Според истражувањето на „Елиамеп“, две третини од грчкото општество или околу 65 отсто од грчкото население се против договорот, и тоа не може брзо да се промени!? Ваквиот последен податок дополнително ги продлабочува недовербата и сомничавоста на двете страни. Дали ваквото расположение се одразува пошироко на „народните маси“? Ќе се одрази ли истото тоа врз гласањето во Грција? Засега, ова прашање е без дециден одговор. Останува да видиме
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Како што се надеваат неговите поддржувачи, тој веќе од следната година би требало да му стави крај на спорот што трае четврт век. Но до неговото конечно спроведување има уште работа, а богами и амбивалентни ставови и во Грција, но и овде, на што малку повеќе треба да се внимава. Вака барем предупредуваат грчките аналитичари што изминативе денови во земјава дебатираа за тоа како да се зголеми довербата меѓу двете држави и двата народа.
Токму во клучниот период на финализирањето на процесот за името во македонското собрание, аргументите што ги користат претставниците на „Елиамеп“, највлијателна грчка експертска група, во последното свое истражување е дека не сите сегменти на грчкото општество се запознаени со клучните делови од договорот за името, што во исто време резултира со притисок врз владата на Алексис Ципрас, која, пак, по Нова година ќе треба да обезбеди мнозинство за договорот за името, но и пристапниот договор за НАТО, кој треба да биде ратификуван во грчкиот парламент.
Но, според „Елиамеп“, практично две третини од грчкото општество или околу 65 отсто од грчкото население се против договорот и тоа не може брзо да се промени!? Ваквиот последен податок дополнително ги продлабочува недовербата и сомничавоста на двете страни. Дали ваквото расположение се одразува пошироко на „народните маси“? Ќе се одрази ли истото тоа врз гласањето во Грција? Засега, ова прашање е без дециден одговор. Останува да видиме.
Во исто време расположението на политичарите во владите и во Скопје и во Атина е речиси идентично. Тие се стопроцентно убедени дека докрај ќе ја истуркаат институционално работата, без никакви проблеми.
Надлежните во двете држави можат да се потсетат на мудрите мисли на некогашниот американски претседател Френклин Рузвелт, кој рекол дека правилата на демократијата ги одредуваат гласачите, а не претседателот, сенаторите и конгресмените
Но Грција влегува во предизборен период, каде што во мај следната година ќе се одржат европските избори, а климата засега е поларизирана во парламентот. Иако прогнозите се позитивни, дека договорот од Преспа ќе мине во грчкиот парламент, има многу променливи елементи и засега токму тоа ја прави грчката владејачка каста – фрагилна. Процените на експертската јавност и во Грција и во Македонија се дека двете општества мора интензивно да работат на градење доверба и меѓусебно разбирање за подобро запознавање и решавање на отворените прашања, меѓу кои и она клучното – за името.
Од друга страна, и кај нас нема некои скорашни реални и релевантни показатели. Се разбира, ова важи ако не се земат предвид комплетните резултати од референдумот, кои се своевиден показател на мнението околу промена на името. Иако последните анкети во земјава од МЦМС, направени некаде на средината на летото на оваа тема покажаа оскудна поддршка за договорот на македонските граѓани, каде што 54,1 отсто се изјаснија дека не го поддржуваат договорот со Грција за промена на името Република Македонија, се става на внимание до сите чинители во спорот од двете страни на границата, дека сериозно треба да се подразмисли дека договорот сѐ уште ја нема „консензуалната љубов“, која навистина е потребна за вака длабоки и далекосежни заемни „врски“.
Токму знаејќи ги сите овие работи што ги споменав, надлежните во двете држави можат да се потсетат на мудрите мисли на некогашниот американски претседател Френклин Рузвелт, кој рекол дека правилата на демократијата ги одредуваат гласачите, а не претседателот, сенаторите и конгресмените.