Време на зреење: Македонија 2025

Ако може да го сублимираме она што се наметнува деновиве со оглед на динамичноста на Владата во меѓународните односи, но и на актуелните геополитички движења во светот, она што е најбитно во овој момент е потребата промптно „да се отворат клучните врати“, да се забрза протокот во сите можни комуникациски канали со водечките личности во таргетираните држави, а во случајов пред сѐ кон САД. Ова се наметнува како приоритет, не само за економски просперитет, за што сведочевме дека е една од основните заложби на „Македонија 2025“, туку и да се забрза протокот на идеи, ставови, луѓе и конкретни решенија за сите „квазизатворени политички и безбедносни прашања врзани за Македонија“, за кои меѓународните елити сметале дека со некаков свој либерален пристап – ги затвориле, а не е така!

Изминативе денови Скопје беше домаќин на самитот „Македонија 2025“, најголемиот ваков собир досега, со учество на 36 истакнати говорници во 14 панел-сесии, на кој присуствуваа над 700 претставници од домашни, глобални и компании од дијаспората, експерти и лидери. Овој пат фокусот беше ставен на иднината на образованието, трансформативната моќ на вештачката интелигенција, глобалните можности за македонските компании и клучната улога на дијаспората во националниот развој.
Накусо, тоа се основните податоци за самитот на организацијата „Македонија 2025“, кој започна како визија на Џон Битов Постариот уште во 2002-2003 година, официјално постои веќе 18 години, а настанот на кој секоја година присуствуваат голем број успешни бизнисмени од нашата земја, но уште позначајно и од целиот свет, се организира веќе 14 година по ред.
Но она што е особено значајно и што треба да се потенцира е дека оваа организација, основана од македонски иселеници што изградиле успешен бизнис далеку од Македонија, од самиот почеток се декларира дека ќе се залага за срдечна поддршка за земјата, со цел поголем економски раст, но и подобар животен стандард за граѓаните.
Токму затоа овој самит што се одржа во годината што беше поставена во самиот наслов, како некаква цел што треба да се достигне, е убава можност за да се направи еден пресек, да се види што е постигнато досега, а што е пропуштено да се направи, каде биле пречките и кои се новите перспективи. И добро е што годинава се стави акцент на образованието, на вештачката интелигенција и сето она што го носи новото време со себе. Но се чини дека токму прашањето што може нашата дијаспора да направи за националниот развој – е клучното прашање во овој момент на сумирање на резултатите и поставување нови, повисоки цели за реализација.

Ако може да го сублимираме она што се наметнува деновиве со оглед на динамичноста на Владата во меѓународните односи, но и на актуелните геополитички движења во светот, она што е најбитно во овој момент е потребата промптно „да се отворат клучните врати“, да се забрза протокот во сите можни комуникациски канали со водечките личности во таргетираните држави, а во случајов пред сѐ кон САД. Ова се наметнува како приоритет, не само за економски просперитет, за што сведочевме дека е една од основните заложби на „Македонија 2025“, туку и да се забрза протокот на идеи, ставови, луѓе и конкретни решенија за сите „квазизатворени политички и безбедносни прашања врзани за Македонија“, за кои меѓународните елити сметале дека со некаков свој либерален пристап – ги затвориле, а не е така!
Што се однесува до економскиот дел, акцентот треба да биде ставен на создавање услови за почнување преговори за склучување договор за слободна трговија со САД, земјата со која веќе имаме договор за стратегиско партнерство.
Во политичкиот дел клучно прашање за нас е Вашингтон да ни биде коспонзор пред ООН за клучните идентитетски ограничувања и опструкции што ни ги направија другите земји, но и да побараме поддршка за евроинтеграцијата.

Се разбира, не треба да го испуштиме ниту делот на безбедноста, каде што веќе имаме наш висок претставник, да лобираме да добиеме поддршка за да се реализира ветената помош од НАТО за реконструкција на инфраструктурата (не само на воената на полигонот Криволак, како и на сообраќајната) туку и инфраструктурно поврзување на линијата на коридорот 8, за кој слободно може да се каже дека во ваква фрагментирана состојба е мекиот стомак за копнено поврзување и инфраструктурно вмрежување на Источното крило на НАТО.
Очигледно е дека има многу полиња за работа, за лобирање, за исполнување на основните заложби на организацијата „Македонија 2025“ – како што веќе потенциравме – срдечна поддршка за земјата, со цел поголем економски раст, но и подобар животен стандард за граѓаните. Иако на прв поглед станува збор за прашања од економскиот сектор, тие се неизбежно поврзани и со политичките, па и безбедносните, образовните, здравствените, социјалните… Пред организацијата, која влезе во своето полнолетство, стојат сериозни предизвици што ги носи новото време.