Политичкиот бонтон како повод
- Бонтон е збир на норми за правилно однесување до кои треба да држат луѓето. Потекнува од францускиот збор „бон тон“ што значи добар начин, добар стил. Бонтонот не е некаков вид закон, неговата цел е да ги научи луѓето да се однесуваат и да комуницираат пристојно во секоја пригода. Лицата што не ги почитуваат основните правила на бонтонот се сметаат за непристојни, невоспитани и прости. Но вистината е дека бонтонот се менува насекаде во светот. Она што било пред сто или пред педесет години, сега за младите изгледа чудно и смешно. Сепак, основните својства и значењето на четирите волшебни збора – фала, молам, повелете, простете – не губат од вредноста ако се сака човек да се претстави во пријатно и убаво светло, каде и да е во светот
- Сѐ додека политичарите се зачаурени и слепи пред кичот, сиромаштијата, примитивизмот, варварството и духовната беда во сопствената земја и сопствените редови, сѐ додека партиските и личните коруптивни интереси се пред државните и оние на нацијата, тешко е да се очекува атмосфера на напредок, доверба, лојалност и љубов кон сопствената татковина. Тука се поставува прашањето ако е такво однесувањето на политичарите, ако се такви нивните карактеристики и однесувања, какви може да бидат жителите. Ако политичарите се некултурни, ако се бесчувствителни, ако не го почитуваат основниот бонтон, каков може да биде народот?
Уште од почетокот на животот, од детските години кога прозборуваат, многу од луѓето во светот се запознаваат со четири збора што се употребуваат речиси секојдневно: фала (благодарам), молам, повелете и простете. Овие четири збора се важни во секој дел од животниот пат, од детството, преку образованието, до крајот на активниот деловен и приватен живот. Тие ги разубавуваат односите меѓу луѓето и не случајно се наречени „четири волшебни збора“ што ги отвораат сите врати во цивилизираниот свет и што се основата на секојдневниот бонтон.
Во бурниот политички живот не е лесно да се зачуваат нервите и да се испочитува минималниот бонтон. Денешните доста млади и модерни политичари стануваат свесни дека сѐ поретко некој политичар се прославил со покажана толеранција или со господски гестови. Повеќе се на сцена поинаквите постапки, кои колку што отстапуваат од нормалноста, колку се поарогантни и поцинични, толку стануваат попопуларни и поприфатливи. Природно е што некои поранешни традиционални правила на убаво однесување се заборавени, дури и смешни, но тоа не треба да значи дека може да се отфрла секаква пристојност, особено од оние личности што ја претставуваат државата или некоја нејзина институција.
Неодамна јавноста беше информирана за инцидент што се случил во ходниците од Собранието меѓу лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристевски. Според очевидци, навистина имало инцидент и нема да навлегуваме ниту во мотивот ниту во природата на инцидентот. Но отворени или кулоарски инциденти меѓу пратениците во Собранието не се некоја новост. На врвот на листата секако се два масовни, сѐ уште свежи во сеќавањето на политичката јавност. Едниот е таканаречениот „црн понеделник“, кој се случи на 24 декември 2012 година, кога од власта на ВМРО-ДПМНЕ, под Никола Груевски, беа присилно отстранувани од големата сала пратениците на опозицијата и новинарите при усвојувањето на буџетот. Вториот е „крвавиот четврток“ од 27 април 2017, кога стотина припадници на здружението „За заедничка Македонија“ упаднаа во собраниските простории. Како што е познато, тој упад, од страна обвинителството на Република Македонија, беше квалификуван како тероризам и произведе низа судски процеси, со изречени дологодишни казни.
Освен тие два кулминациски упада во домот на демократијата, проследувачите на собраниските хроники забележуваат дека балканскиот темперамент на пратениците и наследството од борбените, понекогаш братоубиствени, традиции на народот, често доаѓаат до израз. За тоа сведочат честите жестоки ситуации што изобилуваат со тешки зборови, дрски одговори, непристојни навреди, физички закани, постапки што го покажуваат неугаснатиот борбен дух на некои од народните претставници, сегашни или бивши.
Премногу страсти, премногу ирационални пресметки во милитантен дух – кој ќе го скрши микрофонот, кој ќе тропа на клупите, кој кому ќе му го свитка вратот, кој кого ќе го повика на пресметка на улица, кој кого ќе исмее или понижи. Без јазичен бонтон, со јазик на закана, на уцена, на дискриминација, на лага, на понижување и валкање на ликот на припадникот на противничката партија. Напати и самиот телевизиски екран при пренос на некоја седница мириса на обид за убиство, како некој да сака да убие некого, па бидејќи тоа не може да го направи на дело, се обидува да го убие противникот со зборови.
Малку има етика, уште помалку естетика во тие настапи. Слично на ријалити програмите на српските телевизии.
Експертите и теоретичарите на правото би утврдиле дека во македонското Собрание владее поданички тип на политичка култура, каде што е присутна силна припадност кон Владата и централните органи на власта, целосно вазалство спрема тие извршни авторитети. Централната власт е господарот, Собранието негов покорен слуга, што од своја страна ги покажува скромната демократска традиција и доминацијата на автократскиот начин на владеење.
Не би било погрешно да се рече дека во некои моментни може да се помисли дека македонското Собрание наместо „расадник на демократијата“, се трансформира во „легло на омразата“. И не е така само во Собранието. Со тој вирус е опфатена целата политичка сцена, можеби и целата држава. Генерално гледано, политичарите денес немаат способност да се чујат едни со други, власта и опозицијата се на два паралелни фронтовски колосека, кои, за жал, немаат пресек што би бил заеднички и би бил резултанта што ги идентификува прогресот на државата и среќата на граѓаните.
Повеќе се фалат одошто прават, озборуваат наместо да признаат туѓи заслуги, не слушаат што зборуваат другите, го ветуваат она што не може да го исполнат, не се однесуваат и не се облекуваат во согласност со местото на кое се наоѓаат и со социјалните групи со кои се среќаваат.
Сѐ додека политичарите се зачаурени и слепи пред кичот, сиромаштијата, примитивизмот, варварството и духовната беда во сопствената земја и сопствените редови, сѐ додека партиските и личните коруптивни интереси се пред државните и оние на нацијата, тешко е да се очекува атмосфера на напредок, доверба, лојалност и љубов кон сопствената татковина. Тука се поставува прашањето ако е такво однесувањето на политичарите, ако се такви нивните карактеристики и однесувања, какви може да бидат жителите. Ако политичарите се некултурни, ако се бесчувствителни, ако не го почитуваат основниот бонтон, каков може да биде народот?
Бонтон е збир на норми за правилно однесување до кои треба да држат луѓето. Потекнува од францускиот збор „бон тон“ што значи добар начин, добар стил. Бонтонот не е некаков вид закон, неговата цел е да ги научи луѓето да се однесуваат и комуницираат пристојно во секоја пригода. Лицата што не ги почитуваат основните правила на бонтонот се сметаат за непристојни, невоспитани и прости. Но вистината е дека бонтонот се менува насекаде во светот. Она што било пред сто или пред педесет години, сега за младите изгледа чудно и смешно. Сепак, основните својства и значењето на четирите волшебни збора -фала, молам, повелете, простете – не губат од вредност ако се сака човек да се претстави во пријатно и убаво светло, каде и да е во светот.