„Пеколот е празен, сите ѓаволи се тука!“, напишал во 1611 година генијалниот англиски писател Вилијам Шекспир во драмата „Бура“, чие дејство се одвива на маѓепсан остров во Средоземно Море, населен со духови. Пишувајќи за личните и општи судбини на македонскиот народ за време на Балканските војни и Првата светска војна во култниот „Пиреј“, 369 години по Шекспир, генијалниот македонски писател Петре М. Андреевски ќе ги најде ѓаволите во Македонија и ќе го изнесе своето видовито пророштво во 1980 година во својот роман: „Јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаоли играат околу неа!“ Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, уште еден од бескрајната реденка меѓународни и европски комесари и емисари, доаѓа во Македонија, 45 години по Петре М. Андреевски, за да бара и тој на 15 мај промена на Уставот на суверена Република Македонија. Навистина е пеколот празен, сите ѓаволи се во ЕУ и сега играат околу казанот, во кој е клаена Македонија, барајќи да си го промени Уставот, а ние очекувавме да си ја видиме татковината во „мирисливо европско цвеќе“!
Има право Кошта: Нема повеќе за што да се преговара – во врска со Македонија! „Кога прашувате за гаранции, јасно е дека тоа што е договорено е договорено и сега веќе нема за што друго да преговараме, нема простор да се бара нешто повеќе. Нема план Б, најдобро е да се насочите на планот А. Не треба да го потценуваме планот А и треба да се насочиме на тој план. Знаеме кои се Копенхашките критериуми, знаеме кои реформи треба да се завршат, знаеме што беше договорено во 2022 година и сега мора да го остварите тоа!“, кажа отсечно Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, индиректно алудирајќи на барањето на Бугарија и ЕУ да се промени македонскиот Устав и во него да се вметне „бугарскиот државотворен народ“.
Со оваа порака претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, одговори на прашањето дали Европската Унија ќе понуди некакви гаранции за македонската влада за продолжување на преговорите со Брисел. Има право Кошта: сега чинам е конечно јасно дека нема што повеќе да преговараме, оти нема веќе простор да се бараат „гаранции“ за промената на Уставот со одложено дејство, заради „евроинтеграцијата на Македонија“. Но можат ли да се бараат и да се очекуваат „гаранции“ од „гладниот софиско-бриселски волк“ дека нема да го изеде „македонското јагне“, оти нема да го гиба, ами чесно и ревносно ќе го „чува“?!
„Планот за евроинтегрирање“ на Македонија е план ист како пред 112 години
Мора да си разјасниме конечно: сите овие „евроинтеграциски играња“ околу „казанот“ и Македонија во него немаат никаква врска со „зачленувањето“ на „нашата држава“ во Европската Унија. „Собраните околу казанот“ ја кријат нивната главна цел, поради која пак доаѓаат и пак го зголемуваат притисокот врз Владата и сите други што се спротивставуваат на промената на Уставот. „Планот А и Б“ за „интегрирање на Македонија во ЕУ“ всушност води кон редефинирање на Македонија и, последователно, кон нејзина поделба, а сите толкави оптрчувања околу Уставот на македонската држава имаат многу слични или идентични белези како случувањата за време на Лондонската конференција на 30 мај 1913 година, кога беше запечатена судбината на Македонија и кога беше одлучено кој ќе го добие и ќе го окупира овој или оној дел на етничка Македонија. Во 1912 и 1913 година се водеа Првата и Втората балканска војна главно меѓу Србија, Бугарија и Грција, со директно или индиректно учество и на Албанија, Романија, Црна Гора и европските големи сили и Турција околу најважното прашање: по пропаѓањето на Турската Империја, кој ќе ги добие и кој ќе ги завладее деловите на територијата на етничка Македонија? Да потсетиме, пред 111 години, Грција го доби егејскиот, беломорски дел на етничка Македонија. Бугарија, пак, во 1913 го доби пиринскиот дел на етничка Македонија. Вардарскиот дел ѝ припадна на Србија. Албанија тогаш доби 1.115 квадратни километри од западниот дел на македонската етничка територија. Токму ова неверојатно личи на сегашнава геополитичка бркотница околу внесувањето на „државотворниот бугарски народ“ во македонскиот Устав, та зарем толку станала важна оваа „мала“ држава Македонија да се „зачленела во ЕУ“?! Се повторува ли историјата?!
Да се преврти „евроинтеграцискиот казан“
И сега, што понатаму? Не ли е дојдено време Македонците конечно да го превртат „евроинтеграцискиот казан“, во кој е „клаена Македонија“, неа да ја извадат од таму и да им кажат на „ѓаолите“ да си се вратат во „пеколот“, без Македонија во нивни раце?!
Во рефератот во 1938 година по повод основањето на Македонскиот литературен кружок во Софија, Никола Јонков Вапцаров ќе го изнесе својот вонвременски аманет за секое македонско поколение, кој има исклучително значење и за сегашново поколение и токму денес: „Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овој пат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“.
Сега треба македонските политичари да ја преземат одговорноста за македонското дело и со своите активности да бидат во служба на македонската кауза: да се разбере дека жестокото величие на оваа епоха не се состои во „чекорењето по патот кон ЕУ“, туку во земањето на македонската судбина во сопствените македонски раце. Конечно, никој не е против ЕУ, посебно не треба да се биде евроскептик за ЕУ која се темели на нејзините изворни вредности. Со ЕУ треба да се има и да се развива партнерство, но со таков облик и форма што ќе ни обезбедат опстој и просперитет и ќе поттикнуваат најдобро издание на Македонија во сите сфери на општественото живеење, уважувајќи на сите наши историски идентитетски различности од другите европски и неевропски држави и нации.
Свето Тоевски