За осаменоста, отуѓувањето или алиенацијата пишував многу во периодот на пандемијата на ковид-19. Но, еве, и кога помина пандемијата, осаменоста е присутна како феномен кај многу луѓе. Од друга страна, терминот сиромаштија се однесува на состојбата или условите во кои луѓето или заедниците немаат финансиски ресурси и други основни потреби за минимален животен стандард. Како такви, тие не можат да ги задоволат своите основни човечки потреби. Луѓето и семејствата што живеат во сиромаштија може да останат без соодветно домување, чиста вода, здрава храна и медицинска помош. Секоја нација може да има свои критериуми за одредување на линијата на сиромаштија и броење колку од нејзините луѓе живеат во сиромаштија.
Сиромаштијата ги загрозува животите на милијарди луѓе низ светот. Додека богатите се многу малку, тие го користат богатството за стекнување уште поголемо богатство на сметка на сиромашните. Така, најбогатите 1 отсто поседуваат речиси половина од светското богатство. Сиромаштијата е социоекономска состојба што е резултат на повеќе фактори – не само приходот. Тие фактори вклучуваат раса, сексуален идентитет, сексуална ориентација и пристап до образование, меѓу другото. Во САД се проценува дека 11,1 отсто од жителите се сиромашни. Како и сè друго, кај нас, иако се знае дека сме на дното по БДП, нема точни статистички податоци за процентот на сиромашни.
Најновата студија (објавена во мај 2025) спроведена во 20 европски земји покажува дека луѓето во групите со најниски приходи имаат значително поголема веројатност да се чувствуваат осамено од оние со повисоки приходи, иако, според нивните изјави, се дружат еднакво често. Осаменоста била тесно поврзана со група одбранбени симптоми – болка, замор и лошо расположение – кои се покажале особено сериозни кај сиромашните.
Студијата покажа дека социјалната поврзаност (дружењето) помогнала да се намалат овие симптоми, но заштитните ефекти сепак биле најсилни кај оние што живеат во сиромаштија. Овие наоди сугерираат дека социјалните односи се клучни за ублажување на здравствените влијанија од економската неповолност и ја истакнуваат потребата од насочена поддршка од заедницата кај популациите со ниски приходи.
Само да потсетам, луѓето се социјални суштества и без комуникација и поддршка го губат тлото под нозете!
Новата студија од Универзитетот во Оксфорд е објавена во списанието „Јавно здравство“ и покажува дека европските луѓе во децилите со најниски приходи имаат многу поголема веројатност да се чувствуваат осамено од оние во децилите со највисоки приходи, и покрај тоа што нема разлика во тоа колку често се дружат. Децилот е квантитативен метод за разделување на множество рангирани податоци на 10 потсекции со еднаква големина.
Понатаму, и сиромаштијата и осаменоста биле силно поврзани со повисоки одбранбени симптоми како покачени нивоа на болка, замор и лошо расположение. Студијата исто така покажа дека ефектите на намалување на симптомите кога постои социјална поврзаност биле најмногу изразени кај луѓето што живеат во сиромаштија. Односите забележани помеѓу нивото на приход, осаменоста и кластерот на симптоми се задржуваат дури и кога се земаат предвид условите за живеење и брачниот статус.
Овие наоди имаат важни импликации за социјалната, економската и здравствената политика, што укажува дека силните социјални врски можат да послужат како важни тампони против некои од здравствените последици од сиромаштијата.
Одбранбениот кластер на симптоми се однесува на збир на често коегзистирачки и меѓусебно зајакнувачки симптоми, кои, сфатени од еволутивна перспектива, го претставуваат одговорот на телото на опасност и оскудност.
Луѓето еволуирале во групи што обезбедувале пристап до ресурси и заштита од опасност; кога се чувствуваме социјално исклучено или изолирано, нашето тело реагира со збир на симптоми што треба да нè заштитат, на пример, болката ни помага да се заштитиме од повреди, а заморот и лошото расположение може да ни помогнат да заштедиме енергија.
Истражувачите, предводени од д-р Аран Дејвис од Универзитет во Оксфорд, ги истражиле податоците од 24.505 испитаници од 20 европски земји.
Клучните наоди би биле следните:
Луѓето во групата со најниски приходи имале поголема веројатност да пријават дека се чувствуваат осамено во неделата пред испитувањето (49 отсто) отколку луѓето во групата со највисоки приходи (само 15 отсто). Овие податоци остануваат неизменети и покрај тоа што луѓето во различни групи на приходи пријавиле дека се дружат со семејството, пријателите и колегите.
Луѓето што пријавуваат дека се чувствуваат осамено, во просек, имаат повисоки резултати на кластерот на симптоми. Просечната осамена личност има резултат на кластерот на симптоми што е повисок од 67 отсто од неосамените луѓе. Сепак, разликата во просечниот резултат на кластерот на симптоми помеѓу осамените луѓе и неосамените луѓе е значително поголема во групата со најниски приходи отколку во групата со највисоки приходи. Просечното осамено лице во групата со најниски приходи има резултат на кластерот на симптоми повисок од 73 отсто од неосамените луѓе во истиот децил на приходи. Во децилот со највисоки приходи, просечното осамено лице има повисок резултат на кластерот на симптоми од 65 отсто од неосамените луѓе.
Триесет отсто од осамените лица од децилот со најниски приходи имале високи резултати на кластерот на симптоми во споредба со само 2 отсто од неосамените луѓе во децилот со највисоки приходи, што укажува дека социјалните односи играат особено важна улога во влијанието врз здравствените исходи на луѓето што живеат во сиромаштија.
Односите забележани помеѓу нивото на приходи, осаменоста и кластерот на симптоми се задржуваат дури и кога се земаат предвид условите за живеење и брачниот статус.
Сите досегашни истражувања ги идентификуваа социјалните односи како амортизери на негативните ефекти од сиромаштијата.
Наодите од оваа студија сугерираат дека со намалувањето на материјалните ресурси, важноста на социјалните ресурси се зголемува, при што оние што се и во сиромаштија и осамени покажуваат највисоки резултати на кластерот на симптоми.
Односот помеѓу сиромаштијата и лошото здравје е добро воспоставен, а претходните истражувања сугерираат дека осаменоста може да биде исто толку лоша за нас како и пушењето.
Оваа студија покажува дека за луѓето што имаат ниски приходи и се осамени, трошоците за здравство се особено изразени. Во тој контекст, таа треба да инспирира повеќе истражувања за факторите што ги наведуваат луѓето да се чувствуваат социјално изолирано и за развој на политики што поддржуваат силни заедници во социоекономски загрозените области.
Клучни факти:
Јаз помеѓу приходите и осаменоста: 49 отсто од лицата со ниски приходи се чувствувале осамено наспроти 15 отсто од врсниците со високи приходи.
Здравствен данок: Осамените луѓе во сиромаштија покажаа највисоки нивоа на болка, замор и лошо расположение.
Социјално зацврстување: Силните врски најефикасно ги намалуваат симптомите кај најсиромашните групи.
Според тоа, мојата порака е – дружете се, комуницирајте и давајте си поддршка едни на други и покрај сиромаштијата. Всушност, дружељубивоста е една од карактеристиките на нашиот народ и таа треба да се поддржува.