… уште повеќе се осетни кај Клетников, со тој архетипски звучен извик „И-иии-их“ – тој извик на свадбарска екстаза не е само болен крик, тоа е крик на огнот во нас, кој никнува повторно од пепелта во која сакаат да нѐ сторат. До таму ќе трансцендира оваа наша болка, верува Клетников – до тој вехеметен крик на екстатичност и на верба дека нема да исчезнеме, оти сме сотворени – уште еднаш – од електрони на воскресението.
Затоа вие, на кои в рака ќе ви падне оваа книга, доаѓате во пресрет на таа судбина што не може да се избегне. Вие не сте само читатели. Секој од вас по читањето на оваа книга ќе стане чувар на болката, но и медиум на екстазата, сведок на убавината. А „Името: болка и екстаза“ не е крик на очај, туку обред на обновување. Болката е наша енергија, екстазата – наша слобода. Македонија е Феникс, а оваа книга – нејзиниот жар. Вечерва ја донесуваме светлината во мрачното европско небо. Да изгрееме повторно.
И историјата ќе помине, но болката и екстазата остануваат. А ние сме македонската таинствена синтеза и на болката и на екстазата, врзана со вековите, сега и секогаш.
Трајче Стојанов
Авторот е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип